Press "Enter" to skip to content

Тајниот план на Груевски за македонски офшор се правел со лондонска фирма која перела пари за Иран

Протечените емаил пораки од лондонската фирма Formation House покажуваат како Груевски планирал офшор зона во Македонија по примерот на Гамбија. Требало да се вика Трејд Парк Македонија. Лажни банки и тајна регистрација на фирми се дел од сценариото дизајнирано од лондонскиот консалтинг чијшто основач беше обвинет дека перел пари за ирански нафтени компании кои биле под санкции на САД и ЕУ, за шведскиот организиран криминал и низа светски измамници. Идејата се рекламирала како одлична за парите на светските криминалци кои сакале да останат надвор од радарот на ЕУ и САД.

Овие наоди доаѓаат од протечените документи од британската консултантска куќа Formation House. Масивниот проток на електронски комуникации и документи им беше даден на новинари од целиот свет кои по месеци работа, од денеска низ светот почнуваат да ги објавуваат своите приказни колективно и во стилот на Панама Пејперс  под називот #29 Leaks. Името 29 е асоцијација од 29 Харли Стрит, адресата на којашто се наоѓа оваа фирма во богатиот лондонски кварт. Документите им беа дадени на новинарите од страна на таканаречената неформална група активисти The Distributed Denial of Secrets.  Тие не открија како ги добиле документите и кој е дошепнувачот, а сите документи ќе ги објават јавно откако новинарите ќе ги завршат своите проверки.

Пеколен план

Кога поранешниот премиер на Северна Македонија Никола Груевски започна да прави забрзани планови за да создаде безданочна финансиска зона, владините критичари, па дури и некои поддржувачи беа вознемирени и зачудени.

Протечените документи наречени 29leaks сега откриваат дека поддржувачите на проектот правеле заговор со Лондон за да изнајдат финансиска зона на периферијата на главниот град, Скопје. Таа зона требала да биде надвор од очите на домашните и меѓународните фактори.

Беше 2014 година и серија скандали поврзани со корупција предизвикаа голем гнев, што експлодира во масовни демонстрации следната година. Планот на премиерот за автономна трговска зона на некои им звучеше како дозвола да изврши уште еден финансиски криминал.

Штурите информации во јавноста за проектот беа уште позагрижувачки. Сега, благодарение на низа е-маил пораки добиени од активистите од The Distributed Denial of Secrets на тајните и споделени со Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (ОCCRP) , планот на Груевски и неговите соработници може да биде откриен.

Шемата беше оркестрирана од Formation House, лондонска фирма чиј што основач, Надим Кан, во април 2014 беше обвинет за перење на пари. Но, тој сепак беше решен да создаде тајни финансиски зони во околу десетина земји, особено на Балканот и во Африка.

Во е-маил одговор на прашањата на новинарите, сегашниот сопственик на лондонската фирма Formation House, Шарлот Павар, рече дека протечените податоци биле пријавени како украдени и дека фирмата се соочила со обиди за изнудување. Таа не достави докази за да ги поддржи овие тврдења.

Кешот  од внатрешни документи вклучува голем број на маркетинг презентации за т.н. „трговски паркови“, од кои едниот ветува: „Обезбедена е тотална анонимност, без видливост за САД или меѓународните институции“.

Траде парк

Меѓу наводните придобивки од зоната би бил регистар кој би дозволувал компаниите да се формираат без надзор од државата или меѓународни власти. Освен регистер, таму би имало и мали банки. Регистерот и слободната трговска зона ќе бидат управувани како мини-држава во рамките на една држава од страна на сопствениците на Formations House , што докажуваат и документите и интервјуата со сегашни и поранешни функционери кои ги доби и направи ИРЛ.

Иако овие детали беа сокриени од јавноста, но и тогаш, дури и оние информации кои што се објавија беа доволни за да предизвикаат доволно загриженост.

„Тогаш мислев дека е шега“, вели сегашниот премиер Зоран Заев.

Како што напредуваа плановите за безданочната зона, така се посилен беше притисокот од опозициските партии кон Владата на Груевски за серија скандали, вклучително и перење пари од зделки спонзорирани од државата, кои вклучуваа големи шеми со анонимни оф-шор компании.

„Се чини дека било лудост во таква состојба да се каже:„ Ние сакаме да направиме оф-шор зона овде, што велите за тоа? “Бев зачуден“, вели Заев.

Идејата ќе значеше промена на Уставот на земјата со цел да се овозможи автономно тело да управува со оф-шор зоната. Но, тоа го вклучи алармот во Венецијанската комисија која е советодавно правно тело на Советот на Европа.

„Доколку сите закони (освен кривичните закони) треба да се донесат и спроведат од тело или фирма задолжено да ја менаџира зоната, а не од законодавецот и извршната власт, тогаш оваа зона станува еден вид„ Држава во држава “ и одделена од постоечката уставна структура“, напишаа од Венецијанската комисија во правно мислење од 2014 година.

Тоа тело требало да биде компанијата Formation House. По локации за офшор зоната се трагало во Охрид и во Скопје. Но, бидејќи менаџерите сакале да градат и станови за странците кои би работел во зоната, на крајот “победила” касарната Илинден. Би важеле други закони, не и македонските.

Комисијата предупреди дека зоната може да стане „засолниште за валкани пари “.

Во декември 2016 година даночните и царинските органи во Велика Британија го предупредија Formations House дека не се придржува кон законите за спречување на перење пари и фирмата може да се соочи со кривично гонење.

 Во потрага по инвеститори

Идејата за слободна трговска зона дојде со цел владата на Груевски да ја промовира Македонија како магнет за странски инвестиции. Во 2011 година, официјалните владини претставници беа испратени низ целиот свет за да се сретнат со потенцијалните инвеститори.

Еден од тие претставници беше Оливер Сем, кој беше одговорен за прашања поврзани со Велика Британија во македонската владина агенција за привлекување на странски инвестиции. Тој со актуелната сопственичка Павар се запознал во Лондон. Во тоа време, компанијата ја водеше нејзиниот татко Кан, а подоцна во 2014 година тој беше обвинет за перење на пари. Саша Грујевски е уште едно лице од Македонија кое што се појавува во електронските преписки помеѓу владата и Шарлат Павар и други лица од компанијата во Лондон, заедно со Оливер Сем и уште неколку владини службеници.

Според вклучените лица во владата во овој план Павар предложила голем број на опции, но вниманието на Груевски му го привлекла финансиската зона. Премиерот тогаш испрати двајца функционери, меѓу кои и тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, да се сретнат со Павар. Медиумите објавија за неговата посета на Велика Британија во февруари 2015 година.

Во периодот потоа Павар ја посетува Македонија неколку пати, заедно со Дариус Кан, нејзиниот тогаш 23-годишен брат. Тука имале средби со повеќе официјални лица, вклучувајќи ги Никола Груевски, Зоран Ставрески и Иво Ивановски, екс министерот за информатичко општество.

На 25 февруари 2015 година, Кан се јави на Фејсбук од лондонскиот аеродром Лутон и напиша дека треба да се сретне со високи официјални лица од Македонија. На 13.05.2015 година, Павар објави селфи под кое напиша:

„По средбата со премиерот!“.

Во коментарите под фотографијата таа објаснува дека премиерот е од земја различна од Велика Британија, додавајќи дека „бил многу пријателски расположен!“

Неколку дена подоцна, таа објави фотографија од црква во Македонија.

Во одговорот на прашањата на ИРЛ, Павар  рече дека Formations House била „повикана да разговара за опциите што владата би можела да ги преземе за да помогне во задржување на дипломираните студенти и да го поддржи економскиот раст на деловните жители“, но не и за да прави нови закони.

Шарлот Павар во црква во Македонија/Фото: Фејсбук страница на Павар

„Владата одлучи дека за економските зони и треба посебен даночен систем за да бидат ефективни. Но, дека тоа би било штетно за нивната апликација во ЕУ. Ние не сме поврзани со ниту еден државен функционер во сегашната или претходната власт во Македонија“, додаде таа.

Сепак, на нејзината веб-страница, Глобал Павар, за себе вели дека во 2014 година работела како консултант на владата на Република Македонија за прашања како што се „стратешки придонес за спроведување на подобра технологијa.

Веб страница на Шарлот Павар каде што нотирала дека работела како консултант на старата влада во времето на Никола Груевски

Уставни контроверзии

Создавањето на безданочна зона бара измена на Уставот на Македонија, бидејќи „тоа значи целосно исклучување на оваа зона од правниот поредок на државата“, напиша  Венецијанската комисија од Советот на Европа.

Во тој период, кога се туркала идејата за оф-шро зона, Владата истовремено предложи посебен амандман за да го ограничи уставното дефинирање на бракот помеѓу еден маж и една жена, а со тоа да се отвори патот за забрана на истополовите заедници.

“Предложениот амандман се чинеше дека дојде од никаде”, потсети Лилјана Поповска, тогашен пратеник од ДОМ.

„Тие сакаа да го искористат контроверзниот предлог и да предизвикаат дебата за бракот“, вели Поповска. „Но, чадот се крена и не успеаја да го привлече вниманието на јавноста“.

Сите очи беа вперени кон лудиот план да се направи офшор во веќе проблематичната балканска земја, која е рута на секоја криминална група на Балканот и има слаби институции и високо корумпирана влада.

Сепак, владата продолжи со планот. Ставрески, тогашниот министер за финансии, инсистираше на телевизиска дебата кон крајот на 2014 година со цел да ја увери јавноста дека намерата не е да се создаде „оф-шор зона“. Тој ветуваше дека „ќе се применуваат сите законски методи за контрола на парите со цел да се спречи прилив на капитал од неидентификувани извори“. Се обидовме да добиеме коментар од Ставрески, но тој не одговори на нашите порак и постојани телефонски повици.

Протести пред Владата во Скопје, Април 2016/ ФОТО: AFP, Роберт Атанасовски

Саша Грујевски, државен советник за странски директни инвестиции, учествуваше во планирањето како дел од неговата улога во кабинетот на Груевски. Грујевски за OCCRP и ИРЛ изјави дека зоната требала да се вика „Трговски парк Македонија“.

Тоа одговараше со имињата на зоните што тимот на Formations House ги планираше во други земји. Една од компаниите која што е дел од Formation House, а во сопственост на Павар и Кан е и Trade Park Corporation од Хонк Конг – спин оф фирма која ја користат за да туркаат глобални проекти. Според протечените документи, македонската офшор зона требало да се вика Трејд Парк Македонија.

Предлагале трговски зони без данок, а некои од нивните планови вклучуваат и станбени комплекси во Скопје, приватни плажи во Сао Том предлог и Принцип што ќе се фокусира на туризмот, а друга во Камерун за одгледување на канабис.

Но, најголемиот успех се случи во 2013 година кога тогашниот претседател на Гамбија, Јахја Jамех го дал својот благослов за предложениот оф-шор регион и регистарот на приватните компании. Моделот е ист како оној што малку подоцна ќе биде предложен за Македонија. Иако во Гамбија никогаш не помина тој закон, Formation House веќе почнува да регистрира оф шор компании и лажни банки. Сценариото со банки и тајни фирми е она што потоа треба да се прави и во Македонија, а ова го потврди и Саша Грујевски, тогашен советник на премиерот Груевски и вклучен во подготовките за креиреањето на офшор зона. Клиентите во Гамбија вклучуваат нафтени компании од Иран кои беа под санкции од САД и ЕУ, поранешен лидер на организирана криминална група од Шведска и серија на светски измамници.

Во Северна Македонија, во меѓувреме, дури и некои сојузници на премиерот се „оладија“ од планот.

И покрај тоа што Грујевски, член на кабинетот, помогна да се подготви теренот за трговската зона, тој рече дека бил загрижен поради намерата да дозволи да работи според сопствените закони и во тајност.

„Баравме регистрацијата на компаниите да се направи преку македонскиот деловен регистар и во согласност со нашиот закон“, рече Грујевски. „И тоа му го кажав на премиерот, но тој продолжи да му наложува на тимот да работи на идејата [за регистар што ќе го води Formations House]“, вели Груевски додавајќи дека тој го пријавил и случајот со Гамбија.

Серија планови за Балканот

Formations House во тоа време имаат свои планови и во Мостар, Босна и Херцеговина, како локација за оф-шор финансиска зона, покажуваат податоците од протечениот линк.

Мејловите откриваат дека Павар го посетила Мостар во 2015 година, во потрага по 70 хектари земја. Соработувала со Милош Далибор, кој тогаш беше шеф на Стопанската комора на градот и претседател на фирмата Алуминиј, компанија за производство на алуминиум што поради финансиски причини престана да работи оваа година. Павар, исто така, била во контакт со Марио Гргиќ, тогашен висок функционер во политичка партија ХДЗБиХ.

„Со нетрпение очекувам да добијам информации за локалитетот во близина на аеродромот Мостар, кој вклучува воен магацин и исто така и за втората локација кон Меѓугорје, за што посочивте дека е многу поголема и ние би можеле да ги разгледаме“, напишала Павар во е-маил на 23 април 2015 година.

Милош Далибор за OCCRP изјави дека се воделе преговори, но проектот не напредувал.

Павар своето работно искуство во Босна и Херцеговина го наведува на нејзината веб-страница Global Pawar, тврдејќи дека била консултант за босанската влада.

Трејд Парк Македонија

Во една од електронски преписки, Грујевски пишува до Павар да поднесе ново писмо со намери кое што нема да вклучува име на компанијата која е оператор на таканаречената Трејд Парк зона, бидејќи се уште немало тендер.

„Би било нелегално за било кој од владата да прати писмо со намери со името на идната компанија која што ќе ја менаџира ТИРЗ зоната без да се помине целата тендерска процедура.” пишува тој.

Откако Павар се согласува со неговите инструкции, тој ќе: “Ние ќе преземеме од овде.”

Протечената е-маил комуникација од летото 2015 година покажува дека Грујевски и Павар разговараат за чекорите што се потребни да се преземат за да се овозможи нејзината компанија да биде одбрана на тендерот за управување со проектот, кој тие го нарекувааат Технолошка иновативна зона. Е-маил преписката  покажува дека соработувале при изготвувањето на писмото за намери, кое требало да биде доставено до властите во Македонија со цел проектот да се развива.

Во една е-маил, Грујевски ја советува Павар да достави нов нацрт во кој не се наведува името на нејзината компанија како оператор на трговскиот парк, “затоа што селекцијата уште не е направена”

„Би било незаконски за секого од Владата да биде испратено писмо со намери со името на идната компанија за управување со ТИРЗ, без да се спроведе целата постапка за нејзино основање“, напишал Грујевски.

Е-маил од Саша Грујевски до Павар во врска со писмото со намери

Набргу по овие преписки, политичките настани во Северна Македонија земаат нов замав којшто го пореметува планот на владата и Шарлот Павар. Почнуваат масивни протести, протекуваат прислушувани разговори, се зборува за висока корупција, а опозицијата го блокира парламентот. ЕУ е принудена да интервенира и во 2016 се случуваат нови избори. Груевски е обвинет и осуден, а подоцна бега во Унгарија каде што добива азил. Груевски не одговори на прашањата на новинарите.

Саша Грујевски, поранешен член на кабинетот на Груевски, се уште работи во Владата. Тој сега разработува план за „технолошко – иновативни зони“ за кој тврди дека ќе биде различен од проектот на претходната влада со Formations House и нема да има ништо заедничко со офшор зони.  Ќе се наоѓа на истото место, но ќе функцонира како секоја друга технолошка зона во земјава и нема да вклучува финансиски инвестиции.

“Новата зона за странските инвеститори ќе ги следи македонските закони што регулираат слободни економски зони, рече тој. Владата ги потврди неговите кажувања.

„Ова беше мојата идеја од многу одамна. Започна со претходниот премиер, а на г-Заев многу му се допадна проектот, така што ќе продолжи “, ни изјави Грујевски.

#29leaks

https://www.occrp.org/en/29leaks/

Повеќе од Меѓународни истражувањаПовеќе теми во Меѓународни истражувања »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »