Press "Enter" to skip to content

Зоран Заев и Биг Мајк: Грандиозни и мистериозни планови

28.8.2019 година

Не се случува често светска бизнис естрадна ѕвезда да го спушти својот приватен авион на скопскиот аеродром и да најави гламурозна претприемачка авантура која што од Македонија би направила европска „канабис супер сила”. И додека Мајкл Штрауметис на својот инстаграм профил не води низ секој чекор од средбите со функционери на високи позиции, вклучувајќи го и премиерот, секторот за односи со јавноста одбива да одговори која е целта на оваа посета и во какви преговори е со познатиот инстаграмџија и претприемач во полето на одгледување на канабис.

Тивко пристигнување во Македонија

Вторник наутро, Мајкл Штрауметис објавува фотографија на неговиот Инстаграм профил дека пристигнал во Северна Македонија. Следуваат видеа од полициската придружба кои што, популарно наречениот Биг Мајк, ги споделува со своите следбеници кои се бројат во 7 цифри. Откако е дојден, катаден Биг Мајк известува за своите супер планови за инвестициите во полиња со марихуана и го споделува својот ентузијазам за соработка со македонската влада. Речиси и нема медиуми кои ја следат оваа посета. Институциите не споделуваат ништо. Единствените информации се продукт на посветеноста на Биг Мајк на социјалните мрежи.

Тој ни кажува дека поразговарал со премиерот Зоран Заев и споделува фотографија од средбата.

„Зборувавме многу за канабисот. И, дозволете ми да ви речам, оваа земја има голем потенцијал. Возбуден сум што ќе бидам дел од претворањето на Македонија во една од европските супер сили“, ќе каже тој.

Грандиозни и мистериозни планови

На неговиот профил ќе се појават и фотографии од состаноци и со други функционери. Биг Мајк фанатично не известува за сите Македонци кои ги запознал и видел. Од градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, до функционери на високи позиции како министерот за здравство Венко Филипче. На некои од фотографиите може да се забележи дека тој е и во посета на некои од постоечките погони за производство на медицински канабис во земјава, но бидејќи не кажува каде, тешко е да се процени на кој погон и со кој и колку производители се видел. Како што е тешко да се каже и што точно прави во Македонија.

Фотографии од Инстаграм профилот на Мајкл Штрауметис, Биг Мајк

Разговорот меѓу Биг Мајк и Зоран Заев е тајна

Владините функционери ретко пропуштаат прилика да се пофалат со успесите. Тоа го прават преку соопштенија, а социјалните мрежи се нивниот омилен медиум. Но, никој од оние што се видоа со светската инстаграм ѕвезда со 2,8 следбеници не се пофали ниту со соопштение ниту со фотографија.

Тимот на ИРЛ денес испрати прашања до Владата на Република Северна Македонија за тоа која е причината за посетата на Мајкл Штрауметис и што се дискутирало на средбата со Премиерот на што добивме одговор дека нема професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата.

„Владата на Република Северна Македонија и премиерот Зоран Заев на дневно ниво реализираат бројни средби и работни состаноци на економски теми. Не постои професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата“, пишува во одговорот на прес службата на Владата.

Мајкл Штрауметис пред да стане Биг Мајк

Мајкл Штрауметис е роден во Портланд ,Орегон во семјество од работничка класа. На свои 19 години започнува компанија за ѓубрење на земјоделски производи, а на 23 влегува во бизнис со растење марихуана. Живеел во бегство повеќе од една деценија со седум различни идентитети. Во 1996 година откако е фатен како нелегално сади марихуана во Калифорнија, со лажен пасош влегува во Канада каде ја отвара својата компанија „Advanced Nutrients“.

Денес „Advanced Nutrients” е број еден компанија во светот за продажба на хранливи продукти специјализирани за канабис, со 90 милиони американски долари годишно во продажба во повеќе од 93 земји.

Мајкл Штрауметис во 2018 година започува активно да го користи својот Инстаграм профил, кога од претприемач прераснува во ѕвезда на социјалните мрежи. Тој активно објавува контроверзни фотографии од девојки, снимки од различни земји каде долетува со приватни авиони. Често зборува за неговиот бизнис во индустријата за производство на канабис и експанзијата на неговата фирма.

Фотографии од Инстаграм профилот на Мајкл Штрауметис, Биг Мајк

Македонија се отвара кон пазарот за канабис

Иако првите законски измени започнуваат со претходната влада, сепак, владата водена од СДСМ од самиот старт покажа посветеност да се позиционира на пазарот за производство на канабис и продукти од канабис. Премиерот напати го отворил и прашањето за легализацијата на марихуаната за лична употреба.

Првите чекори се прават пред речиси три години кога владата почнува да дели лиценци за производство на канабис за медицински цели.

Поделбата на лиценците, засега вкупно петнаесет, не помина без контроверзи. Директно, семејството Заеви е вклучено во две компании кои произведуваат марихуана за медицински потреби – „МАМ“ од Свети Николе и „Фарма-медика канабис“ од Валандово. 360 степени скоро ги истражуваа ефектите од инвестициите во овој бизнис и констатираа дека инвестициите засега не даваат никаков значаен придонес во македонската економија.

Во продолжение погледнете го видео истражувањето „Опоен бизнис” на Истражувачката репортерска лабораторија изработено минатата година во којшто се истражуваат играчите на потенцијално профитниот пазар на канабис и нивните врски со лица и центри на моќ.

Поврзани стории:

Опоен бизнис

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »