Press "Enter" to skip to content

Како две македонски влади саботираа скапа италијанска студија која требаше да го спаси Маврово

Градежното дивеење во Маврово е дело на две различни влади и две навидум сосема различни администрации. ИРЛ по првпат открива како лобирањето и трговијата со влијание за приватни интереси ќе го остават Националниот парк „Маврово“ со неизвесна судбина. Идејата да се изградат мали хидроцентрали на територијата на Националниот парк „Маврово“ ќе го блокира процесот за репрогласување на Паркот во заштитено подрачје. Во две од трите спорни мали хидроелектрани, кои сè уште не се изградени, како инвеститор се јавува поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Известуваат: Маја Јовановска, Ивана Настеска; Редактура: Миранда Спивак; Илустрација: Лука Блажев

Македонската кревка економија која е силно погодена од светската економска криза во 2008 година нема да биде во позиција да ги преземе сите чекори за поголема заштита на Националниот парк „Маврово“. Но тогаш италијанската влада одлучува да ѝ помогне на земјава и издвојува околу пет милиони евра за да се заштити еден од најстарите национални паркови во Европа. 

Националниот Парк Маврово за прв и последен пат е заштитен со закон во 1949 година поради неговите “извонредни убавини и историската и научна вредност на шумите и земјата во Мавровско поле”, како што пишува во првата одлука објавена во Службениот весник на тогашната Народна Република Македонија /Фото:ИРЛ

Националниот парк „Маврово“ добива надеж дека неговата научна уникатност и природна раскошност ќе биде повторно потврдена и заштитена со закон. Потребата за негово репрогласување произлегува од Законот за заштита на природа, а целта била да се констатира фактичката состојба во Паркот, да се утврдат зоните на заштита, да се направи ефикасен план за управување и сето ова да се преточи во закон со кој ќе се потврди дека Националниот парк сè уште заслужува да биде заштитено подрачје. 

Проектот кој бил насловен како „Заштита на животната средина, економски развој и промоција на одржлив екотуризам во Националниот парк ‘Маврово’“ ќе го потпишат министерствата за надворешни работи на Македонија и Италија. Еден и најзначаен сегмент од овој проект била изработката на Студија за валоризација на Националниот парк, чиј процес на реализација го водела италијанската невладина организација УКОДЕП, која подоцна се преименува во „Оксфам Италија“.

Иако просторниот план по кој требало да се изработува студијата бил застарен, бидејќи датира од 1986 година, сепак, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одлучува да го спроведе процесот.

Професорката од Шумарскиот факултет во Скопје, Македонка Стојановска, ќе биде назначена за координатор на студијата. Својата кариера ја посветила на решавање на предизвици од повеќе аспекти на шумарството во Македонија. Магистрирала и докторирала на скопскиот факултетот, а сега предава повеќе предмети во прв и втор циклус на студии, меѓу кои и предметот Управување со заштитени подрачја.

Тим од 34 домашни и меѓународни научници ќе бидат ангажирани да работат со Стојановска. Секој од нив добива задача да направи теренски истражувања, а нивните извештаи да се спојат во една студија. Експертите, секој од својата област, прецизно ги спроведуваат истражувањата и макотрпно ги забележуваат во извештаите. Детално се евидентирал животинскиот свет, се анализирале реките, дрвјата, се утврдувале надворешни и внатрешни граници. Се броело секое дрвце и животинче, се обележувале урбаните средини каде што сè уште живеат луѓе. Сè било под конец. Студијата од нешто повеќе од 400 страници е готова во 2012 година и во јануари 2013 година и официјално заверена како документ во ЈУ национален парк „Маврово“. Научниците се горди на сработеното. 

Новинарите на ИРЛ ја контактираа професорката Стојановска со цел да дознаат повеќе за процесот на изработка на студијата. Со неа се сретнавме во нејзиниот кабинет на Шумарскиот факултет во Скопје.

„Согласно административните процедури, на јавен оглас, јас бев избрана како научен координатор. Бев вклучена од почетокот на изработката, па сè до 2012 година, кога всушност оваа студија се предаде како готов документ во Министерството за животна средина“, се потсети професорката.

Во студијата биле вцртани и три зони на заштита: строга или црвена зона, зона на активно управување или жолта зона и зона за одржливо користење или зелена зона. Уредно е забележано во секоја од зоните какви активности смеат да се прават. 

На пример, во црвената зона, која изнесувала 8,419 хектари, не смее да има никакви активности освен за научно-истражувачки цели. Втората, жолта зона, со обем од 23,506 хектари, треба да се негува и да се управува со цел во иднина и таа да стане црвена зона, односно под строга заштита. Зелената и последна зона од 40,490 хектари е онаа во која се затечени населените места и само таму е дозволена урбанизација, секако, ако таа е планска и ако не влијае штетно на природата и животната средина. Утврдувањето на овие зони подоцна ќе се покаже како предизвик за властите во нивните обиди да се развива Паркот.

Во 2012 година, кога студијата е во завршна фаза, започнуваат подготовките за владиниот проект за малите хидроелектрани низ целата држава. Истата година владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе најави и проект за изградба на 400 мали хидроцентрали на територијата на целата држава. На прес-конференција за доделување концесии за мали хидроцентрали, предводена од тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, како претставник од приватниот бизнис ќе биде присутен господинот Кочо Анѓушев. Една година подоцна овој проект на тогашната влада ќе биде во директен конфликт со Студијата за валоризација за заштита на Националниот парк „Маврово“. Студијата никогаш нема да се преточи во закон со што се остава Паркот да биде уништуван на различни начини.

Студијата ќе се заврши речиси истовремено кога Кочо Анѓушев како инвеститор во 2012 година потпишува договор за мали хидроелектрани со поранешниот министер за економија Ваљон Сарачини.

„Сите мали хидроцентрали, вклучувајќи ги и овие за кои се потпишуваат договори денеска, би замениле една голема хидроцентрала како што се ‘Шпилје’, ‘Глобочица’ или ‘Тиквеш’, како во однос на производството така и во однос на инвестициите“, ќе изјави тогаш Анѓушев.

Никола Груевски планирал 400 мали хидроцентрали

На почетокот на 2013 година финишира Студијата за валоризација на Националниот парк „Маврово“. Неколку месеци по изготвувањето на студијата, на 28 мај 2013 година, тогашната влада со потпис од вицепремиерот Зоран Ставревски донела одлука дека предлогот за репрогласување на Националниот парк е прифатлив и процесот треба да продолжи. Тоа никогаш не се случило. 

Истата година Анѓушев станува и претседател на Македонската енергетска асоцијација и Групацијата на производители на обновливи извори на енергија при Стопанската комора. Од оваа позиција ги продолжува добрите соработки со тогашната владејачка гарнитура за проектите за обновливи извори на енергија. 

Тогашниот премиер Никола Груевски, истата година, ќе го објави проектот за изградба на 400 мали хидроелектрани и ќе најави дека ќе се спроведува во неколку фази.

„Иако се мали, со оглед дека се многубројни, кога ќе се соберат на куп, ќе бидат значајна енергетска поддршка и ќе обезбедат поголема стабилност на енергетскиот систем на Република Македонија“, ќе изјави Груевски на 21 ноември 2013 година.

Првата фаза од најавениот проект за малите хидроелектрани ќе се реализира во јануари 2014 година, кога Владата објавува повик за прибирање понуди за доделување концесии за 80 мали хидроелектрани. 

Во овој повик ќе се појават и три мали хидроелектрани што се во заштитениот појас во Националниот парк „Маврово“. Две на Жировничка Река со референтни броеви 5 и 6 и една на Рибничка Река со референтен број 7.

Истата година во март се основа фирмата „Хидроген груп“ на Предраг Чемерикиќ, а неколку месеци подоцна, во август, оваа компанија заедно со „Фероинвест“ на Кочо Анѓушев го формираат конзорциумот „Хидроген енерџи груп“. Истиот месец овој конзорциум е избран за најповолен понудувач за концесии на двете мали хидроелектрани на Жировничка Река (5 и 6). 

Жировничка Река каде се предвидени хидроцентралите на Анѓушев се наоѓа далеку од населените места, во строго заштитениот дел од Националниот Парк

За малата хидроелектрана на Рибничка Река како најповолен понудувач е избран конзорциумот „Актуел енерџи груп“ составен од „ЏС актуел Ѓоко“ и „ЈЕС глобал“, а управител е Сашо Митевски.

Во меѓувреме, процесот за повторно заштитување на Националниот парк „Маврово“ стагнира бидејќи студијата сè уште не е усвоена, иако во фаза на подготовка е и нацрт-законот за репрогласување на Националниот парк. Владата на Груевски никогаш нема да ја заврши процедурата со подготовка на законот и нема да го прати до парламентот за усвојување.

По чиј налог се менувале зоните

Наредната 2015 година владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе потпише концесии со избраните инвеститори, но се случува уште една важна работа. Се појавува таканаречена нова студија за ревалоризација на Националниот парк. Всушност, тоа е истата студија од 2012 година, но со променети зони на заштита. Во оваа верзија спорните три мали хидроелектрани ќе „излезат“ од црвената зона.

Оваа промена се случувала далеку од очите на експертите, а не била консултирана ниту професорката Стојановска. Дури во 2019 година, Стојановска од своите колеги ќе дознае дека има некоја „нова“ студија, но се надевала дека веројатно се работи за целосно ново истражување бидејќи од студијата на која таа работела одминале повеќе години. Но, нејзините претпоставки биле погрешни.

„Прво се обратив до ЈУ национален парк ‘Маврово’ да ги прашам дали знаат за ваков документ, дали го имаат и дали навистина моето име стои во него. Нивниот одговор беше дека кај нив нема таков документ и дека најверојатно го имаат во Министерството за животна средина. Заедно, на закажана средба со колега од ЈУ национален парк ‘Маврово’, отидовме до Министерството за животна средина и навистина ни беа покажани две, на прв поглед, идентични студии. Само што на едната стоеше 2012, а на другата 2015 година. А, најзначајната промена беше на картата на зонирање, а различна беше и површината под строга заштита“, вознемирено раскажа Стојановска.

Иако никој не ја консултирал за измените на зоните, и во променетата верзија, која низ институциите е позната и како „студијата од 2015 година“, ќе биде потпишано името на професорката како координаторка.

Содржина на слајдер: Левата страна на слајдерот ги прикажува границите и зонирањата предвидени во студијата од 2012, додека десната страна ја прикажуа изменетата студија од 2015 година во која што предвидените хидроцентрали повеќе не се во строго заштитена зона. Строго заштитените зони се обоени црвено.

„Не сум правел измени, не се сеќавам“

При потрагата на ИРЛ да дознае како настанале измените на зоните што овозможуваат изградба на мали хидроцентрали, од повеќе засегнати институции, беше посочено името на биологот Светозар Петковски, поранешен вработен во Природонаучниот музеј во Скопје. 

Петковски, на првата средба со новинарите на ИРЛ, одржана на 26 мај 2022 година, негираше дека ги направил измените и тврдеше дека тој бил дел само од проектот за студијата од 2012 година и бил исклучиво ангажиран од страна на италијанската невладина организација „Оксфам“ и дека немал никаков договор со ниту една наша институција. 

Сепак, ИРЛ дојде до документи што покажуваат дека на Петковски во текот на 2016 година му биле повеќекратно исплатени хонорари во висина од по 34 000 денари од страна на ЈУ национален парк „Маврово“. 

ИРЛ повторно отиде на средба со Петковски и го праша за исплатените хонорари, но тој тврди дека тие се однесувале на договор за советување за хидроелектраните „Бошков Мост“ и „Луково Поле“, а не за оние што се предмет на нашето истражување. Повторно го прашавме, зошто институциите го посочуваат неговото име за студијата од 2015 година? 

„Не сум правел измени, но можеби сум бил консултиран, не се сеќавам. Но, важно е да се каже дека ниту една од тие студии не е официјализирана“, вели тој.

ИРЛ во текот на истражувањето дојде до документи на кои се исцртани повеќе мапи со различни зонирања. Она што е заедничко за сите овие верзии изработени по студијата од 2012 година е намалувањето на зоните на строга заштита во подрачјата каде што одредени инвеститори сакале да градат мали хидроелектрани. 

И по повеќето цртани, па прецртувани карти, последната што влегла како „најприфатлива“ во студијата завршена кон крајот на 2015 година сега може да се види и на веб-страницата на Министерството за животна средина и на туристичко-информативни табли пред хотелски објекти во Маврово. 

На билбордите во Маврово како официјалја мапа за Националниот Парк е прикажан документот кој е изменет без согласност од научниците

Во 2015 година, освен што се менувале зоните, се подготвил и предлог-закон за репрогласување на Националниот парк „Маврово“, иако документацијата врз чија основа треба да се направи овој закон не била усвоена. 

ИРЛ се обрати до „Фероинвест“ и до господинот Кочо Анѓушев за да го праша дали тој бил информиран дека доколку се усвоела првичната студија од 2012 година концесиите за малите хидроелектрани во Националниот парк немало да бидат потпишани. Одговори дека е малцински содружник со помалку од два отсто во наведените мали хидроелектрани, а бидејќи тие не биле изградени, нашето истражување го оцени како беспредметно.

„За промените што се случиле во 2015 година Друштвото ‘Фероинвест’ ДОО Скопје ниту беше информирано дека предметните МХЕЦ се во заштитен појас ниту што довело до тоа тие да излезат од него. Мнозинскиот содружник имаше и има обврска да нè извести само пред наше евентуално ангажирање, со оглед на тоа дека беше предвидено нашата компанија да се вклучи само во техничкиот дел при реализација на проектот, а до што никогаш не дојде. Би сакале да допрецизираме дека МХЕЦ, кои се предмет на Вашиот допис, не се изградени, така што целата дискусија на оваа тема ја прави беспредметна“, одговорија од „Фероинвест“.

Аларм до Европа

Во меѓувреме екоактивистите од невладината организација „Еко-свест“ заедно со „Фронт 21/42“ ќе алармираат до Секретаријатот на Бернската конвенција при Советот на Европа за идејата на владата на Груевски за реализација на хидропроекти во границите на НП „Маврово“. За ова се отвора и случај во Стразбур меѓу невладиниот сектор и државата. Се дава итна препорака за прекин на проектите за големите хидроелектрани „Бошков Мост“ и „Луково Поле“, како и препорака за откажување на владиниот проект за малите хидроелектрани на територијата на Паркот. 

Активистите реагирале и за предлог-законот за репрогласување на Националниот парк „Маврово“, а со забелешки излегле и неколку институции. Секретаријатот за законодавство побарал усогласување со Законот за природа бидејќи се работи за заштитено подрачје. Општината Маврово и Ростуше забележала дека во предлог-законот треба да се има предвид оти освен флората и фауната во Националниот парк има 38 населени места во кои живеат околу 8 500 жители. ЈУ национален парк „Маврово“,пак, се произнесува дека го одобрува во целост предлог-законот и нема никакви забелешки.

Од невладината организација „Фронт 21/42“ велат дека со тој предлог-закон дел од зоната на строга заштита ќе бил деградиран во зона со најниска заштита. Затоа, Бернската конвенција го отворила случајот и препорачала да се откажат сите планови за изградба на двете големи хидроцентрали, но и напуштање на сите планови за мали хидроцентрали на територијата на Паркот. Случајот е сè уште отворен, а од декември минатата година препораката на Бернската конвенција се однесува и на сите дивоградби. 

„Врз основа на директното искуство со нашите институции и имајќи го предвид историјатот на настаните, нашата претпоставка е дека се избегнува носење на закон кој ќе оневозможи реализација на планираните мали хидроцентрали и можеби ќе наметне штета на постоечките и планираните дивоградби“, велат од „Фронт 21/42“.

Во 2016 година владата на Груевски, на седница одржана на 28 март, ја задолжува ЈУ национален парк „Маврово“ да ги утврди зоните на заштита и тој документ да го достави до Министерството за животна средина. Но, за овие одлуки на владината седница, од ЈУ национален парк „Маврово“ имаат поинакво толкување, односно тврдат дека тогашната влада од нив побарала да изготват ново зонирање со цел овозможување изградба на спорните мали хидроелектрани. 

„Владата на осумнаесеттата седница, одржана на 29 март 2016 година, до нас достави заклучоци со кои нè задолжи нас, Управата на Паркот и Министерството да направиме отстапки во делот на зонирањето со намера да се даде можност за изградба на малите хидроцентрали за кои веќе Владата имаше потпишано договор за реализација и тоа: Рибничка 7 и Жировница 5 и 6“, е наведено во документ изготвен од ЈУ национален парк „Маврово“ кој на 3 февруари 2022 година му бил испратен на министерот за животна средина Насер Нуредини, како појаснување на повеќегодишниот застој за процесот на репрогласување на Националниот парк.

Предлог-законот, кој ќе овозможеше изградба на мали хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“, не успеа да стигне до владина процедура и беше повлечен.

Екипата на ИРЛ на локацијата на која треба да се градат хидроцентралите на Анѓушев. Теренот е непристапен за возило. Дотаму стасавме по два часа искачување низ планински терен и преубава недопрена природа/ФОТО: ИРЛ

Кочо Анѓушев – инвеститор и вицепремиер 

На 1 јуни 2017 година бизнисменот Кочо Анѓушев станува дел од владата на Зоран Заев како вицепремиер за економски прашања. Медиумите го најавуваат професор д-р Анѓушев како докажан научник и бизнисмен кој ќе се грижи за економијата.

Кочо Анѓушев е еден од најбогатите луѓе во Македонија според магазинот „Форбс“. Поседува неколку фирми, чиј главен фокус е бизнисот со електрична енергија. 

Првата работа што ја направи кога влезе во неговиот кабинет, реши да се откаже од платата од 81 000 денари и да ја донира во хуманитарни цели и за стипендирање ученици. По само 20 дена од именувањето, се повлече од сите менаџерски позиции во фирмите.

„Што прави човек со таков капитал на тоа место? Мојот капитал е во Македонија. Јас немам резервен капитал и резервна држава. Мојот капитал ќе може да се развива само во развиена и нормална држава. Ете, и тоа е дел од мојата мотивација за да ја прифатам оваа функција“, вели во интервју за МКД.мк Анѓушев еден месец по назначувањето на функцијата вицепремиер. 

Првиот сомнеж за судир на интереси меѓу функцијата и бизнисот на Анѓушев се случува само три месеци по неговото влегување во Владата. Фирмата „Фероинвест“, чиј сопственик е вицепремиерот, учествува и добива тендери од државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). 

„Никаде во Законот за спречување на корупцијата не е наведено дека треба да престанам да бидам сопственик на компаниите. Тоа значи дека никој не треба да биде потпретседател на Владата бидејќи секој е сопственик на нешто. Јас не управувам во компаниите и како потпретседател на Владата не сакам да имам ниту еден бенефит од моето управување во Владата“, вака Анѓушев го бранеше својот интегритет во јавноста.

Судир на интерес не виде ни премиерот Зоран Заев, според кого формално-правно Анѓушев повеќе не е управител во фирмите.

„Грешка“ на службите 

На 28 ноември 2017 година владата на Зоран Заев го задолжува кабинетот на Кочо Анѓушев да ја следи состојбата со отворениот случај на Бернската конвенција, забелешките за проектите за малите хидроелектрани, документи што се поврзани со репрогласувањето на Националниот парк.

Само три дена подоцна, на 1 декември, Министерството за животна средина праќа допис до Националниот парк „Маврово“ повикувајќи се на одлука на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Бара од јавната установа да спроведе јавна расправа за репрогласување на Националниот парк „Маврово“, а притоа како релевантна ја препорачува изменетата Студија за ревалоризација, со намалените зони за заштита.

На 5 декември се одржува нова седница на Владата. Според официјалниот записник објавен на веб-страницата на Владата, со седницата претседава министерот Оливер Спасовски, а прв на списокот присутни е и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Не постои забелешка дека Анѓушев се иззел од седницата.

На оваа седница се дискутира за концесиите на малите хидроцентрали. Владата донесува одлука да се склучат анекси на договорите за концесија на двете хидроцентрали во кои Анѓушев е сосопственик.

Невладината „Фронт 21/24“ поднесува претставка до Антикорупциската комисија поради сомнение за постоење судир на интереси. Антикорупциска отвора предмет и го истражува случајот. 

Владата доставува стенограмски белешки како доказ дека Анѓушев не учествувал на седницата, а пропустот за ненотирање на изземањето во записникот ѝ се припишува како пропуст на службата за поддршка на владините седници.

Антикорупциска го затвора случајот и не утврдува судир на интереси.

Село Жировница во Маврово и Ростуше. Жителите даваат силен отпор против изградба на малите ходроцентрали, бидејќи единствен извор за вода за пиење им е Жировничка Река/Фото:ИРЛ

Притисок од централата

Со доаѓањето на владата на Заев во 2017 година, се менува раководството на ЈУ национален парк „Маврово“. За директор е назначен Самир Ајдини, член на СДСМ и жител на Маврово. Притисокот за репрогласување на Националниот парк се зголемува. Јавната установа е клучна за да почне процесот. 

Во јули 2018 година раководството на Националниот парк доставува допис до Министерството за животна средина дека ги поддржува проектите на Владата за изградба на малите хидроцентрали и дава позитивно мислење да продолжат. 

„Националниот парк ‘Маврово’ се одлучи да даде позитивно мислење поради тоа што котите на зафат, машинската просторија и должината на целиот цевковод, и по постојното зонирање и по ново предложеното зонирање, со тоа што се наоѓаат во зона во која може да се гради ваков вид објекти без да се наруши заштитеното подрачје“, пишува во дописот до Министерството за животна средина.

Веднаш потоа позитивно мислење за изградба на МХЕЦ дава и Општина Маврово и Ростуше и го доставува до тогашниот министер за животна средина Садула Дураку.

На почетокот на 2019 година Владата ѝ наложува на ЈУ национален парк „Маврово“ итно да достави закон за репрогласување, најдоцна до 15 мај 2019 година.

Но, дел од вработените, кои се и членови на Управниот одбор, се против изградба на хидроцентралите во зоните на строга заштита. Тие, заедно со директорот Самир Ајдини, пишуваат писмо до премиерот Заев, кој го известуваат да го запре проектот.

Односно пред тој да биде предмет на дискусија и ревизија на експертскиот тим на Бернската конвенција која ја штити Советот на Европа. Ваквата загриженост е повеќе од алармантна и во крајна линија случувањата ќе му наштетат на угледот на Република Македонија во меѓународната заедница“, пишува во писмото до Заев.

Во меѓувреме, фирмата „Хидроген енерџи груп“ испраќа известување до Општина Маврово и Ростуше дека почнува градба на една од хидроцентралите, односно Жировница 6. 

На 4 март 2019 година се одржал состанок со месното население во село Жировница. Присутни биле претседателот и секретарот на месната заедница, Аднан Салиу и Анес Ахмети, а како претставник на инвеститорот на двете мали хидроцентрали на Жировничка Река, „Хидроген енерџи груп“, присуствувала адвокатката Мери Младеновска. Младеновска е поранешна министерка за правда и член на владејачката партија СДСМ. Таа е адвокат на „Фероинвест“ во сопственост на Кочо Анѓушев, а го претставува и него на приватни судски процеси. 

Според записникот од состанокот во Жировница, секретарот на месната заедница Анес Ахмети истакнал дека локалното население не сака да се градат хидроцентралите бидејќи негативно ќе влијаат врз биодиверзитетот и околината. Тој ги оспорил и елаборатите за хидроцентралите укажувајќи дека во нив има многу пропусти.

„Елаборатите за животната средина сметаме дека се пишувани канцелариски, а не врз основа на теренски факти, бидејќи во нив се наоѓаат пасуси кои се на српски јазик“, забележал Ахмети.

Тој посочил дека во анекс-договорите за продолжување на концесиите за малите хидроцентрали на Жировничка Река потпишани од Владата на 12 јануари 2018 година се направени и промени во координатите на зафатот на вода. 

Младеновска, пак, како претставник на инвеститорот, на состанокот тврдела дека многу вакви хидроцентрали немале негативно влијание врз животната средина, но не е наведено врз основа на кои податоци ги заснова овие тврдења.

„Истакна [Младеновска] и дека ја поседува целокупната документација пропишана со закон, како и дека е извршена исплата на голема сума пари за расчистување имотно-правни спорови, како и платени комуналии“, пишува во записникот до кој дојде ИРЛ.

На овој состанок присуствувал и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, кој застанал во одбрана на локалното население. Тој побарал повторно да се испита теренот каде што е планирана изградбата на малите хидроелектрани и доколку станува збор за строго заштитено подрачје, тоа да остане такво (заштитено).

Записник од средбата на месното население од с.Жировница со застапници на инвеститорите на малите хидроцентрали. Целта на средбата е да се убедат мештаните да дозволат да се градат МХЕЦ

Средбата во Маврово 

На 6 септември 2019 година ЈУ национален парк „Маврово“ одржува седница на Управниот одбор. На дневен ред е прогресот на активностите за репрогласување на НП „Маврово“ за заштитено подрачје.

Седницата беше свикана по барање на заменик-претседателот на Владата на РС Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев“, пишува во документот до кој дојде ИРЛ.

На седницата се присутни Виктор Андонов – посебен советник во кабинетот на Анѓушев и Олимпија Христова-Заевска – советник на премиерот Заев. 

Гостинот Виктор Андонов напомена дека треба да се донесе заклучок на состанокот со цел да се утврдат идните чекори за да се заврши целиот процес на репрогласување“, пишува во записникот од седницата на Управниот одбор. 

Сите членови на Управниот одбор биле едногласни дека репрогласувањето на Националниот парк „Маврово“ треба да се спроведува врз основа на зонирањето утврдено во Студијата за ревалоризација од 2012 година. Овој став е преточен и во заклучок на седницата на Управниот одбор. 

Записник од седница на Управниот Одбор на ЈП Национален Парк Маврово во 2019 година, свикан на барање на вицепремиерот Кочо Анѓушев

Во одговор до ИРЛ од „Фероинвест“ велат дека во вицепремиерскиот кабинет на Анѓушев имало 20 вработени кои биле вклучени во следење и координирање на работењето на сите државни економски институции, акционерски друштва во државна сопственост, јавни претпријатија и други економски субјекти. 

Кабинетските службеници присуствуваа на состаноци и учествуваа во тековни комисии за отворени проблеми и прашања, за што повратно реферираа, со цел Владата да ги координира економските текови и проекти. Сите задачи што Владата му ги доделила на кабинетот на ЗПВРМ биле соодветно и професионално исполнети од лицата вработени во канцеларијата“, пишува во одговорот од „Фероинвест“.

По оваа средба, работите се менуваат на штета на инвеститорите на хидроцентралите во Маврово од „Хидроген енерџи груп“. Градоначалникот Медат Куртовски ги поништува решенијата за градба на хидроцентралите Жировничка 5 и 6, бидејќи не е запазен рокот од две години за отпочнување со градба. 

Антикорупциската комисија во ноември 2019 година покрена уште една иницијатива против Анѓушев за судир на интереси во носењето на владината одлука за укинување на царината за литиум-јонски акумулатори/батерии, од што директен интерес имала фирмата „Брако“. Владата на Заев оцени дека постапката на Антикорупциската комисија е неоснована и дека нема повреда на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Анѓушев во ноември 2019 година ја најави својата оставка од вицепремиерската функција во владата на Заев.

„Значи, јас имам потреба да седам во Владата сѐ додека таа има мандат да одлучува. Влада што нема мандат да одлучува е политичка влада и во таа влада јас немам потреба да бидам присутен“, рече Анѓушев.

Во јануари 2020 година Кочо Анѓушев се повлече од Владата и повторно се врати во бизнисот, на чело на своите компании, меѓу кои и „Фероинвест“ и „Брако“.

Анѓушев се откажува од хидроцентралите во Маврово

Во март 2020 година почна пандемијата на коронавирусот. Владата беше фокусирана на здравствени и економски мерки со цел да се ублажи кризата. Во јули 2020 година се одржаа вонредни парламентарни избори, на кои повторно победи коалицијата на СДСМ. Кочо Анѓушев не се врати во политиката. 

Нов министер за животна средина е Насер Нуредини. Тој во март 2021 година повторно го актуализира прашањето за репрогласување на Националниот парк „Маврово“ и бара од јавната установа да достави верзија на Студија за валоризација со предлог-зонирање на статусот на живеалишта и видовите од национално и ЕУ-значење. 

„Студиите за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово од 2012 и 2015 година се постари документи, кои не содржат податоци за реалната состојба со природното наследство на НП ‘Маврово’, како што е пропишано согласно горенаведениот член од Законот за заштита на природата“, одговорија за ИРЛ од Министерството за животна средина. 

Оттаму велат дека прават напори за обезбедување финансиски средства од меѓународни донатори за дополнување и ревизија на Студијата за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово со цел да може да се продолжи со постапката за прогласување на Маврово за национален парк. 

„Вкупната сума за ревизија на Студијата за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово (2012) врз основа на проценка од меѓународен експерт изнесува околу 121 000 ЕУР“, соопштија од министерството на прашањето колку пари се потребни.

Неодамна до Министерството стигнало барање од концесионерите на неизградените хидроцентрали во Маврово. „Хидроген енерџи груп“, во кој е соинвеститор Анѓушев, се откажува од планот. 

Портпаролката на Министерството Ангелина Јовановиќ во одговор до ИРЛ кажа дека досега само една компанија, односно „Хидроген енерџи“ побарала надомест за направените трошоци, кои според проценките на Министерството ќе изнесуваат 28 575 500 денари (465 000 евра). Засега нема барање за казни или штети. 

„Хидроген енерџи“ е во сопственост на Кочо Анѓушев и Предраг Чернерикиќ.

Анѓушев ги отфрли сите индиции дека како вицепремиер влијаел на одлуките за проектот за малите хидроцентрали во Маврово и ги прекори новинарите на ИРЛ што поставуваат прашања. Тој неуспешно ја тужеше ИРЛ во 2021 година, по истражувачката сторија за штетниот мазут што се користи за греење во Северна Македонија. За овој случај Анѓушев поднесе и жалба.

„Ја сметаме за непрофесионална инсинуација од Ваша страна алузијата за негово влијание на процес што трае една деценија и не е завршен и две години по неговото излегување од Владата. Во 2015 година г. Кочо Анѓушев ниту бил член на Владата, ниту знаел, ниту можел да знае дека во 2017 г. ќе биде ЗПВРМ. Не е јасно зошто прашања за државни процеси и одлуки носени во тој период упатувате до г. Анѓушев“, одговорија од „Фероинвест“.

Вкупниот број на досега познати видови на флора на територијата на НП Маврово е 1,435 од кои 13 видови се ендемични, а 29 ретки расителни видови. Една од најпрепознатнливите видови од биодиверзитетот е Балканскиот Рис.

Има ли крај?

Професорката Македонка Стојановска, која беше проектен раководител на студијата од 2012 година, е загрижена дека ни годинава нема да се донесат клучните документи и закони за заштита на Маврово. 

„Се прашувам дали ќе успееме да ги надминеме препреките или ќе го изгубиме ова подрачје со најубавите природни предели во нашата земја? Зошто ова се случува, има ли некоја заднина, има ли некој што го кочи овој процес, навистина не знам. Можеби одговорите лежат во други институции или во други актери“, вели Стојановска. 

Од невладината „Фронт 21/24“ велат дека се потребни и политичка волја и поажурни институции. Врз основа на нивното директно искуство со институциите, ставот на оваа организација е дека се избегнува носењето закон што ќе оневозможи реализација на планираните мали хидроцентрали и можеби ќе наметне штета на постоечките и планираните дивоградби. 

„Сметаме дека она што влијае врз политичката волја е корупцијата, која е длабока навлезена во областа животна средина и во сите релевантни институции поради што приватните интереси се ставаат над јавниот интерес што, пак, резултира со години закочен процес, кој овозможува простор за разни деградирачки активности“, изјавија од „Фронт 21/24“.

Бернската конвенција го отвори случајот во рамките на кој даде препорака да се откажат сите планови за изградба на хидроцентрали на територијата на Паркот. Од декември 2021 година со препораката се опфатени и дивоградбите на територијата на Националниот парк „Маврово“.

ИРЛ на 8 август испрати прашања до инвеститорите на планираните три хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“, но тие одбија да коментираат. ИРЛ ги праша дали ќе ги прекинат концесиите за малите хидроцентрали, колку пари бараат како компензација и дали биле информирани пред да ги добијат концесиите дека локациите се наоѓаат во заштитената зона на Националниот парк. Партнерот на Кочо Анѓушев во „Хидроген енерџи груп“, Предраг Чемерикиќ, најпрвин рече дека ќе одговори на прашањата, но потоа одби да разговара со ИРЛ. Инвеститорите од „Актуел енерџи груп“ не одговорија на телефонските пораки ниту на прашања што ИРЛ ги испрати по електронска пошта.

ПЕРИОД

ДОКУМЕНТИ

2008-2013

2014-2017

2018-2022

Англиската верзија на ова истражување е на линкот подолу

A national treasure of nature and beauty threatened by powerful private interests in North Macedonia