Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) Партиите си поделија 4 и пол милиони евра од буџетот

26.10.2019

Вкупно 39 политички партии оваа година добија пари од буџетот согласно новиот Закон за финансирање на политичките партии. Исплатени се 4.583.000 евра, а дополнително треба да се распределат уште 319.800 евра за партиско – аналитички центри. ИРЛ податоците ги доби од Министерството за правда.

Најмногу пари од државната каса им се поделија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците добила 245.000 евра.

Од колачот добиле и помали партии кои во најмногу случаи се дел од коалициите со големите политички партии и освоиле повеќе гласови односно повеќе пари од буџетот. Има и такви кои на последните локални избори настапија самостојно, па добиваат пари согласно процентот на гласови кои ги добиле.

Па, така на пример ГРОМ на Стевчо Јакимовски од парите на граѓаните оваа година добил 136.000 евра, а Сојузот на Ромите на Амди Бајрам 116.000 евра. Социјалистите на Ѕинго земале нешто помалку односно 81.000 евра.

Од партиите кои постојано се во коалиција со некоја од двете најголеми партии НСДП искеширала 58.000 евра, ЛДП 63.000 евра, а ДОМ 54.000 евра.

Лани во јули политичките партии без дебата откако се постигна политички договор помеѓу водечките партии во земјава со 101 глас „ЗА“ го сменија Законот за финансирање на политичките партии и наместо 1,8 милион евра како дотогаш, од буџетот сега добиваат 4,5 милиони евра на годишно ниво или 0,15 проценти од вкупните приходи во државната каса.

30% од парите се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните парламентарни  или локални избори. А, 70% од парите се доделуваат на партиите според бројот на освоените мандати во Собранието или пак советнички места во општините.

Па, така на пример, дел од партиите кои добија пари оваа година немаат пратеници, ниту пак советници, но освоиле доволен процент гласови за да влезат во распределбата на парите од буџетот. Партијата на Власите партиципира со 11.800 евра, а Левица дури со 94.500 евра. Пари добила и Партијата на обединети пензионери 20.000 евра и Партијата на обединети демократи 24.000 евра.

Со ребалансот на буџетот во септември, се обезбедија пари и за партиските истражувачко – аналитички центри во висина од 319.800 евра. Овие пари ќе се поделат на четири партии. И тоа најмногу пари ќе земе ВМРО-ДПМНЕ 91.000 евра, СДСМ 85.500 евра, ДУИ 74.300 евра и БЕСА 68.700 евра.

Освен овие пари партиите смеат да се финансираат од членарина, кредит, донации, подароци, спонзорства, а можат да поседуваат и земјиште и станови, нешто што не беше дозволено со стариот закон. Па, така, ВМРО-ДПМНЕ ги озакони нивите и недвижнините кои и претходно беа во нејзина сопственост. За финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ во тек е судење за предметот „Талир“ на СЈО, во кој првообвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, како и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект.

Финансирањето на политичките партии веќе три децении е сива зона, со сомнителни донации од бизнисмени, медиуми и фантомски членарини. Токму поради новиот начин за финансирање на партиите од државниот буџет тие добија обврска да даваат информации согласно Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер и ќе мораат да даваат отчет за што ги трошат парите на граѓаните.

Државниот завод за ревизија  е клучното тело кое ќе биде надлежно за надзорот на финансиско-материјалното работење на политичките партии и ќе се врши една годишно, додека сметката за финансиското работење, партиите треба да ја достават на три адреси: Управата за јавни приходи, Централниот регистер и Државниот завод за ревизија, воедно истата ќе мора да ја објават и на партиската веб-страница.

Поврзани стории

Талир: Под мраз имот во вредност од 17 милиони евра на ВМРО-ДПМНЕ

Повеќе од СторијаПовеќе теми во Сторија »