Press "Enter" to skip to content

Трговски центар со станбени згради во ниви и без пат прогласен за проект од јавен интерес

Отсуството на критериуми и урбанистички план им остава простор за злоупотреби на општините своеволно да избираат што е проект од јавен интерес. Поради ова, граѓаните често се борат со општинските власти за да се сработат приоритетните и реални потреби на заедниците. Жителите на Сопиште се последните жртви на легалното беззаконие промовирано од сиот партиски естаблишмент. Градоначалникот 10 години им ветува канализација, пат и адекватна водоводна мрежа, но и со започнат трет мандат Сопиште помалку личи на урбано место, а повеќе на село во процес на хаотично бетонирање. Последната одлука на градоначалникот Стефче Трпковски заврши пред Управниот суд, а случајот го истражува и Антикорупциската комисија. Сè почна кога Општина Сопиште реши да прогласи трговски центар со станбен комплекс за проект од јавен интерес на локација до која не постои пат. Ова му помогнало на инвеститорот да избегне плаќање скапи комуналии за деловен простор. 

Известуваат: Јана Чолаковска, Дајана Лазаревска; Илустрации: Лука Блажев; Дрон-оператор: Теодор Ангеловски

Под налетот на забрзана и масивна бетонизација која ја доживеа Општина Карпош во последните 10 години, тричленото семејство Милкови реши својот мир да го побара подалеку од градскиот бетон. Одбраната локација е навидум идеална: мирно и свежо место за живеење, на повисока надморска висина од врелиот град, а сепак на само неколку километри до центарот. Во декември 2020 година селото Сопиште стана нивниот нов дом. Опкружени со чист воздух, ниви и лозници, Милкови го најдоа својот мир. Траеше само 10 месеци, до локалните избори во октомври 2021 година.

Падините на Водно станаа примамлива и престижна локација за живеење и одмарање, но и за бетонски монструми нетипични за подножје на планина. Сопиште е приградска општина на само седум километри од Скопје. Освен викенд-населба – кадешто скопјани бегаат од жешките лета – Сопиште сега ќе биде и место каде
што ќе се оди на „шопинг“, иако мештаните во лето немаат вода, а канализацијата не ги собира отпадните води од брзиот налет на новоизградени куќи.

Од другата страна на Водно, на југот на најпопуларната скопска планина, се протега Општина Сопиште составена од 13 приградски населби и селца. Првпат се споменува во 13 век како мирно земјоделско село до кое тешко се стигнува. Оттука, самото име Сопиште на старословенски значи задишување. Мирните земјоделски селца и викенд-населби неповратно ќе се променат во 2008 година, кога урбаната мафија ќе се пробие речиси до врвот на планината, а Скопје ќе добие проширено поле каде што ќе се води борба со овие бетонски узурпатори.

Стефче Трпковски во својата последна, трета изборна трка, покрај своите вообичаени ветувања за подобар пат или подобра канализација, ќе даде и едно необично ветување – дека ќе изгради трговски центар во Сопиште. Од ветувањето до остварувањето ќе помине рекордно кратко време. Предизборната реклама првпат беше прикажана во септември 2021, а веќе по една година Општината одлучи трговскиот центар да биде прогласен за проект од јавен интерес и со тоа ослободен од комуналии за деловен простор.

Лукративните дилови се поплочени со (зло)намерно скроени лоши закони

Семејството Милкови својот нов дом го изгради на едвај неколку метри од местото каде што треба да биде новиот трговски центар со две станбени згради од по шест ката. Милкови не знаеја дека до нив ќе се гради вакво здание. Не би ни можеле да знаат затоа што во Сопиште 10 години не постои урбанистички план за селото, па така, што ќе се гради се одлучува само со доставен проект од потенцијални инвеститори, по што Општината издава дозволи.

„Две години баравме место за конечно да живееме во мир. Немавме никакви информации дека некој планира таков објект. Ние дознавме за градбата кога еден ден почнаа да копаат на неоградено земјиште до нас. Ни се распрснаа сите желби“, вели Коста Милков.

Градоначалникот на Општина Сопиште, Стефче Трпковски, кој е на позицијата речиси цела декада, тврди дека овој проект се планирал подолго време. Според него, трговски центар ќе ги подобри условите за живот на жителите на Сопиште. Овој став ќе биде и законската основа за Општината да го ослободи инвеститорот „ЈАКО Македонија“ од плаќање комуналии за деловниот простор на предвидениот објект.

Локација на трговски центар

Постојните закони овозможуваат проектите од јавен интерес да се толкуваат произволно бидејќи не постојат критериуми. Отсуството на урбанистички планови, чие носење општините можат да го одолговлекуваат бесконечно, како во случајот на Сопиште, не е пречка за градоначалникот и за општинарите да исцртуваат какви сакаат маркици и да делат какви сакаат одобренија за градби повикувајќи се на обичен архитектонски урбанистички план (АУП).

Број на жители по попис и број на одобренија за градба

Мештаните велат дека во последните неколку години Општината ја следи брза и хаотична урбанизација. Но, како и повеќето рурални или приградски населби, постојната инфраструктура во Сопиште не може лесно да издржи ваква експанзија. Жителите се жалат на недостиг на вода, затната канализација и оптоварена електрична мрежа, проблеми кои тие велат дека можат само да се влошат доколку не се интервенира навреме. Според нив, Општината повеќе го штити приватниот наместо јавниот интерес.

Трговскиот центар во Сопиште веќе се гради. Први соседи се семејна куќа и една пространа нива. Градоначалникот Трпковски во сите свои изборни програми ветувал модерна инфраструктура како приоритет за брзорастечката општина. Но, само едно е остварено веднаш и навремено – трговски центар на три ката во пакет со две станбени згради од по шест ката. Во моментов до градежниот плац не постои регуларен пат, па механизацијата нелегално се пробива низ регионалниот пат.

Општинскиот совет го одобрил проектот од јавен интерес

Зданието од околу 3.300 квадратни метри, кое би се издигнало на централна локација во општината, ќе вклучува 30 стана и трикатен деловен простор кој зафаќа повеќе од половина од вкупната квадратура – 1.700 квадратни метри. Токму за предвидениот трговски центар Советот на Општината со одлука го ослободил од плаќање комуналии инвеститорот „ЈАКО Македонија“ непосредно пред да му издаде одобрение за градба во септември 2021 година. Советот го прифатил образложението на инвеститорот дека трговскиот центар во „голема мера ќе ги подобри условите за живот“ на жителите на Сопиште.

Oдлука за ослободување од комуналии

Образложението на инвеститорот дека изградбата на трговски центар е предуслов за подобар живот во Сопиште е неприфатливо за оние што одлучија да побараат подобар живот поради чистиот воздух, зеленилото и спокојот што го нуди подножјето на Водно.

„Болници, училишта, градинки, тоа се објекти од јавен интерес, а не трговски центри“, рече Коста Милков кој живее само на неколку метри од нивата каде што треба да се изгради трговскиот центар. Поголемиот дел од жителите на Сопиште, иако плаќаат данок во таа општина, децата ги носат во училиште во други општини. И покрај брзорастечката урбанизација, Општината го има само старото селско училиште кое не ги задоволуваше потребите на мештаните ниту пред бранот доселувања.

Поскапените комуналии во Сопиште не му годеле на инвеститорот, па советниците на ВМРО-ДПМНЕ го ослободиле од плаќање

Градежната експанзија значително ги зголеми цените за комуналии во Сопиште. Првата дозвола на инвеститорот била по стариот ценовник, но жалбите на соседите довеле до поништување на првата дозвола по што се издала втора – овој пат по новиот, поскап тарифник. Но, на помош дошле општинските советници. За 1.700 квадратни метри деловен простор, како што е предвидено во основниот проект, инвеститорот „ЈАКО Македонија“ требаше да плати комуналии во износ од 127 илјади евра.

Стар и нов ценовник за комуналии во Општина Сопиште

Општина Сопиште во септември 2021 година првично му издала одобрение за градење на инвеститорот „ЈАКО Македонија“. По сознанието дека до неговата куќа ќе се гради деловно-станбен објект, Коста Милков се пожали во Министерство за транспорт и врски за процедурални недостатоци. Жалбата беше уважена и во декември 2021 година првото одобрение се поништи. Инвеститорот потоа повторно ја поднел проектната документација до Општината. Еден месец подоцна, во јануари 2022 година, Општина Сопиште издаде второ одобрение за градење за истиот објект. Ако по стариот тарифник за трговскиот центар требаше да се уплатат околу 50 илјади евра во општинската каса, со новите цени сумата порасна на 127 илјади евра. Но, и покрај поскапувањето и новото решение, „ЈАКО Македонија“ нема да ѝ плати ниту денар на Општината на име комуналии бидејќи се повика на одлука на општинскиот Совет за ослободување од оваа такса со образложение дека станува збор за – „објект од интерес за граѓаните и развиток на Сопиште“.

Иако се обидовме, не успеавме да стапиме во контакт со Јако Македонија, за да обезбедиме одговор, како успеале да ја убедат општина Сопиште да ги ослободи од комуналии во висина од 127 илјади евра. Сопругот на еден од содружниците во Јако Македонија во телефонски разговор посочи дека не сака да ни даде контакт од претставник од компанијата и дека се што не интересира околу проектот да прашаме во општина Сопиште.

Одлуката на која се повикуваат и од Општина Сопиште, но и инвеститорот е донесена пред локалните избори на 17 октомври лани, поточно во септемвири кога „за“ ослободување од плаќање комуналии во име на развојот на општината гласале советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои го имаа и сега го имаат мнозинството во општинскиот Совет. Градоначалникот Стефче Трпковски не се откажа од изградба на трговски центар. Општина Сопиште во март на својата официјална веб-страница напиша:

Улица со ширина од три метри ќе служи како пристап до 3.300 квадратни метри објект

Пристап до влезот на новиот трговски центар ќе има од една тесна помошна уличка широка само 3,5 метри. Скрпена од приватно земјиште, таа е замислена како пристапен пат за локалните жители, а која во иднина ќе мора да ја делат со 30 други семејства, но и со посетителите на трговскиот центар.

„Ние по куќиве што сме едвај можеме сега да се разминеме. Некој секогаш треба да чека другиот да помине, а камоли кога ќе се вселат повеќе семејства. Ќе се направи огромен проблем и нема да може да излеземе“, вели Милков.

Во разговорот со ИРЛ, градоначалникот на Сопиште Стефче Трпковски напомена дека во 2014-та или една година откако дошол на власт тој се обидел да изработи урбанистички план за селото како што е замислено со Законот за просторно и урбанистичко планирање, иако не е задолжително за општините. Еден од клучните замисли на тој план била и експропријацијата на приватно земјиште на некои од жителите со цел да се прошират тесните селски улички. Откако стотици жители се пожалиле, планот останал неизработен. Оттогаш во Сопиште се гради според стара планска документација врз која се носат урбанистички проекти кои овластени приватни проектанти ги изработуваат за поединечни парцели во име на инвеститорите. Општината е контролниот механизам што треба да ја регулира законитоста на оваа процедура, а воедно и да ги заштити јавните интереси.

Министерот за транспорт и врски од СДСМ, Благој Бочварски (втор од десно), во Сопиште во кампањата за локални избори 2021 година заедно со кандидатот за градоначалник Сашо Стојановски (прв од десно) кој загуби од долгогодишниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Стефче Трпковски. Кога јавноста е лута, Бочварски често ги обвинува лошите закони и прописи за проблематичните урбани решенија Најголемиот дел од тие прописи самиот ги критикуваше на јавна говорница од опозиција како претседател на комисијата за транспорт на СДСМ. Ги нарекуваше криминални и скроени да му служат на Груевски. Ваквите законски сивила го овозможија проектот со трговскиот центар на новиот градоначалник и уште стотици такви во земјата. И по шест години власт, СДСМ продолжува да работи по најголем дел од прописите од времето на Груевски.

И покрај тоа што урбанистичкиот план од 2014 година не бил донесен поради жалби од страна на жителите кои морале да отстапат дел од своето земјиште, сепак, градоначалникот Трпковски рече дека помошната уличка на која ќе излегува трговскиот центар во иднина може да биде проширена за што ќе биде неопходна експропријација на приватно земјиште со цел да се зголеми нејзиниот капацитет.

Вода нема, а сепак ќе се гради трговски центар

Проблемите со инфраструктурата, а особено недостигот на вода се дел од секојдневието на многу жители на Сопиште. Тие велат дека не само што притисокот значително се намалува за време на викенд, кога голем број скопјани доаѓаат да се одморат од градската динамика, туку делови од општината често и воопшто немаат вода. Граѓаните се загрижени дека доселување на нови соседи и метежот од трговскиот центар дополнително ќе ја оптоварат старата водоводна мрежа.

Според планската документација доставена до општината во 2020 година, трговскиот центар ќе се снабдува со вода преку предвидена реконструкција на постојната мрежа. ЈП „Водовод“, исто така, извршило увид во документацијата и издало одобрение за приклучување кое подразбира надградување на водоводот. Надградбата на ваков вид инфраструктура во пракса се врши паралелно со изградба на објектот.

Од ЈП „Водовод“ за ИРЛ изјавија дека во Секторот за технички работи и развој при јавното претпријатие од страна Општината или од приватен инвеститор досега не била доставена документација за надградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација за таа локација во Сопиште.

Во разговор со новинари од ИРЛ, градоначалникот Трпковски рече дека не чул за проблеми со недостиг на вода.

На другата страна на Водно: Од Сончев град до Биси и Брејк

Сопиште лежи под Водно, но малку повисоко од елитната скопска населба Водно и на посончевaта страна. Прв кој во оваа селска општина, која се наоѓа во најпосакуваната скопска планина за градење, намириса бизнис-потенцијал е поранешниот премиер од редовите на СДСМ, Владо Бучковски. Тој додека раководеше со Владата институционално го одобри проектот „Сончев град“ кој ќе придонесе за историски најголемата сеча на шумите на планината. Бучковски и СДСМ бргу по оваа одлука ги загубија изборите, но неговиот наследник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе го продолжи проектот. Во мандатот на Груевски ќе се реализира сè што е досега изградено, но реализацијата ќе ја следат многубројни обвинувања за корупција.

Владата на Република Македонија планирала да продава градежно земјиште во Сопиште по пат на јавно наддавање на местото каде што требаше да се изгради населбата. Населбата требаше да биде изградена во рок од четири години со комплетната инфраструктура. На продажба беа 603 градежни парцели за домување, со површина од 560.000 квадратни метри, 11 парцели за терасести структури за домување со површина од 50.000 квадратни метри и две градежни парцели за спортски терени. Но Уставниот суд ја укина одлуката за донесување урбанистички план за село Сопиште, место Сончев Град, донесена од страна на Советот на Општината во февруари 2008 година. Судот утврди дека согласноста од Министерството за транспорт и врски била дадена по одлуката, а не за предлог-планот, а нацрт-планот бил изработен пред да се издадат услови за планирање на просторот.

Во меѓувреме проектот „Сончев град“ помогна општината да стане атрактивна за инвеститорите. За таа цел се направи нов, подобар и побрз пат до срцето на градот и тоа низ самата планина. Тоа ги крена цените на земјиштето во општината која стана цел на повеќе инвеститори.

Проектот „Сончев град“ имаше мисија да го претвори Сопиште во сончево Водно – нова елитна скопска населба. Плановите ги попречија обвинувања за криминал и корупција и проектот остана недовршен. Но, и неизграден „Сончев град“ неповратно почна да го менува ликот на Сопиште и ги отвори вратите за нова крвничка бетонизација на последната слободна страна на планината.

Но, проектот „Сончев град“ донесе и затворски казни. На три години и пет месеци е осуден поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Кривичниот суд го прогласи за виновен бидејќи спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Освен Јанакиески, затворска казна од три години доби и претседателот на Комисијата за јавно наддавање додека другите четири члена поминаа со условни казни. Случајот „Сончев град“ го отвори веќе расформираното Специјално јавно обвинителство, а судењето траеше четири години.

„Сопиште станува новото Скопје. Јас не сметам дека ни фали трговски центар. Да, ни треба поголем маркет, но трговски не треба. Поскапо е да се изгради куќа отколку да се дигне зграда. Мислам дека напротив, треба да се плаќаат повеќе комуналии за деловни простори. Особено за локацијата тие трошоци треба да се двојно повисоки за општината да може да си обезбеди средства. Со зголемената капацитетност се напнува и водоводната мрежа и канализацијата“, вели Мартина Павловиќ која живее во Сопиште и смета дека урбанизација мора да е проследена со надградба на инфраструктурата.

„Станови под падините на Водно и блиску до центарот, а надвор од бетонот и џагорот“. Приближно вака се продаваа становите во станбените комплекси на компаниите на контроверзниот бизнисмен Ивица Георгиевски, пејачот и бизнисмен Дарко Гелевски-Брејк, но и многу други. Ова неповратно ги промени изгледот и демографијата на Сопиште кое не најде начин да ја модернизира инфраструктурата за да фати тек со напливот на нови градби на желните инвеститори кои продаваат елитен мир на поимотните скопјани уморни од градот.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »