Во само два дена на различни црни листи на САД завршија бизнисменот Јордан Камчев и компанијата Сајтрокс управувана од Иво Малинковски кои му се придружија на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. И покрај се’, ништо не ги допира македонските институции иако, според изјави на директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов постојат правни механизми и дома да се применат мерките од црните листи.
Пишува: Маја Јовановска/Илустрација: Лука Блажев
Јордан Камчев е првиот бизнисмен од Македонија кој е ставен на црната листа на санкции на САД. Тој им се придружи на истата листа на која се Никола Груевски и Сашо Мијалков како корумпиран олигарх вклучен во поткуп, перење пари и негативно влијание врз демократските процеси во земјава. Американската влада го замрзна неговиот имот, фирми и сметки, но и на сите лица кои имаат бизнис релации со македонскиот олигарх. Камчев во Македонија е еден од најбогатите бизнисмени, кој со спогодба со Јавното обвинителство си ја купи слободата. Санкциите од американската влада се декларативни и нивната примена во земјава не е задолжителна, иако владата на располагање има законска можност да ги примени истите мерки кон политичките и бизнис моќниците кои ја злоупотребиле својата позиција.
Македонска црна листа
Американската влада има повеќе т.н. црни листи и применува различни санкции во зависност од штетата која политичари и бизнисмени ја нанеле врз правдата и демократијата во една земја. Македонските негативци се наоѓаат на две листи. Најголем дел се на листата со поблаги санкции и имаат забрана за влез во Америка. Втората листа е поригорозна и на неа се додаваат лица и фирми кои се закана не само по стабилноста и правосудниот систем во земјата, туку имаат влијание и надвор од државата. На оваа листа од вчера е додаден бизнисменот Јордан Камчев.
„Злоупотребата на службената положба, перењето пари, митото, во кои господинот Камчев бил дел, не само што ја нарушува довербата во правосудните институции, туку претставува и предавство на граѓаните на оваа држава. Граѓаните заслужуваат институции во кои ќе веруваат, кои ги следат демократските вредности, кои се транспарентни и не прават компромиси“, изјави американската амбасадорка Ангела Агелер на специјална прес конференција за додавањето на Камчев на листата на санкции.
Освен триото Камчев, Груевски и Мијалков, на истата листа на санкции се и скопјанецот Абдул Јашари – водач на терористичката организација во Сирија, како и две компании. Едната е фирмата на Никола Груевски што ја основаше во Унгарија и другата е македонската „Сајтрокс“, која пред три дена беше додадена на листата поради злоупотреба на комерцијален софтвер за шпионажа. Додавањето на црната листа значи дека ниту една компанија од САД не смее да соработува со фирмите кои што се под санкции.
Македонија е обврзана да ги применува рестриктивните мерки донесени единствено од Обединетите Нации. Додека санкциите од европската и американската листа можат да станат извршни само со одлука на владата. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го изјави директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов за Радио слободна Европа по повод објавата на американската администрација дека Грувски и Мијалков се ставени на црна листа на САД.
„Европската и американската листа ја применуваме со одлука на Влада. Се додека Владата не донесе одлука и не бидат одлуките објавени во Службен весник, тие немаат законска сила“, вели директорот на Управата за финансиско разузнавање.“, изјави лдиректорот на Управата за финансиско разузнавање.
Повикувајќи се на Законот за рестриктивни мерки таков чекор презеде лани владата кога во септември со одлука го замрзна имотот и парите на 15 македонски државјани поради тероризам и учество во странски паравоени единици.
Груевски, Мијалков и Камчев беа синонимот за заробена држава. Нивните имиња на листата на санкции се поради штетите од нивното владеење, злоупотреба на државните ресурси и уништени цели генерации на граѓани. Американската влада во изминатите 30 години за реформи во правосудството има вложено половина милијарди евра, но како што рече амбасадорката Ангела Агелер, нема никаков напредок. Од амбасадата на САД во одговор за ИРЛ рекоа дека нема да коментираат конкретни лица од Македонија кои се на црната листа, но велат дека тоа е порака и до владата и до граѓаните.
„Нашата порака е јасна – Соединетите Американски Држави ќе продолжат да промовираат одговорност и да ги повикуваат сите што го поткопуваат владеењето на правото, загрозувајќи го напредокот и стабилноста на Северна Македонија. Системската корупција ги повредува луѓето во оваа земја, кои заслужуваат транспарентност од нивната влада.“, пишува во одговорот до ИРЛ од американската амбасада во Скопје.
ИРЛ до Владата уште пред три недели испрати прашања, какви чекори ќе преземе извршната власт за фирмите, функционерите и другите лица кои се под санкции, но не добивме одговори. Оттаму рекоа дека собирале податоци од институции кои законски мерки им стоеле на располагање и ќе одговореле кога ќе имале прецизни информации.
Одговорот се уште не е стасан.
Мерко на црна листа во САД, во Македонија нема ниту едно обвинение
Минатиот месец на црна листа на САД беше додаден градоначалникот на Струга Рамис Мерко, неговата сопруга и трите деца. Тој и неговото семејство добија забрана за влез во Америка. На оваа листа од Македонија се уште 13 лица. Меѓу нив се уште двајца активни функционери. Мендух Тачи, пратеник и лидер на Демократската партија на Албанците и Љубе Бошкоски – соработник во владата за привлекување странски инвестиции и претседател на Обединети за Македонија. Останатите се одамна на листата, како припадници на ОНА и учесници во конфликтот. Еден од нив е и Џезаир Шаќири – познат како командант Хоџа, кој кус период беше избран за советник на премиерот Зоран Заев, но се повлече од функцијата.
Градоначалникот Мерко откако беше прогласен за непожелен во Америка е во тивка илегала. Доаѓа на работа во општината, но не се појавува на јавни настани, ниту пак е достапен за медиумите. Пораката од Вашингтон ја дочека за време на неговиот четврти мандат во општината. Соопштението на американската администрација беше изненадување за македонската јавност, затоа што тој досега ниту еднаш не се појавил во судница како обвинет. Петнаесет години од истиот кабинет владее со Струга и досега немал ниту едно кривично дело со судска завршница. Сомнежи за корупција и кривични пријави од институции имало, но тој и натаму е со чисто досие.
Мерко е првиот функционер на ДУИ кој е ставен на црна листа на САД и прв од владејачката коалиција на власт. Америка го прогласи за непожелен гостин на нејзино тло, поради корупција, злоупотреба на јавни фондови и влијание врз судството. Мерко и ДУИ една недела ја одмолчеа одлуката на Америка. Не се огласи ни СДСМ, ниту владата. Премиерот мораше да даде изнудена изјава за медиумите кои од него бараа одговор – што ќе преземе извршната власт за оцрнетиот градоначалник.
„Јас да се најдам на листата, ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична, професионална кариера“, рече премиерот Ковачевски иако владата може да примени мерки за овие лица со своја одлука.
Одговорноста ја префрли на правосудните институции кои со години не увиделе сомнежи за криминогено владеење на Мерко, а тоа им успеало на лица илјадници километри далеку одовде. Ковачевски не го повика да си поднесе оставка од функцијата градоначалник, туку за тој чин требал самиот да си донесе одлука.
Советниците од Струга чекаат инструкции од централата
Во Советот на општина Струга владејачката коалиција ја сочинуваат советниците од ДУИ и од СДСМ. Сите одлуки се носат со нивното мнозинство на гласови кои се 14, наспроти опозицијата која има 13 гласа. Засега нема одлука за замрзнување на коалицирањето на локално ниво. Координаторот на советничката група од СДСМ, Ацо Ѓуроски, вели дека коалицијата се одредува на централно ниво.
„Ние како советници не одлучуваме. Ако има насоки од централата, ќе ги спроведеме“, изјави Ѓуроски.
Од седиштето на СДСМ во Скопје изјавија дека во овој момент најприоритетни се наодите на правосудните институции. А, нивните советници иако се во коалиција со ДУИ, работеле исклучиво во интерес на граѓаните на Струга. Во писмениот одговор до ИРЛ не изоставија да ја нападнат опозициската ВМРО-ДПМНЕ како второобвинета за статусот на Мерко.
„Доколку се погледнат основите по кои е донесена одлуката од Стејт Департментот и за кој период, може да види дека во текот на извршувањето на функцијата градоначалникот Мерко бил во коалиција со сите политички партии, а во најдолг период во неговата кариера бил во коалиција со ДПМНЕ“, пишува во одговорот од СДСМ.
Градоначалникот одлучи да го замрзне само членството во партијата и во централното претседателство на ДУИ. Реши да остане градоначалник, бидејќи неговиот мандат го добил на непосредни избори од граѓаните. Миша Поповиќ, раководител на центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис“ вели дека при вакви истраги, оставката на функционер е и со цел да се намали моќта што позицијата ја придодава и може да ја доведе во прашање кредибилноста на истрагата.
„Коалицијата во Струга сега има две прашања да си одговори. Првото е прашање на морал во политиката и како учеството во мнозинството манифестира морал ако не бара оставка од Мерко. Второ, на кој начин мнозинството може да помогне на независна истрага, проактивно, во услови во кои градоначалникот имплициран во кривични дела, не сака да си замине од функцијата“, вели Поповиќ.
Рамиз Мерко во ДУИ важи за човек од доверба на претседателот Али Ахмети. Неговата партија ја прифати одлуката да го замрзне членството и ги повика институциите да започнат истрага но не само за Мерко, туку за сите функционери од сите партии.
Пораката од американската власт има две компонентни. Политичка, но и аларм до институциите. Според Миша Поповиќ, институциите ќе мора да откријат кои се лицата кои му помогнале на Рамис Мерко. И да се покренат постапки против сите кои ги игнорирале иницијативите на ДКСК, Државниот завод за ревизија и ги чувале во фиока.
„Веројатно најзагрижувачки е тајмингот на изјавата на Артан Груби, кој искажа критики и недоверба во ДКСК, баш во време кога тие излегоа во јавност за да образложат како се движеле нивните предмети за Мерко. Начелно, политичарите може да ги критикуваат институциите, меѓутоа констелацијата на настани во овој случај, сугерира дека изјавата на Груби е повеќе сигнал за останатите институции „да наведнат глава“, критикувајќи институција која случаите за Мерко добро си ги сработила“, вели Поповиќ од Институтот за демократија.
Тим од јавни обвинители се растрча да ги преброи кривичните пријави против Мерко и откри дека постојат 30 предмети од 2006 до 2023 година. Дел од нив, односно 14, низ годините застарале, а 16 се уште активни. Најголем дел од „живите“ предмети се во Струга каде се отворени 6 случаи, а 5 има во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Црната листа е форма на притисок врз домашните правосудни институции да си ја завршат работата за која што постојат. Оправдан е сомнежот за волјата и капацитетот да се справуваат со вакви случаи. Ако нема правна разврска, тогаш ќе има повеќе Мерковци со десетици случаи во фиока и застарени предмети.
„Ваквите постапки на нашите меѓународни партнери се прилично директна порака и јасно истакнување на нивното незадоволство од нашата посветеност, односно недостиг на посветеност за унапредување на состојбите“, вели Ивана Петковска од Коалицијата сите за правично судење.
Јавното обвинителство единствено не обелодени дали се најдени пропусти во работата на обвинителите кои ги воделе случаите и евентуални притисоци од политичари или моќници. Интерна истрага за случајот „Мерко на црна листа“ отвори и Судскиот совет, но нивниот извештај се уште не е изготвен.
Срдечно добре дојде во клубот за Александар Вулин
Тројца поранешни разузнавачи од Западен Балкан се на црната листа на САД. Од Македонија тоа е Сашо Мијалков, од Босна и Херцеговина Осман Мехмедагиќ и последниот во друштвото е Александар Вулин од Србија, кој е актуелен директор на Безбедносната информативна агенција. Вулин е ставен на црна листа поради вмешаност во „меѓународен организиран криминал, нелегална трговија со наркотици и злоупотреба на јавна функција“.
Претседателот Александар Вучиќ не верува дека е криминалец и според него санкциите се воведени поради неговиот однос кон Русија.
„Имаат тие истраги со кои треба да се занимаваат. Не забележав дека е пронајден кокаин во канцеларијата на Вулин, туку во Белата куќа“, рече претседателот на Србија.
Опозицијата бара оставка од Вулин, но тој не само што има поддршка во Србија, туку првите честитки ги доби од Претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој вели дека е знак дека работел во корист на државата и народот. Додик, кој и самиот е на листата на санкции на САД, рече дека тоа е награда за патриотизам и зачувување на пријателски односи со Русија и рускиот народ.
„Брате, добродојде во клубот на санкционирани. Сега ќе ти биде полесно“, му порача на Вулин.
Новинарката Бојана Павловиќ од Крик.рс се сомнева дека санкциите на било кој начин ќе влијаат на позицијата на Вулин, иако единствен правилен чекор сега би била негова смена или оставка.
„Како и во претходните случаи, властите во Србија не само што од политичкиот живот не ги отстранија лицата обвинети за криминал и корупција, туку и ги „испраа“ и го земаа под заштита и со тоа им овозможија да се ублажат потенцијалните последици од санкциите. Државните компании и понатаму ангажираат фирми кои се под санкциии, соработуваат со нив, а државните банки им отвораат сметки и вршат траансакции занемарувајќи ги правилата и процедурите“, вели Бојана Пваловиќ од Крик.рс.
Таа вели дека своето влијание Вулин го црпи од поданичкиот однос кон Александар Вучиќ. Затоа Вучиќ нема намера да го разреши и оваа опомена од САД ќе ја занемари, а тоа може да има сериозни последици за Србија.
САД подготвуваат нов список на непожелни лица од Западен Балкан. На црната листа ќе се најдат високи политички функционери и бизнисмени од сите земји од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија.