Press "Enter" to skip to content

Често поставувани прашања за истражувањето „Убиство во Тетово”

За смртта на 14-те граѓани во пожарот беа отворени две истраги. Првата ја водеше Основното јавно обвинителство во Тетово кое ги истражува причините за пожарот, а втората Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција која треба да утврди евентуални пропусти и злоупотреби во тендерската документација. 

Во истрагата на тетовското обвинителство беа вклучени пет обвинители. Тројца од Тетово и двајца од Скопје, делегирани по налог на Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Документите кои ИРЛ ги доби од свиркач и се дел од обвинителското досие за пожарот, покажуваат дека истрагата на почетокот била водена кон утврдување на причините за пожарот и пропустите на одговорни лица во институциите. Од документите очигледно е дека текот на истрагата се менува и финишира со обвинение во кое нема ниту обид да се открие како се запалил објектот и зошто толку брзо изгоре модуларната болница. 

Свиркач кој имаше пристап до досието во обвинителството до ИРЛ ги достави сите документи, докази, наредби, искази, службени белешки. Во првите две недели од истрагата сослушани се над 50 сведоци, вработени во болницата, службениците во проектните единици во Министерствата за здравство и труд и социјала, Вања Андонова од кабинетот на министерот за здравство, како и министерот Венко Филипче. Ниту еден од сослушаните сведоци не се сеќава кој ја изготвил техничката документација.

Управителот на „Брако“ Благој Шалев дал исказ дури два и пол месеци по пожарот. Овој исказ mистериозно изостана од предметот за пожарот и ИРЛ нема увид што изјавил преставникот на „Брако“. 

Во првите десет дена по пожарот нарачани се четири вештачења од експерти од различни области, со цел да со соберат релевантни докази кои на обвинителите ќе им дадат патоказ при лоцирање на вината за пожарот. Сите овие вештачења се изготвени до крајот на 2021 година. Обвинителите пред себе имаат доволно докази кои укажуваат дека за пожарот не е „крив кабелот“. До овој момент нема осомничен за смртта на 14-те починати во модуларната болница. 

Но,обвинителите подоцна во февруари 2022 година ќе бараат да се направи уште едно вештачење на електричната мрежа. Експертите Владимир Димков и Влатко Стоилков се бираат од редот на професорите од Електро факултет од Скопје. Вештаците констатираат дека „Брако“ ги запазиле сите стандарди во согласност со барањата на Министерството за здравство.Ова вештачење е изготвено на 9 мај 2022 година и по него ќе се смени текот на истрагата. Наместо да се бараат причините за пожарот, фокусот на истрагата ќе биде за непочитување на здравствени прописи и дали во објектот имало противпожарни апарати.

На 11 мај 2022 година Државниот обвинител свикува колегиум, на кој присуствуваат десет обвинители и едногласно носат одлука кои лица ќе бидат обвинети. Со состанокот раководи државниот Јавен обвинител Љубомир Јовески, а одлуката едносгласно ја носи заедно со основните обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески. За обвинението гласаат и Ислам Абази од вишото гостиварско обвинителство, јавните обвинители Ацо Колески, Соња Симовска и Мустафа Хајрулаху и Наталија Тасевска од вишото обвинителство во Скопје. 

Втората истрага која ја води обвинителката Елизабета Јосифовска од обвинителството за гонење за организиран криминал речиси две години е во фаза на предистрага. Не биле испрашани сведоци. 

За време на истражувањето тимот на ИРЛ обезбеди 585 документи напишани на 5455 страници. Дел од документите или повеќе од 70 проценти од нив, ги добивме користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од повеќе институции кои биле вклучени во проектот „Модуларни болници“. Дел од клучните документи кои го докажуваат Убиството во Тетово ги добивме од свиркачи, кои со нас споделија стотици интерни белешки, мејлови, одлуки. Едниот свиркач обезбеди електронски преписки и документи од институциите кои ја докажуваат злоупотребата на службената положба на лица од извршната власт и државни службеници. Вториот свиркач ни’ достави документи кои докажуваат како највисокото раководство во Јавното обвинителство ги запоставило прибраните докази кои водат до причинителите на оваа несреќа. 

ИРЛ ги објавува сите документи кои се релевантни за нашите аргументи и лоцираат вина во причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Изоставени се документи и фотографии кои би нанеле дополнителна болка за семејствата на настраданите. Дел од документите од судската истрага не ги поседуваме во целост, како изјави на одговорни лица од компанијата изведувач бидејќи истите во чудни околности станале недостапни во двете обвинителства каде што се испрашувале сведоци, Скопје и Тетово. 

Службени белешки се интерни документи на некоја институција и тие не се јавни документи. Секој државен орган може да ги класифицира според степенот на класификација: Интерно, доверливо, строго доверливо и државна тајна. Службените белешки кои ги обезбеди ИРЛ се во досието на Јавното обвинителство и се достапни единствено за инволвирани и засегнати страни. Класифицирани се како доверливи и нивното објавување подлежи на казнени одредби. ИРЛ одлучи да ги сподели со јавноста сите документи од истрагата и покрај ризикот од санкции, бидејќи мисијата на новинарската професија е информирање на граѓаните и заштита на јавниот интерес. 

Господинот Кочо Анѓушев неколку пати досега бил директно или индиректно фокус на истражувањата на ИРЛ. Тој беше вицепремиер во владата на Зоран Заев, но тој истовремено е и бизнисмен кој поседува повеќе компании главно вклучени во секторот енергетика и производство на електрична енергија. Овие компании работат со успех на државните тендери и во име на ваквиот тип бизниси генерално, постои силно економско влијание врз јавните политики. Секогаш кога медиумите го истражуваат пазарот на струја или законодавството кое го регулира овој сектор, господинот Анѓушев речиси секогаш е инволвиран и неговото име или неговите фирми се споменуваат во новинарските анализи. На пример, кога ИРЛ истражуваше зошто повеќе од 30 години не се репрогласува Националниот Парк Маврово, истрагата не одведе до фирма во сопственост на Анѓушев која поседува лиценца за хидроцентрала во заштитеното подрачје. Кочо Анѓушев не е таргет на ИРЛ. Новинарите не истражуваат лица, туку системски пропусти, злоупотреби, криминал и корупција. Фирмата „Брако“ која е дел од ова истражување не беше фокусот на ИРЛ. Туку причините зошто во модуларната болница во Тетово за неколку минути изгореа 14 лица. ИРЛ посветено ги истражува и јавните расходи и сите лица и правни ентитети кои што имаат зделки со државата и вообичаено се следат од новинарите во целиот свет, не само во земјава. 

За крај, поради ниската култура на одговорност и нискиот степен на казни поради заплашувања и организирани стратешки напади кон новинарите и истражувањата, речиси сите лица од интерес кои ги истражуваме тврдат дека се намерно таргетирани, најчесто затоа што биле многу успешни.  Бизнисмените кои што имаат роднински врски или биле донатори на одредена политичка партија често ги користат и партиите и нивната инфрастукура за напади. Други бизнисмени тврдат дека ги напаѓаме оти се Албанци или Македонци.

Свиркачите кои ни ги доставија документите имаа една цел - да се обелоденат вистинските причини за пожарот и да се лоцираат вистинските виновници за смртта на жртвите. Претпазливост постоеше во секој момент и сите наши разговори се водеа на безбедни канали и сите средби беа целосно дискретни. Секако дека постоеше и страв. Од одмазда на надредениот, од закани и тужби, до евентуални последици по физичката безбедност. Идентитетот на свиркачите е загарантиран и дури и во ИРЛ е познат само за неколкумина од тимот. Согласно Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија и согласно унивезалните професионални стандарди, идентитетот на свиркачите е загарантиран поради нивната лична безбедност.

Директни закани по физичката безбедност на новинарите немаше. Но, откако ги пративме првите прашања во Министерството за здравство беше јасно дека сите инволвирани страни се запознати со темата која ја истражувавме. За време на истражувањето постојано бевме цел на хајки и дискредитации од страна на компаниите „Брако“ и „Фероинвест“, кои во медиумите лиферуваа платени текстови во кои изнесуваа клевети  дека се под медиумско - бизнис напад. ИРЛ испрати барање за интервју со господинот Кочо Анѓушев, но тој не само што не прифати, туку се закани дека новинарите на ИРЛ ќе ги пријави во МВР за вознемирување и демнење. 

Цел на истражувањето на ИРЛ беше откривање на причините за пожарот. Јавното обвинителство во Тетово поведе случај пред Основниот суд во Тетово за други дела неповрзани со причините за пожарот во објектот- тешки дела против општата сигурност и непостапување според здравствените прописи во време на пандемија, Новинарите на ИРЛ ги истражуваа причините кои довеле до пожарот и зошто болницата изгоре за неколку минути, прашања кои што не се опфатени со обвинителниот акт. Токму затоа пресудата за тројцата обвинети не беше во никаква корелација со истражувањето Убиство во Тетово, бидејќи доказите кои ги поседува ИРЛ не беа изведени во судската постапка. Долгорочните истражувања и макотрпниот процес на продуцирање на содржина која е квалитетна и светски компететна по однос на стандардите одзема значајни временски и човечки ресурси. Документарниот филм беше завршен на почетокот на август кога влезе во процесот на постпродукција, како и процесот на проверка на фактите.