Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) „Здрави деца“, „нормални паралелки“, „нормални ученици“ – како стигматизираат новинарите

Новинарите мора да ги почитуваат професионалните стандарди при известувањето за маргинилазираните групи. Ние не смееме да дискриминираме, да стигматизираме и да шириме говор на омраза.

“Здрави“ и „нормални“  и деца со “мозок на тригодишно дете“. Денеска новинарката Антонија Поповска одбра стигматизирачки зборови да ги изложи своите мислења за новиот закон кој предвидува вклученост на сите деца во образовниот систем во основното и средно образование. Новинарката на ИРЛ пред да го постави своето прашање до министерот, реагираше за начинот на којшто се зборуваше за децата со тешка попреченост.

„Министре имам прашање, се однесува на инклузивното образование кое го најавувате и за што се залагате изминатиов период. Не знам што зборувавте со дефектолозите на состаноците што ги имавте, меѓутоа има деца со тешка инетелектуална попреченост кои што имаат мозок на три годишно дете, а имаат десет години, кои што се принудени да носат пелени бидејки немаат буквално никаква шанса тие деца да бидат дел од нормална паралелка и нормална училница и да учат заедно со здрави деца. Дали сте свесен дека на овој начин, со овој закон ке им направите тешко и на нив и на нивните родители и на здравите деца и на наставници кои секојдневно ќе треба да се соочуваат со нив и да работат заедно со нив“, рече, односно праша Антонија.

„Јас се извинувам, но немојте така. На секое дете треба да му се пружи шанса и тоа го правиме со овој закон. Бидејки ние сме предвиделе секое дете со попреченост да се категоризира според МКФ и според можностите, предиспозициите и афинитетите ќе се подготвува индивиуален образовен план“, прв одговори министерот за образование Арбер Адеми.

Членот 10 од Кодексот на новинари вели дека „новинарот не смее свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)

Новинарите имаат голема моќ и со информациите кои ги пренесуваат и обработуваат влијаат на јавното мислење, а со тоа директно и на животот на сите граѓани. Новинарите мора да се држат до највисоките професионални и етички стандарди бидејќи само така ќе можат да го бараат истото од оние кои имаат моќ да одлучуваат, и на тој начин да се стремат да му служат најдобро што умеат на јавниот интерес.

Поврзана вест

Новинарката Антонија Поповска испрати извинување до јавноста во кое жали за погрешниот избор на зборови. Во македонското новинарство е голема реткост новинарите да се извинат за грешките кои ги прават, но и известувањата за грешките кои ние новинарите ги правиме се исто така многу ретки. Новинарите имаат обврска да ги почитуваат и да ги знаат професионалните и етички стандарди, но еснафот мора да е способен да укаже на грешките на колегите бидејки на крајот на денот сите работиме за истиот клиент – граѓаните. Како што критиката го крева нивото на одговорност кај владите и администрацијата, така истата го поттикнува и подобрува напредокот во имплементирањето на истите тие стандарди. Новинарката Антонија испрати искрено извинување, кое може да го прочитате на следниот линк.

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »