Press "Enter" to skip to content

Талир: Под мраз имот во вредност од 17 милиони евра на ВМРО-ДПМНЕ

Талир е стара сребрена монета, а прв пат е искована во 1517 година во денешна Чешка. Во промет била до 1907 година, но името талир иако во изменет облик се задржал во називот на монети во дел од скандинавските држави и во Италија. Во Македонија талирот стаса дури во 2017 година, но не како сребрена монета. Туку како симбол за незаконско богатење и финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Талир е име на предметот во кој Специјалното јавно обвинителство истражува како партијата за само шест години се стекна со имот вреден десетици милиони евра.

Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на делување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување на целосна контрола над политичката партија“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО на прес конференцијата одржана на 22 мај 2017 година, кога беше обелоденет случајот Талир.

ЗАМРЗНАТ ИМОТ

Истрагата СЈО ја обелодени во мај минатата година, а деновиве се пишува обвинението за Талир. Според информациите кои ги добивме од СЈО во случајот има 14 осомничени, но се уште не е дефинитивно дали толку луѓе ќе бидат опфатени во обвинението. Актуелниот претседател Христијан Мицкоски не е осомничен.

Во досегашната истрага испрашани се над 500-тини сведоци, како докази обебедени се околу 12.000 уплатници со кои се донирале пари во партиската каса, како и илјадници документи од институции, приватни фирми и банки.

Истрага за Талир

По едно неодамнешно интервју на лидерот Мицкоски дека партијата нема пари за одржување на главното седиште и дека размислува за продажба или изнајмување, СЈО веднаш побара од Кривичниот суд да го замрзне имотот за кој постои сомнеж дека е купуван од нелегални пари. Судот го одобри барањето и сега ВМРО-ДПМНЕ не смее ниту да го отуѓува, ниту да го става под хипотека или издава.

Според информациите кои ги добивме од СЈО, вредноста на замрзнатиот имот е 17.500.000 евра. Според проценител на ВМРО-ДПМНЕ седиштето на партијата денес вреди 14 милиони евра, а инвестициската вредноста е 7 милиони евра. Останатиот замрзнат имот е во вредност од 3 милиони и 500-тини илјади евра. Или вкупно под мраз се куќи, станови, деловен простор во вредност од 17 милиони и 500-тини илјади евра.

Замрзнат имот на ВМРО-ДПМНЕ

„Во рамки на предистражната постапка успеавме да детектираме недвижен имот којшто е купен во име на политичката партија, меѓутоа не се користи за партиски цели. Тоа е лесно утврдливо. Констатиравме дека на таквите имоти воопшто нема партиски обележја. Некаде имаме имоти коишто не се обележја и имаме ситуации каде имоти се пасишта или ниви, кои очигледно е дека не се користат за целите на политичката партија“, вели Ленче Ристоска.

Истражувачката репортерска лабораторија од СЈО го побара списокот на замрзнатиот имот, а од катастарот го побаравме целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ.

Направивме мапа на Гугл на која со сина боја е обележан замрзнатиот имот, а со црвена оној со кој може да располага партијата и за кој нема сомневања или докази дека е купен од валкани пари.

Според мапата замрзнати се 62 имоти, а слободни се 27. Имот има во сите градови, но и по помалите општини и села. Највредно е седиштето или популарната бела палата каде според катастарот има деловен простор од 3816 м2 и земјиште од 1240 м2. И овој објект не смее да се продава и е под истрага. Најголем дел од имотот на партијата се деловни простории или партиски штабови, но и станови, куќи, пасишта. На пример голем имот во земјиште и ниви ВМРО-ДПМНЕ има во скопско Сарај. Сите овие имоти се купувани во периодот кој го истражува СЈО односно од 2009 до 2015 година, со пари за кои постои сомневање дека се добиени на нелегален начин и за кои постојат докази во прислушуваните разговори.

Постои основано сомнение дека внесувањето на средствата било извршено преку готовински уплати, при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на политичката партија биле вршени уплати на незаконски стекнатите парични средства, при што во периодот од 2009 до крајот на 2015 година, преку готовински уплати на жиро сметката на партијата биле внесени вкупно 301.531.662,00 денари или речиси 4.900.000 евра, соопшти Фетаи.

Според доказите на СЈО осомничените вмровци од врвот на партијата парите ги внесувале преку донации и во завршните сметки како легални уплати, а потоа биле користени за плаќање на долгови и обврски кои ги имала партијата. Како плаќање на сметки, маркетинг услуги и за купување на имот.

Голем дел од уплатниците се пополнувани со ист ракопис, уплаќани се во интервал од 20 до 30 секунди во рамки на деловните банки. Така што поседуваме повеќе од доволно материјални докази дека навистина во овој случај постои основано сомнение дека станува збор за кривично дело перење на пари, вели Ристоска.

Во 2009 година за само 12 дена биле уплатени 336 илјади евра или на ден по околу 28 илјади евра на име донации. Во 2010 биле инкасирани 79 илјади евра во само пет дена. Во 2011 просечно се уплаќале по 12 илјади евра на ден, во 2012 се собрани 161 илјада евра за само 11 денови. Во 2013 за шест дена се собрани 185 илјади евра, а рекордни жетви имало во 2014 и 2015. Во овие две години преку уплатници на име донации на партиската сметка легнале 3 милиони евра.

Осомничените, кои се од тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се товарат за перење на пари и злоупотреба на службената положба.

ВМРО-ДПМНЕ по замрзнување на имотот минатата недела реагираше дека мотивите на СЈО и на судот се исклучиво политички мотивирани. ВМРО-ДПМНЕ, велат од таму, не е осомничено во постапката, а намерата е политички прогон и оневозможување на нормално функционирање на опозициска политичка партија.

„Вкупната вредност на целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува околу 10 милиони евра, што е неколкукратно помалку од сите оние небулози, од сите оние шпекулации и спинови кои што во изминатиот период СДСМ и Заев се обидуваат да ги спинуваат и лиферуваат во јавноста. Ако не се лажам, се споменуваа суми и од над 60 милиони евра“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев по одлуката на судот да се замрзне имотот.

ИРЛ испрати повеќе прашања до ВМРО-ДПМНЕ поврзани со имотот на партијата и случајот Талир, но од таму не добивме никаков одговор. Помеѓу 14-те осомничени освен почесниот претседател Никола Груевски, се и повеќе поранешни високи функционери од партијата од кои најголем број беа членови на Извршниот комитет.

ШТО ПОСЕДУВААТ ДРУГИТЕ ПАРТИИ?

Според документите од Катастар на име на СДСМ има 9 имотни листови. Во Скопје владејачката партија го поседува само седиштето на улица Бихаќка од 4.084м2. Деловен простор има во Битола (509м2), Богданци (68м2), Струга (345м2) и Валандово (82м2). Земјиште поседува во Кавадарци (158м2), Крива Паланка (234м2), Неготино (133м2) и Ресен (482м2).

Демократската унија за интеграција има деловен простор во Чаир, каде е седиштето и тоа 274 м2 и земјиште 845м2. Како и уште деловен простор на Бит Пазар од 413 м2. Во Дебреште има нива од 3032м2.

Социјалистите на Љубисав Иванов Ѕинго имаат деловен простор во Центар од 1759ме, градежно земјиште од 1159м2 и неизградено земјиште од 592м2. Во Велес има деловен простор од 10м2 и во Струга 106м2.