Поминаа три години откако потпорен ѕид се урна врз работник на градилиште во Дебар Маало. Пензионерот Мијалчо Тодоровски загина на работно место, додека се правеа темелите на станбена зграда. Зградата одамна е вселена, становите се продадени, а смртта на работникот падна во заборав на институциите и во медиумите. Тодоровски е само статистика, како уште една жртва која е затрупана под бетонот и под правдата. Загубата не ја заборава единствено неговото семејство, кое се надева дека смртта на Тодоровски ќе ја добие ветената „правда за сите“.
Пишува: Лила Караташева
Утрото на 6 септември 2017 година во медиумите се појави вест.
„Загина случаен минувач во близина на градилиште“.
Веста се копираше и споделуваше со истиот наслов во сите медиуми и со минимални детали за тоа како загинал 68-годишен скопјанец. Во билтенот на Министерството за внатрешни работи смртта на Тодоровски е заведена како несреќа на случаен минувач кој пешачел и застанал во близина на објект каде што се изведувале градежни работи. Бил направен увид од СВР Скопје, а случајот го презела обвинителката Гордана Ѓешкоска.
На местото на несреќата тој ден излезе екипата на ТВ 24, која сними сведоштва од очевидци и кои ја сменија приказната за смртта на Тодоровски која ја пласираа институциите и истражните органи. Не загинал случаен минувач, туку работник кој бил дел од градежната екипа.
„Можеби 15 минути копаа неговите колеги за да го извадат телото, бидејќи беше пропаднат во дупка, на крај го извадија со багер. Брза помош не беше стигната 20 минути, па веројатно тој што му е надзор го качи во кола и го однесе во болница“ раскажа тогаш очевидец за ТВ24.
Мијалчо Тодоровски последните 15 години ги поминал како градежен работник во фирмата „Колбико инжинеринг“. Соработката продолжила и по неговото пензионирање. Така, и на денот на неговата смрт, Тодоровски работел на изградба на четирикатница на улицата „Дане Крапчев“.
„Постојано му ветуваа дека нема да има никакви проблеми. Дека тие ќе ја сноселе одговорноста ако дојде Трудова инспекција. Нам ни вети дека ова ќе биде последната зграда на која што ќе работи и за жал на крајот навистина тоа беше последната зграда“, се присетува неговата внука Теодора Тодоровска.
Полицијата поднела две кривични пријави против управителот Александар Дугалиќ и фирмата „Колбико инженеринг“ за „Тешки дела против општата сигурност“. Предметот и’ бил доделен на обвинителката Гордана Ѓешкоска, која има мандат да го истражи случајот и да лоцира одговорност за смртта на Тодоровски.
Сопругата, синот и ќерката на Тодоровски прв е единствен пат во обвинителството биле повикани осум месеци по несреќата, во мај 2018 година. Дале изјава пред обвинителката Ѓешкоска и оттогаш немаат никаква информација што се случува со истрагата.
„На местото на несреќата, дента на настанот земени се снимки од камерите од околните објекти, разговарано е со очевидци, земени се изјави, наодот од обдукцијата е во Обвинителство, а ние ништо од тоа не сме виделе за да имаме одговори на овие прашања“, вели Теодора Тодоровска.
Три години потоа не само што нема судска разрешница, туку нема ни обвинение. Ѓешкоска се уште собирала докази.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за расчистување на настанот. Се прибираат материјални и вербални докази по чие разгледување и анализа ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, ни одговорија од Обвинителството.
Непристоен предлог
На 6 септември изминаа три години од загинувањето на Тодоровски. Изминаа и трите години за приватна тужба на семејството на починатиот. Пред неколку денови до семејството Тодоровски стигнала спогодба од фирмата „Колбико“. Сопствениците сакаат случајот да се затвори како несреќа, а на семејството на загинатиот да му исплати 15.000 евра.
„Ние имаме потреба од вистина, не од пари. Но, сите се оградуваат и никој ништо не кажува. Земјата како да ги закопа сите одговори на нашите прашања“, велат неговите најблиски.
Газдарицата на градежната фирма „Колбико“, Оливера Коловска Стаменова, одби да одговори на прашањата на ИРЛ.
„Немам коментар и не сакам да дадам изјава“, изјави кусо Стаменова.
Управителот на фирмата кој има и кривична пријава од МВР Александар Дугалиќ тврди дека Мијалчо Тодоровски не бил ангажиран од „Колбико“ и за него тој и натаму е случаен минувач.
„Не станува збор за никаков градежен работник, човекот беше случаен минувач. Се познаваше со колегите бидејќи му биле соседи од Сингелиќ. Ми се јавивте сега вака неподготвено. Не сакам ништо да кажам додека не биде се официјално, а уште помалку ќе кажам нешто на новинари“, рече Дугалиќ.
Фотографиите објавени на социјалните мрежи од работниците на „Колбико“ на кои е и загинатиот Тодоровски ја негираат изјавата на Дугалиќ.
Како Гордана Ѓешкоска ќе влезе во Поглавјето 23
Гордана Ѓешкоска е обвинителка со работен стаж од неколку децении. За прв пат е избрана за заменик јавен обвинител во Скопје во 1998 година. До 2013 година беше обвинител во Одделението за организиран криминал и корупција и ги застапуваше предметите: „Бачило“, „Пајажина“, „Змиско око“, „Монструм“, „Изгрев“. На 18 април 2013 година беше избрана за шеф на Скопското обвинителство.
Но, како дошло до нејзиниот избор се дозна две години подоцна, кога СДСМ објави разговор меѓу тогашниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Дел од разговорот помеѓу Мијалков и Јанкулоска:
Мијалков: Види, утре треба да се бираат, ќе ја бираме Гордана Гешковска, знаеш тоа?
Јанкулоска: Аха, да, да, нели тоа шо договоривме.
Мијалков: И треба да се бира еден јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
Јанкулоска: Аха. Така.
Мијалков: Дали имаш ти некоја ургенција?
Јанкулоска: Абе види, нели тогаш ги гледавме ние заедно ако ти текнува, кога бевме кај Марко. Ние ургенции имаме, ама работава е што таму по закон само со академија може да се бираат. И тоа беше проблемот. Знаеш, нема веќе од надвор.
Ѓешкоска, заедно со обвинителите Златко Биковски и Јован Цветановски беа на дисциплинска комисија бидејќи по насилието во Собранието на 27 април 2017 година не ги презеле потребните истражни дејствија. Увидот по нивни налог бил направен следниот ден, но дотогаш биле уништени многу докази, изнесени компјутерските хард – дискови со снимките од Парламентот. Тројцата обвинители се спасија од разрешување и беа казнети половина година со 30 проценти помала плата.
До крајот на годината се очекува да почне преговарачкиот процес со ЕУ, а прво е Поглавјето 23 кое ги опфаќа областите правосудство, основни човекови права и борба против корупција.
Новиот министер за правда Бојан Маричиќ најави крупни реформски потфати во првите сто дена од својот мандат за ефикасно и објективно прочистување и деполитизација на судството и обвинителството.
Правда за сите
Бунтот на „малите луѓе“ го почна Наташа Димитриевска, која реши сама да се бори со моќната спрега МВР-Обвинителство-Суд. Таа го крена гласот и бара правда за смртта на нејзиниот сопруг Гоце, кој загина во сообраќајна несреќа. Предизвикувачот и виновникот за несреќата, Васил Чорбаџиев, доби условна казна. Димитриевска ги охрабри и другите „мали луѓе“ да не молчат и да бараат одговори и одговорност. Семејството Тодоровски го почна патот. За случајот ги известија министерот за правда Бојан Маричиќ, Народниот правобранител, а обвинителката Ѓешкоска ќе добие претставка до Советот на јавни обвинители.
СДСМ со слоганот „Живот и правда за сите“ победи на изборите во 2016, кога вети генерален реизбор во судството и обвинителството. Но, тоа не се случи. И на стартот на вториот мандат премиерот Зоран Заев го ветува концептот „Едно општество за сите“.
„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Влегуваме во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Тоа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно доследно спроведување, кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон“, рече неодамна Заев.
Правда чекаат и семејствата Димитриевски и Тодоровски.
Поврзани стории: