Press "Enter" to skip to content

Уставниот суд го укина ДУП-от кој предвидуваше Пуцко Петрол да изгради бензиска пумпа во Карпош

Уставните судии едногласно го укинаа деталниот урбанистички план за општина Карпош каде што Пуцко петрол требаше да гради бензиска пумпа. Со оваа одлука на судот се отвара пат, компанијата да бара и да добие милионска отштета од општината.

Уставниот суд денеска го укина деталниот урбанистички план градска четврт 3 04 блок 04.05 за Карпош со кој се предвидува на локација во близина на хотелот Александар Палас компанијата Пуцко Петрол да изгради бензиска пумпа. Одлуката за укинување на планот била донесена едногласно од сите шест судии.

Според образложениото од судот, судиите го укинале планот затоа што деталниот урбанистички план не бил во согласност со Генералниот урбанистички план.

„Од утврдената фактичка состојба и обемната документација која се анализираше, Судот утврди дека  ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти. Поконкретно просторот каде се планира изградбата на бензинска пума е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура“, пишува во образложението на Уставниот суд.

Укинувањето на деталниот урбанистички план значи дека сите што имаат градежна дозвола ќе можат да си ги изградат своите објекти, додека пак оние што немаат добиено градежна дозвола ќе треба да чекаат да се донесе нов детален урбанистички план.

На ваквата одлука на Уставниот суд реагираа и сегашниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски и неговиот претходник Стефан Богоев. Двајцата велат дека одлуката да се укине овој план е незаконска и дека со оваа одлука на компанијата и се отвара пат да бара и незаконски да добие милионска отштета од општината.

„Општина Карпош за жал е цел на константен напад на поединци. За конкретнава одлука на Уставниот суд и за сценариото што ќе се случи бевме информирани однапред. За жал не сме изненадени од одлуката, но изненадени сме од односот на поединци кои водат витални државни институции. Општина Карпош своето право ќе го бара пред судот во Стразбур, а во исто време заедно со Државниот правобранител ќе поведеме постапка и пред надлежното обвинителство за да се утврди дали има некакви злоупотреби“, рече градоначалникот Јакимовски.

Слична реакција има и поранешниот градоначалник на општината кој вели дека не му е јасно како општината, Градот Скопје, министерствата и државните институции составени од архитекти, инжинери, правници не си ја знаат работата, а Уставниот суд ја знае подобро од нив.

„Град Скопје е надлежен да дава позитивно мислење дали некој ДУП е во согласност и со намените и параметрите со ГУП. Тоа е работата на Градот. Во оваа ситуација Град Скопје со тројца различни градоначалници и 3 различни состави на комисии за урбанизам на градот дал позитивно мислење за овој план дека е во согласнот со генералниот план. Две различни состави на комисии за урбанизам и двајца министри од Министерството за транспорт и врски дале согласнот. Во постапката за носење на детален урбанистички план се вклучени преку 20 институции без чија согласност не можете да го усвоите планот. Оттука нејасно е како сите овие институции не си ја знаеле работата, а Уставниот суд ја знае подобро од нив“, вели Богоев.

Укинатиот ДУП беше донесен во јули 2016 година, а веќе следниот месец земјиштето беше ставено на јавна лицитација. На лицитацијата учествуваа десетина фирми, но борбата до крај ја водеа „Пуцко петрол“ и гевгелиската компанија „Алов АД“ и со тоа земјиштето од 5.600 денари за метар квадратен достигна цена од речиси 93.000 денари за метар квадратен. Компанијата за целото земјиште платила 142.146.180 денари или 2.311.320 евра.

ИРЛ изврши увид во проектната документација за донесување на овој план и според документите согласност за овој план издале и Град Скопје.

Во 2018 година, Уставен суд ја укина одлуката за донесување на овој детален урбанистички план затоа што не била испочитувана законската процедура на носење на планот, односно не била објавена одлука за оцена на влијание на животната средина. По ова укинување, компанијата „Пуцко петрол“ поведе судска постапка пред Граѓанскиот суд кој пресуди дека Општината треба на компанијата да и исплати 15 милиони евра отштета врз основа на изгубена добивка. Општината и Државниот правобранител ја обжалија оваа одлука на Апелација која ја поништи пресудата и случајот го врати на повторно судење.

Според списите од судскиот предмет „Пуцко петрол“ не добил одобрение за изградба на бензиска од Министерството за внатрешни работи – сектор за оружје и експлозиви затоа што приложил два проекти кои предвидуваат повеќе пумпни станици и резервоари од она што можело да се направи на таа локација и МВР одлучило дека не е безбедно да издаде одобрение на вакви проекти.

Во меѓувреме Општината Карпош донесе идентичен детален урбанистички план со кој „Пуцко петрол“ ќе може да изгради бензиска, но и покрај тоа, граѓанскиот суд само ја потврди пресуда од првото рочиште. По втората жалба од Државниот правобранител, Апелацискиот суд ја преиначи одлуката и пресуди на компанијата да и се испалтат околу шест милиони евра. Случајот сега се наоаѓа во Врховниот суд како последна судска инстанца.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »