Press "Enter" to skip to content

Дубаи документи: Која е македонската елитна група со недвижно богатство во Емиратите

Ова истражување е резултат на шестмесечната истрага предводена од глобалната мрежа на истражувачки новинари која што ги обработи протечените документи обезбедeни од Центарот за напредни одбранбени студии од Вашингтон и норвешкиот медиум Е24. Новинарите пронајдоа најмалку 200 осудени криминалци, бегалци, политичари обвинети за корупција и санкционирани поединци кои поседувале недвижен имот во Дубаи. Дел од овие луѓе се и од Македонија.

Известуваат: Давид Илиески и Маја Јовановска; Визуелизација: Лука Блажев, Елена Митревска Цуцковска и Џејмс О’Брајан (OCCRP); Редактура: Сашка Цветковска;

Туристичките агенции во Македонија имаат изобилна понуда на аранжмани за патување и посета на Дубаи.

„Луксузна дестинација создадена за уживање“; „Еден ден во Дубаи се памети цел живот“; „Егзотични плажи, шопинг центри и луксузни хотели“; „Градот на иднината“; „Синоним за луксузно живеење“; „Дубаи – единствен, екстравагантен и луксузен…“.

Во рекламните материјали кои го промовираат градот доминантно се провлекува зборот „луксуз“. Но, високите цени во градот, на туристите во организирани групи може да им овозможат само поглед кон луксузот. Екстравагантните вечерни излегувања низ Дубаи или пак пазарувањата во спектакуларните трговски центри им се достапни само на оние со длабоки џебови.

Дека гламурозниот живот им е достапен и на дел од македонските граѓани сведочат и стотиците стории од жолтиот печат кои посветено ги следат социјалните мрежи на богатите и славните во Македонија. Инфлуенсери, пејачи и модели со задоволство се фотографирааат, за разлика од бизнисмените и политичарите. Но, Инстаграм и Тик ток профилите на некои од нивните деца и партнери, понекогаш прикажуваат фотографии и видеа од чести посети во Дубаи, така што македонскиот граѓанин може да исцрта слика за животниот стил на македонската бизнис и политичка елита.

Дубаи не е само местото каде што малкумина живеат живот којшто за многумина тука е нечуен. Во Дубаи се оди и за бизнис и работа, но и за атрактивниот пазар на недвижности со висока репутација. Кој од македонските граѓани поседува банкарски сметки или имот во Дубаи е невозможно да се дознае по институционален пат бидејќи овие податоци таму се тајна. Во новото истражување на ИРЛ и партнерите за првпат откриваме недвижности на македонски граѓани од јавниот живот во оваа светска оф-шор дестинација.

По шестмесечна истрага предводена од глобалната мрежа на истражувачки новинари „OCCRP“ и норвешкиот медиум „Е24“, репортерите од 74 медиуми во 58 држави открија најмалку 200 осудени криминалци, бегалци, политичари обвинети за корупција или нивни соработници и санкционирани поединци кои поседувале недвижен имот во Дубаи. Дел од овие луѓе се и од Северна Македонија.

Меѓународното истражување покажува како Дубаи стана еден од најголемите даночни раеви во светот, каде тајноста и годините на попустливи политики направија град каде недвижностите се запоседнати од контроверзни и проблематични сопственици.

Што треба да знаеме за протечените податоци

Податоците за имотот доаѓаат од серија протекувања на повеќе од 100 бази на податоци. Најголем дел од податоци доаѓаат од Одделот за недвижности во Владата на Дубаи, како и од јавните комунални претпријатија. Податоците се добиени од Центарот за напредни одбранбени студии (C4ADS), непрофитна организација со седиште во Вашингтон, која го истражува меѓународниот криминал и конфликти. Потоа беше споделен со норвешкиот финансиски медиум Е24 и со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), кој координираше истражен проект со десетици медиуми од целиот свет.

Протечените информации не го опфаќаат целиот регистар на недвижности во Дубаи. Вредноста на имотот опфтен во базите до кои новинарите имаат пристап е 90 милијарди долари. Зa споредба, економистите од Даночната опсерваторија на ЕУ и Норвешкиот центар за даночни истражувања, кои ги анализираа протечените податоци, странската сопственост на пазарот на домување во Дубаи вредела 160 милијарди долари само во 2022 година.

Базата со податоци со која работеше конзорциумот на медиуми содржи сопственик на секој имот, како и други информации за идентификација како што се неговиот или нејзиниот датум на раѓање, бројот на пасошот и националноста. 

Новинарите ги користеа податоците како почетна точка за да го истражат пејзажот на сопственоста на странски имот во Дубаи. Тие поминаа месеци во проверка на идентитетот на луѓето кои се појавија во протечените податоци, потврдувајќи го нивниот статус на сопственост, користејќи официјални записи и други јавно достапни бази на податоци. Репортерите вклучија луѓе во проектот само доколку нивниот идентитет може независно да се потврди преку други извори.

Македонците кои поседуваат имот во Дубаи

Во рамките на овој глобален пазар, Северна Македонија е мала риба. „Според протечените податоци од 2022 година и нашите проценки, странците поседувале минимум 198.000 станбени недвижности во Дубаи во вредност од повеќе од 90 милијарди американски долари истата година“, вели Андреас Окланд од Факултетот за економија и бизнис на Норвешкиот универзитет за општествени науки (NMBU).

Во протечените податоци има повеќе од 40 недвижни имоти во сопственост на граѓани од Северна Македонија. Според истата анализа, вкупната вредност на овој имот во сопственост на македонски граѓани изнесува нешто повеќе од 15 милиони американски долари.

Но, македонските граѓани од нашата приказна не се било кои Македонци. Туку се политички и економски моќни лица, а на добар дел кариерите им биле проследени со обвинувања за корупција и трговија со влијание.

Поседувањето недвижен имот во Дубаи само по себе не е доказ за погрешно постапување или криминал, но внимателно ги испитавме и идентификувавме имињата кај кои има релевантни информации за јавен интерес. Станува збор за лица кои биле политичари или се роднини или блиски пријатели на политичари во Македонија, луѓе против кои има истраги или судски пресуди, луѓе кои се под меѓународни санкции и луѓе кои го стекнале своето богатство преку прекршување на законите. Овие податоци за недвижностите на македонски државјани не ја отсликувааат нивната вкупна приватна и деловна активност. Тие може, но и не мора, да имаат и други имоти во Дубаи.

Јордан Камчев

Јордан „Орце“ Камчев е бизнисмен од Северна Македонија и еден од најбогатите луѓе во Македонија и земјите од Западен Балка според листата на „Форбс“ од 2016 година. Тој беше дел од потесниот круг на поранешниот премиер, Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков, шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) – дуото одговорно за автократско и корумпирано владеење кое вклучуваше сериозни повреди на човековите права и слободи. Врските со оваа група му овозможија незаконска предност во дузина државно финансирани зделки. Во 2022 година, Камчев беше осуден на две години затвор под обвинение за перење пари, измама и злоупотреба на службената положба во случаите „Империја“ и „Плацевите на Водно“. Тој е првиот бизнисмен од Македонија кој е ставен на црната листа на санкции на САД, како корумпиран олигарх вклучен во поткуп, перење пари и негативно влијание врз демократските процеси во земјава.

 

Според протечените податоци, во 2022 година поседувал стан во Марина Резиденс на Палмата Џумеира во Дубаи (Marina Residence, Palm Jumeirah). Големина на станот е 165 квадратни метри. Според анализата на пазарот со недвижности во Дубаи, проценетата вредност на станот во моментов изнесува околу 590 илјади американски долари.

 

ИРЛ не можеше да потврди дали се уште го поседува станот. Јордан Камчев не беше достапен да потврди или негира, тој не одговори на прашањата и повиците на ИРЛ.

Душко Чифлиганец

Душко Чифлиганец е бизнисмен и заменик-претседател во фамилијарната компанија „Адора Бизис Груп“. Неговиот татко, Ванчо Чифлиганец е од првата генерација транзициски директори, како прв човек на рудникот за злато и бакар „Бучим“ во Радовиш. Ванчо Чифлиганец во политиката влегува како пратеник на Социјалдемократскиот сојуз и во Парламентот останува два мандати. По завршувањето на политичката кариера Чифлиганец ја формира градежната компанија „Адора“, која прераснува во една од најголемите приватни фирми кои градат комерцијални објекти во целата држава. Истражувањето на ИРЛ „Изгубени во премерот“ во 2021 година покажа како преку компанијата „Адора“ тие направиле низа прекршувања на законите и на граѓаните им продавале станови со помала квадратура од онаа запишана во имотните листови.

Поседува стан во Атлантик (The Atlantic) во Дубаи. Станот е со големина од 124 квадратни метри. Според анализата на пазарот со недвижности во Дубаи, проценетата вредност на станот во моментов изнесува околу 567 илјади американски долари. 

Душко Чифлиганец во одговор за ИРЛ вели дека станот го купил на свои 23 години како дел од неговите лични и семејни деловни активности во ОАЕ. Целиот одговор овде.

Ристо Секуловски

Ристо Секуловски е македонски бизнисмен чија компанија „ССИ Инвестмент“ беше дел истрагата на случајот „Империја“ каде што поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков беа осудени за корупција и организиран криминал. Според сомнежите на обвинителството, неговата улога во операцијата била преку личната фирма да  пренесува средства со сомнително потекло и со нив да пазари недвижен имот за поранешни владини функционери. 

 

Поседува/л два стана во Ирис Блуе (Iris Blue) и Марина Терас Тауер (Marina Terrace Tower) во Дубаи. Становите се со големина од 127 квадратни метри и 97 квадратни метри. Според анализата на пазарот со недвижности во Дубаи, вкупната проценета вредност на двата стана во моментов изнесува околу 1 милион американски долари.

 

Ристо Секуловски разговараше со новинарите на ИРЛ, потврди дека има недвижен имот во Дубаи, но не даде повеќе информации. Потоа не одговори на прашањата на ИРЛ.

Бобан Заев

Бобан Заев е бизнисмен и братучед на поранешниот премиер Зоран Заев. Во периодот од 2017 до 2023 Бобан Заев и неговите компании бележат значајно проширување на деловните операции. Во 2017 година со други членови на семејството Заев, основаше компанија која стана една од првите што обезбеди лиценца за одгледување канабис за медицинска употреба – бизнис кој во Македонија е критикуван поради отсуството на државна контрола врз производството, како и отсуство на мерки за превенција на нелегална трговија со незаконски супстанци. Овој деловен потфат му донесе негативно медиумско внимание и јавни обвинувања дека ја користи позицијата на братучедот – премиер. 

Поседува стан во Гранд Блеу Тауер (Grand Bleu Tower) во Дубаи. Станот е со големина од 134 квадратни метри. Според анализата на пазарот со недвижности во Дубаи, проценетата вредност на станот во моментов изнесува околу 1 милион 400 илјади американски долари.

Бобан Заев во одговор за ИРЛ и Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) потврди дека станот во Дубаи го купил во ноември 2021 година, а средствата се лично негови од дивиденди и плати. Целиот одговор овде. 

Ниту еден Македонец не пријавил имот во Дубаи иако морале, некои го стекнале незаконски

До 2019 година Македонците не можеа да вложуваат во недвижности надвор од државата. Со измените на Законот за девизно работење, на граѓаните и компаниите им беше овозможено легално да купуваат акции и недвижности во странство. Условот е дека имаат должност купениот имот да го пријават во регистарот за вложувања во недвижности во Централниот регистар на Северна Македонија. 

Но, според информациите кои што самите лица од интерес ги споделија со новинарите на ИРЛ, речиси сите го прекршиле законот за девизно работење со непријавување на странскиот недвижен имот, а нечии имоти биле нелегално купени кога ова со закон било забрането.

Душко Чифлиганец тврди дека имотот го купил како резидент на Дубаи. Заминал на едукација во 2011 година кога имал 18 години. По пет години, на негови 23 години, тој одлучил да инвестира во недвижности. Според неговите одговори, тој смета дека како резидент на Дубаи немал законска обврска да го пријави станот бидејќи го пазарел со пари од резидентна сметка во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). 

„Станот во Дубаи го имам купено како резидент на Обединетите Арапски Емирати и е платен преку моја резидентна сметка во ОАЕ,“ пишува во одговорот на Чифлиганец. Тој додава дека според Законот за девизно работење на РСМ, „вложувањето во оваа недвижност не може да се смета како капитална инвестиција на резидент на нашата држава во странство“, а со тоа и дека немал обврска ниту можност да го пријави недвижниот имот во Централниот регистар.

Но, верификациите кои ги направи тимот на ИРЛ, покажуваат дека Чифлиганец го купил станот незаконски затоа што купувањето на недвижен имот во странство пред 2019 било нелегално и за резиденти. 

„Согласно со Законот за девизно работење, македонските граѓани можат да стекнуваат недвижности во странство,“ вели финансискиот експерт Павле Гацов. Тој појаснува дека претходно не постоела „можност за купување на недвижности во странство од страна на македонски граѓани“.

Ристо Секуловски во разговорот со новинарите на ИРЛ рече дека недвижностите ги стекнал многу одамна. „Одамна, има 20 години… Го купив со македонски документи“, одговори Секуловски во разговор со новинарите на ИРЛ. Како и Душко Чифлиганец, и тој не би смеел да купува стан пред 2019 година како државјанин на Македонија. И неговиот имот се уште не е пријавен во регистарот.

Јордан Камчев не одговори точно кога го купил имотот. Бобан Заев е единствениот кој потврди дека станот го купил по 2019 година по стапувањето на сила на законските измени кои овозможија Македонците да купуваат недвижен имот во странство. Тој не мора да го пријави овој стан во регистарот бидејќи се уште нема имотен лист. „Станот е купен во ноември 2021 година… Не бев свесен за постоењето на таков Закон или обврска, инаку би го регистрирал доколку е применливо,“ вели тој.

Со цел државните институции и истражни органи да имаат пристап до овие податоци, Централниот регистар води регистар на средствата вложени во недвижности на резиденти во странство, за што издава потврда за извршениот упис и за секоја натамошна измена.

Но, до денот на објавувањето на оваа сторија ниту еден Македонец не пријавил дека поседува имот во Обединетите Арапски Емирати и Дубаи.

 

„По однос на барањето со кое побаравте информација колкав број на македонски граѓани регистрирале недвижности во Регистарот на вложување средства во недвижности во Обединетите Арапски Емирати и Дубаи… Ве информираме дека во нашиот Регистар не се пронајдени такви записи,“ пишува во одговорот кој го добивме од Иван Марковски од Одделението за односи со јавност во Централниот регистар на Северна Македонија.

Нетранспарентни зделки и нула проверки

Павле Гацов е експерт во областите перење пари, даноци и финансиско известување уште од 89-та година. Бил советник на неколку министри во неколку влади, а денес е претседател на Здружение на даночни советници на Северна Македонија. Тој во разговор со ИРЛ вели дека многу често ваквите инвестиции „се брана за протнување на некои испрани пари кои што ќе се претворат во имот, односно ќе се одлеат во странство и на некој начин ќе се ‘обелат’“. Тој објаснува дека е многу важно да се води ваков регистар за јавноста и институциите да имаат увид кој и каде купил недвижности со цел да може да се направи проверка дали имотот потекнува од оданочени, односно легални средства.

 

„Оние кои не се пријавиле во регистарот и не го регистрирале купениот имот во странство треба да бидат подложени на проверка. Да се провери дали нивните приходи се од легални извори и дали биле оданочени,“ вели Гацов.

Во февруари годинава Собранието го донесе Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Со усвојувањето на овој закон се овозможува конфискација на имот (недвижен имот, пари, хартии од вредност, депозити, концесии) чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори. Постапката опфаќа имот во или надвор од Македонија, кој е во сопственост на физички лица македонски државјани, на странски државјани со престојувалиште во државава, на лица без државјанство со престојувалиште во земјава или на правни лица регистрирани во или надвор од Македонија.

За почетна година од кога ќе се разгледуваат изворите на средства е определена 2007 година. Тогаш е донесен Законот за платен промет кога сите граѓани беа обврзани своите трансакциски сметки да ги пријават во Единствениот регистар на трансакциски сметки. 

Кога јавниот обвинител ќе оцени дека постојат индиции дека имотот не е стекнат од законски извори, должен е веднаш да достави известување до Управата за финансиска полиција за испитување и прибирање на податоци за изворите и начините на кои е стекнат имотот. Товарот на докажување дека имотот е стекнат од законски извори е на страна на тужениот во постапката. Доколку тужениот нема докази, законот предвидува одземање на нелегално стекнатиот имот. 

Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка ќе почне да се применува од септември оваа година. 

Зошто Дубаи?

Пред четириесет години Дубаи беше непозната локација на Блискиот исток каде песочна бура можеше непречено да помине од Арабиската пустина до Персискиот залив.

Денес градот е глобален финансиски центар со една од најпрепознатливите панорами во светот – футуристичка бетонска џунгла каде што лидерите во бизнисот потпишуваат договори вредни милијарди долари, инфлуенсери промовираат луксузен животен стил, а Том Круз се искачува на највисоката зграда во светот за франшизата блокбастери „Невозможна мисија“.

Градот во Персискиот залив е далеку од единственото место каде што криминалците и другите успешно го чуваат своето богатство во луксузни имоти. Недвижностите во Њујорк и Лондон исто така се познати по тоа што привлекуваат валкани пари.

Но, експертите велат дека Дубаи има многу да понуди и тоа не само во однос на неговата огромна палета на висококатници и вили.

Еден од факторите за неговата атрактивност кај инвеститорите, велат експертите, се неконзистентните одговори на Емиратите на барањата од странските власти за помош при апсење и екстрадиција на бегалци.

До неодамна, Обединетите Арапски Емирати немаа договори за екстрадиција со многу земји, што помогна Дубаи да се претвори во магнет за бегалци од целиот свет. Додека властите на ОАЕ ја зголемија соработката со странските органи за спроведување на законот во последниве години, тамошната влада сè уште е позната по неконзистентни одговори на барањата за екстрадиција.

Џејмс Хенри, експерт за даночни раеви од „Јеил Глобал“ (Yale Global), ги спореди ОАЕ – федерација од седум емирати, вклучително и Дубаи – со „сцените со баровите во филмот ‘Војна на ѕвездите’“.

„Влегувате внатре, ги гледате клептократите, лево олигарсите, во средината перачите на пари, а во задниот дел валканите руски трговци што го користат како алатка за избегнување за санкции“, вели Хенри. „Сите ги служи истата основна финансиска тајност“.

Од австралиски шверцери на кокаин, до роднини на африкански диктатори и група санкционирани финансиери на Хезболах, истражувањата откриваат како градот ги отворил портите за бескрупулозните ликови од целиот свет.

Лицата од меѓународното истражување може да ги погледнете овде. 

Во март 2022 година, Оперативната група за финансиски акции или ФАТФ (Financial Action Task Force, FATF), меѓународна организација за определување дејствија за спречување на перење пари, утврди низа „недостатоци“ во системите за борба против перење пари и финансирање тероризам кај Обединетите Арапски Емирати.

Потегот кој се закануваше да ја наруши репутацијата на Дубаи како главен центар за финансии на Блискиот исток, предизвика заеднички напори на властите на ОАЕ да го заострат законодавството и да ја зголемат соработката со странските органи за спроведување на законот за екстрадиција.

Според властите на ОАЕ, агентите за недвижности, брокерите и давателите на корпоративни услуги го засилиле известувањето за сомнителни трансакции, додека вкупната вредност на казните наметнати од властите за спречување перење пари е зголемена за три пати од 2022 година.

Но, бројот на пријавени трансакции сè уште претставува мал дел од вкупниот број направени зделки.

Панорама од Дубаи. Фото: Оле Мартин Волд

„Dubai Unlocked“ е меѓународно истражување на кое работеa повеќе од 75 медиуми од 58 земји: Africa Uncensored, Al Jazeera, AZDA TV, Belarusian Investigative Center (BIC), BIRD, Buro Media, Civilnet, Context Investigative Reporting Project Romania, Cyprus Investigative Reporting Network, DARAJ /SIRAJ , Dawn, De Groene Amsterdammer, Delfi, Der Spiegel, Der Standard, De Tijd, Diario Rombe, Direkt36, Economy Post, Expresso, Etilaat Roz, El Universal, E24, Forbes, Frontier Myanmar, Frontstory.pl/Reporters Foundation, Government Accountability Project, InfoLibre, Inside story, International Consortium of Investigative Journalists (ICIJ), Investico, investigace.cz, Investigative Center of Jan Kuciak, Investigative Reporting Lab – IRL, IrpiMedia, iStories, Knack, Korea Center for Investigative Journalism(KCIJ)-Newstapa, KRIK, Le Monde, Le Soir, Lighthouse Reports, Malaysiakini, Malta Today, Mikroskop Media, NIRIJ, Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), Oštro, Paper Trail Media, Reporter.lu, Schemes, RFE/RL’s Ukrainian service investigative project, Siena, Shomrim, Slidstvo.Info, Straits Times, SVT, Tempo, The Age, The Confluence Media, The Irish Times, The News International Pakistan, The Nikkei, The Sydney Morning Herald, The Times, Times of Malta, Twala, VG, Vlast, Yle, Zamaneh Media and ZDF.

Податоците ги обезбеди Центарот за напредни одбранбени студии (C4ADS).

Повеќе од Меѓународни истражувањаПовеќе теми во Меѓународни истражувања »
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.