Press "Enter" to skip to content

Условна казна и 3 илјади евра за фирмата чиј работник загина на небезбедно градилиште во Дебар Маaло

За смртта на непријавен работник на градилиште во скопско Дебар Маало, судот утврди условна казна за одговорниот раководител на градилиштето и парична казна од само три илјади евра за фирмата „Колбико Инженеринг“. Во 2017 година Мијалчо Тодоровски загина на работно место – врз него падна потпорен ѕид. Инвеститорот смртта на работникот сакаше да ја претстави како несреќа и да се огради дека не станува збор за работник кој го ангажирале туку случаен минувач.  

 

Парична казна од три илјади евра доби фирмата „Колбико Инженеринг“ која што ја градеше зградата во Дебар Маало каде што потпорен ѕид го затрупа работникот Мијалчо Тодоровски. Раководителот на зградата, Александар Дугалиќ доби условна казна затвор од две години која што нема да се изврши доколку не го повтори кривичното дело во следните пет години. Прогласени се за виновни затоа што сториле кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. 

Шест години по смртта на работникот Мијалчо Тодоровски, судот утврди дека не станува збор за случаен минувач, како што тврдеа институциите и фирмата која го ангажирала на градилиштето на црно, туку за работник кој непријавено работел на изградба на зграда во Дебар Маало која што ја градеше фирмата „Колбико Инженеринг“. 

Случајот четири години го истражуваше обвинителката Гордана Ѓешковска, а за причините на смртта на Мијалчо Тодоровски повеќе од една година се расправаше во Кривичниот суд во Скопје. Обвинителката тврдеше дека станува збор за работник кој активно учествувал во градежните работи на зградата. Но, Оливера Коловска – Стаменова која е сопственичка на компанијата „Колбико Инженеринг“ и одговорниот за градежните активности на објектот Александар Дугалиќ се оградија од работникот и не видоа вина кај нив за несреќата. Адвокатот Дарко Трајковски кој ги застапува велеше дека доказите на обвинителството не треба да се земат предвид и немаат доказна вредност. 

„Одбраната приговараше за голем број од доказите на обвинителството, но Судот не ги прифати овие приговори и им поклони верба на доказите на обвинителството. Судот потенцира дека одговорното и правното лице се должни да го озбезбедат местото за работа“ – рече судијката Оља Ристова. 

Според Судот, тоа што Мијалчо Тодоровски не бил пријавен и вработен во фирмата „Колбико Инженеринг“ не ги спречува од одговорност обвинетите, затоа што тие не постапиле правилно и дозволиле и вработените и загинатиот работник да вршат градежни активности во близина на потпорниот ѕид и лакомислено верувале дека несреќата нема да се случи. 

Мијалчо Тодоровски настрада на 6 септември 2017 година. Медиумите кои известуваа за настанот пишуваа дека во Дебар Маало загина случаен минувач кој бил во близина на градилиште. Случајот како несреќа беше заведен и во Министерството за внатрешни работи. Во записникот МВР напиша дека Тодоровски поминувал во близина на градилиште и застанал на објектот каде што се градела зградата. 

Случајот во ИРЛ го пријави синот на загинатиот работник, Зоран Тодоровски кој пред една година изјави дека од фирмата „Колбико Инженеринг“ му биле понудени пари за да потврди дека неговиот татко не бил работно ангажиран за изградба на зградата во Дебар Маало. 

Поврзани линкови:

Бунтот на „малите“ луѓе против крупните обвинителски ѕверки: Ѓешковска и загинатиот работник

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »