Press "Enter" to skip to content

Апелацискиот суд го враќа случајот со пожарот во модуларната болница на повторно судење поради невнимателно утврдени факти во пресудата

Повторно ќе им се суди на директорите на болницата во Тетово, во која за време на ковид пандемијата во пожар изгореа 14 луѓе. Пресудата на Судот во Тетово била нејасна, одлучи Апелациониот суд во Гостивар. За причините за пожарот, обвинителството за гонење организиран криминал и корупција повеќе од две години води предистрага.

На повторно судење се враќа дел од предметот против двајцата директори на Тетовската болница за случајот со пожарот во кој пред три години изгореа 14 пациенти во монтажна ковид болница. Апелациониот суд во Гостивар реши постапката против директорите да ја врати од почеток, затоа што првата пресуда била нејасна. Апелација во пресудата вели дека Тетовскиот суд „не постапил со должно внимание за да биде во можност со сигурност да ги утврди сите правно релевантни факти“.

„Пресудата е нејасна, неразбирлива и неподобна за испитување“, стои во пресудата на Апелација.

А ослободителната пресуда за докторот Бобан Вучевски ја потврди и Апелациониот суд во Гостивар.

Основниот суд во Тетово минатата години ги осуди на условна затворска казна од година и половина директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми за „тешки дела против општата сигурност“. Нема да одат во затвор, ако во следните три години не направат ново кривично дело. Бесими за време на пожарот раководеше со болницата, а Етеми беше економски  директор.

Тетовската болница доби парична казна од околу 16 илјади евра

А докторот Бобан Вучевски, кој ноќта кога се случил пожарот бил дежурен, во првостепеното судење беше ослободен од обвинението дека непостапил според здравствените прописи. 

Но, тетовското Обвинителство незадоволно од пресудата ја обжали одлуката пред Апелациониот суд во Гостивар.. 

Обвинителството бараше директорите да добијат построга казна, а ослободителната пресуда за докторот да се укине и предметот да се врати на повторно судење. 

Котески: Сега Обвинителство треба да ги гони вистинските виновници

Адвокатот Дарко Котески кој го бранешен докторот Вучевски, за ИРЛ вели дека за пресудата на гостиварска Апелација дознал од судскиот портал.  

„Неправдата кон докторот, кој беспоштедно даде сѐ од себе за ковид пандемијата, конечно е исправена. Сега останува Обвинителството да поведе постапка против вистинските виновници за пожарот, а кои се, знаеме сите“, изјави адвокатот Котески.

На изрекувањето на пресудата во Тетовскиот суд, лани во јуни, судијата рече дека тоа не било судење за причините за пожарот. 

Директорите првостепено беа осудени зашто во модуларната болница немало противпожарни апарати, а докторот беше ослободен од одговорност зашто во ковид-болницата пуштил лица од надвор.

УБИСТВО ВО ТЕТОВО

Документарниот филм „Убиство во Тетово“, кој ИРЛ го објави лани покажува низа пропусти во изградбата на модуларната болница кои доведоа до пожарот, иако надлежните се трудеа да го опишат како несреќен случај предизвикан од куса врска на продолжен кабел.

Беа утврдени пропусти во техничката спецификација, во изградбата, но и подоцна во истрагата. Наместо како градба, болницата се водела како урбана опрема, за која не треба да се почитува законот за градба. 

Обвинителството поднесе обвинение зашто немало противпожарни апарати, но не и за причините за пожарот.

Случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово влезе и во извештајот на Фридом хаус за Македонија. Во делот за проблемите со слободата на медиумите се споменува и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и тужбата за клевета од страна на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, кој е еден од сопствениците на БРАКО, кои ја изградија болницата. Како еден од големите корупциски скандали кој придонел за пад на рејтингот на земјава се наведува и пожарот во модуларната болница во Тетово.

Во продолжение документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“. 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »