Веќе трет ден на петте национални телевизии не се пренесуваат изјави и ставови на техничкиот премиер, министрите и нивните заменици во Владата. Во вестите на Сител, Канал 5, Телма, Алсат и Алфа ТВ се објавуваат тонски парчиња само од пониските ешалони во власта, односно директори на институции, а се пренесуваат и партиски ставови.
Вчера техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче беа во посета на Торакална хурургија каде промовираа нова опрема, но во вестите на овие телевизии немаше ни збор од владините преставници. Беше пренесена само изјавата што на настанот ја даде директорот на Торакална хирургија.
Уште еден пример за илустрација е вчерашниот заеднички настан на министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски, на кој присуствуваше и евроамбасадорот Семуел Жбогар. Во информативните изданија беше пренесена само изјавата на Танасовски.
Ова е всушност начинот на кој националните телевизии решија да ја информираат јавноста, а истовремено да има тивок бојкот на активностите на владата.
Но, раководствата на телевизиите тврдат дека не станува збор за бојкот и сите со кои разговараше ИРЛ имаат усогласени изјави.
„Тоа е ваш впечаток. Нема бојкот на владата“ – вели директор на една од националните телевизии.
„Каков бојкот. Нема такво нешто“ – изјави уште еден директор на телевизија.
Сепак, новинари од овие телевизии ни изјавија дека завчера од менаџментот им било соопштено дека нема да се покриваат прес конференции на министри, а доколку има заеднички настан со други функционери, тогаш во вестите ќе се пренесе само изјавата на директорот на соодветната институција.
„Не ни објаснија зошто. Само ни’ рекоа дека премиерот, министрите и нивните заменици нема да се појавуваат во информативните изданија“ – вели новинар во една од телевизиите.
Директорите на телевизиите не сакаат да соопштат зошто се одлучиле да ја „исфрлат“ од вестите извршната власт, ниту пак поставиле некакви барања и услови до Владата.
Не добивме конкретен одговор ниту од Владата. На прашањето на ИРЛ дали во изминатиот период имало некакви преговори меѓу власта и медиумите, оттаму рекоа дека не добиле никакви барања. Во долгиот одговор од Владата само ги наведоа реформите кои ги презеле од 2017 година досега.
„Владата на Република Северна Македонија од 2017 година, со стартот на мандатот, како една од приоритетните теми ја определи реформата во областа на медиумите и медиумската регулатива, со единствена цел на медиумите и на медиумските работници да им ја врати слободата за извршување на нивните професионални обврски и правото на независност и слобода на изразувањето. Наспроти сите опструкции на опозицијата кои траат до ден денеска, целиот тој процес се одвиваше со максимална инклузивност на медиумите и граѓанските организации, и низ широка јавна и транспарентна јавна расправа, при што одлуките секогаш беа донесувани само откако претходно беше постигната согласност за секое решение од интерес на медиумите и од јавен интерес на општеството и граѓаните“ – е само мал дел од одговорот од Владата.
Денеска заедничка прес конференција имаа вицепремиерот Бујар Османи и директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски. Одговор за оваа тензична ситуација не дадоа ни тие. Османи само се надева дека медиумите ќе работат за јавниот интерес.
„Навистина не би сакал како претставник на Владата да се мешам дали медиумите ќе објават наши активности. Ова е во јавен интерес што го правиме. Но, тоа е нивно право како ќе известуваат од нашите активности. Се надеваме на добра соработка, особено во овој предизборен период, кога граѓаните сакаат да ги видат ставовите на сите учесници во овој политички натпревар за да можат да донесат соодветна одлука“ – рече Бујар Османи.
Директорот на Агенцијата за медиуми Трајчевски, пак, се огради и изјави дека регулаторот не смее да се меша во уредувачката политика.
„Агенцијата не може да биде уредник на било кој медиум. Ова што се наведе во текот на вчерашниот ден дека има бојкот е сега за сега непотрдена информација, не е факт. Медиумите треба да го намалат влијанието на владините функционери, бидејќи сведоци сме дека последниве денови има зголемен број на активности, а голем дел од нив немаат суштина, туку се пара настани, кои се креираат само за да бидат присутни во медиумите. И медиумите сами оценуваат што од тоа е вистински настан и за што да ги информираат граѓаните“ – изјави Трајчевски.
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници велат дека до нив не стасала информација за официјален бојкот на работата на Владата.
„Ако е точно дека Владата во некои разговори ветувала финансиска помош на телевизиите, не знаеме врз база на кои критериуми тоа би се правел. Принципиелно сме против директно финансиско учество на државата во медиумите бидејќи на тој начин се создава клиентелистички однос, што е опасно за слободата на медиумите, објективното и професионалното новинарство, а особено во предизборниот период. Од исти причини сме и против финансирање на партиската изборна кампања со јавни пари“ – велат од ССНМ.
Од Здружението на новинари велат дека ни тие не се информирани дали има некаков судир меѓу власта и националните телевизии.
„Ние навистина не знаеме за што тука станува збор, затоа што нема официјална информација од телевизиите, и се се сведува на шпекулации. Но , принципиелно, правото на информирање на граѓаните е неприкосновено, и било каков интерес, особено бизнис интерес, не би требало да се меша со уредувачката политика на телевизиите. Бараме и телевизиите и Владата да ја објаснат природата на овој судир, во интерес на јавноста“.
Фондот за медиуми остана само како идеја
Веднаш по доаѓањето на власт во 2017 година владата на СДСМ и ДУИ ги укина владините реклами во сите медиуми со цел да ја прекине коруптивната врска меѓу власта и медиумите. Беше обелоденето дека од 2008 до 2015 година од државниот буџет биле потрошени 38 милиони евр за кампањи и пропаганда во електронските и печатени медиуми во Македонија.
„На крај памет не ни е да истураме како претходната власт по 2 или 3 милиони евра на одредени телевизии“ – изјави тогаш премиерот Зоран Заев.
Сепак, на почетокот на минатата година ИРЛ објави дека Владата загoвара формирање на Фонд за медиуми преку кој би се финансирале телевизиите и радијата. Локалните и регионалните медиуми бараа парите да им се доделат ним, со оглед на лошата финансиска состојба во која се наоѓаат, но од Владата инсистирале во поделбата на колачот да учествуваат и националните телевизии. Намерата ја потврди и министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, кој рече дека Владата е расположена да им помогне на медиумите доколку тоа го побараат од неа.
Но, формирањето на Фондот остана само како идеја.