Press "Enter" to skip to content

Привилегирани ѕверки

Што истражуваме

Во име на интересот на неколкумина Градот Скопје со години дозволувал хаос и беззаконие во јадрото на Градскиот парк. Малку се и оние граѓани кои знаат дека постои посебна фирма која што ја основале институциите на градот која има задача да управува со паркот. Нејзината работа со години е надвор од радарот на јавностa. Тимот на новинари на ИРЛ ја истражуваше работата на оваа фирма основана уште во 2001 година. Додека работевме се соочивме со многу институционални пречки и нетранспарентни институции. Документите откриваат хаос и беззаконие во управувањето со летните ноќни клубови во Градскиот парк. Почнало одамна, а продолжува и денес.

Пишуваат: Давид Илиески и Александра Денковска

Скопско лето

Се шири мирисот на тазе запалената скара пред Маракана секоја ноќ од јуни до септември. Мириса на славните плескавици од приколката во паркот. Високи потпетици тропкаат на калдрмата која започнува пред стадионот, а води кон малиот паркинг пред влезот на Луна Паркот во Градскиот парк во Скопје. Таму се летните клубови врежани во навиките на барем три генерации скопјани на кои терањето летна шема во славните скопски клубови им причинува радост и задоволство. Но, зад индустријата за забава се кријат таинствени претприемачи заштитени од институциите на државата во која што законите не важат за сите, а правдата е недостижна.

Скопјани минатата година се разгневија кога пазарната инспекција заедно со вооружена полиција ноќта во екот на забавата ја затвори летната дискотека „Сектор“ на 30 дена. Сопственикот доби таква забрана и парична казна оти работел без лиценца. Тој обвини за опструкции од кои одбиваат да му дадат лиценца. Според списокот објавен на веб страницата на Минитерството за економија кое е надлежно да ги издава лиценците во 2016 година само две дискотеки лоцирани во парк имале лиценци, а оттогаш наваму ниту едно диско не работи со дозвола.

Но, „Сектор“ не е единствената дискотека којашто таа вечер работи без лиценца. Истата ноќ пазарната инспекција направила ноќна контрола и во останатите дискотеки на просторот на стариот Луна парк. Тоа се дискотеките „Хавана“, „Батлер“ и „Привилеџ“.

Хавана
Атмосфера од летната дискотека “Хавана”

Законите да (не) важат за сите

Процедурата за проверка на еден ваков летен клуб изгледа вака: Доколку при контрола пазарната инспекција утврди дека објектот нема лиценца за работа, тие му даваат налог на клубот да затвори 30 дена и да плати парична казна. По 30 дена, пазарната инспекција е должна да дојде и да провери дали сопствениците извадиле лиценца и ги имаат сите документи за работа. Ако не го сториле тоа, тогаш инспекцијата става пломба и го запечатува објектот.

Дискотека Самер Клуб Привилеџ во градскиот парк

Во случајот на дискотеките во Луна паркот, посетата на пазарната инспекција не претставувала деловен проблем. Тие не само што продолжиле да работат и никогаш не затвориле, туку инспекцијата откако им дала налог да затворат 30 дена, повеќе не се појавила во проверка на фактичката состојба и спроведување на законот. Извори на ИРЛ кои биле на терен при проверките ни ги потврдија овие информации. Пазарната инспекција, иако беше повеќе пати контактирана, не одговори на прашањата на Истражувачката репортерска лабораторија.

Ниту Градот и претпријатијата на Градот не споделуваат информации транспарентно за работата во делокругот на Луна Паркот. Така се заинтересиравме за работата на летните клубови. Тие не доведа од градската фирма „Луна ДООЕЛ“.

Нелегални договори

Во моментов,  дискотеките во паркот немаат договори, а работат само три дискотеки – Хавана, Привилиџ и Кабрио. Последните договори важеле до 2015 година. ИРЛ ги побара последните важечки договори кои што Луна ДООЕЛ ги склучила за дискотеките на територијата на луна паркот, а доби дел од нив. Не е јасно дали кога се делеле последните договори и дали имало ли јавен оглас. Од Паркови и Зеленило велат дека оглас своевремено имало,  но кога им го побаравме на увид, тие велеа дека било одамна, па не можеле да го најдат.

Првите договори за петте фирми се склучувале на пет години. Последните склучени се на фирмите „Мармакс“, „ПМД-КОМ“ и „СС инвест“. Некои од фирмите по истекот добивале нови договори без притоа да има огласи, а други пак, едноставно преку анекси на договорите со кои се уредувало неколкугодишно продолжување. Универзитетскиот професор и поранешен декан на Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека овие договори се нелегално склучени.

„Сето она што е во сопственост на државата, по Законот за јавни набавки мора да биде објавено на јавен оглас. Ако е договорот на една година, по истекот на рокот мора да се објави нов оглас, па нов договор, а не може да се продолжат само со потпишување на анекс на договорот. Анексот е за промени во условите, но не и за продолжување на договори“, вели Давитковски.  

Од ЈП Паркови и зеленило не добивме никакво ојаснување за начинот на којшто се делеле договори, не објаснија зошто дозволиле Луна ДООЕЛ да склучува анекси, иако законот тоа го забранува.

Речиси сите фирми кои во моментов располагаат и работат со дискотеките во паркот, имаат незнајни сопственици за кои што не чул речиси никој во светот на угоститетелството. Во градот одамна се шпекулира дека зад бизнисот со дискотеките се кријат покрупни ѕверки кои имаат одреден бизнис интерес. ИРЛ не најде докази кои ќе ги поткрепат разните теории. Овие теории ги подгреваат обвинувањата за селективен пристап на инспекциите и полицијата кога станува збор за овие објекти.

Одлуката на Советот на градот Скопје да и „нареди“ на Паркови и Зеленило да им даде договор на закупувачите, иако формално закупувачи нема, дополнително ги подгрева обвинувањата дека овие бизниси се под заштита на властите и во претходната и во оваа администрација на градот.

Пазарната инспекција бара, градот им ги решава проблемите на  дискотеките

За многу од македонските граѓани споменување на посетата на инспекција предизивкува стрес и став. Но, во случајот на градските летни дискотеки во паркот, тие дури и се ангажирале за „мирно“ решавање на овој, според нив, „проблем“. ИРЛ дојде до документи – допис на пазарната инспекција до службите на Градот каде бара од нив да најдат решение за  проблемот на дискотеките со вадење лиценци. Лобито на дискотеките, односно дел од групите од интерес, било толку силно, што лица вработени во институциите кои се плашат да говорат јавно, сведочат дека за овие проблеми стигнало да се збори во владата, а државните и локални инспекции биле под постојан притисок.

(ВИДЕО) Градот Скопје без оглас ќе дели договори на летните клубови кои и онака си работат без нив

На почетокот на април оваа година, претставници од инспекцијата имале средби со сопствениците на локалите кои се пожалиле дека не можат да извадат лиценци за работа. По овој состанок, пазарната инспекција испратила допис до Град Скопје со кој бара да се состанат за да најдат решение за овој проблем.

„Како главен проблем кој го посочија угостителите е проблемот со вадење на лиценца за вршење на дејност. Имено, при вадење на лиценцата договорот за закуп на деловен простор е еден од условите за добивање на лиценца од Министерството за економија. До пред две години договор за закуп на деловен простор склучувале со ЈП Паркови и зеленило, а откако земјиштето е преминато во сопственост на град Скопје, ЈП Паркови и Зеленило им наплаќа одреден надоместок на име на закуп без притоа да склучи договор со нив. Со цел да изнајдеме решение на проблемот бараме состанок со одговорното лице во вашата институција“, пишува во барањето кое Пазарната инспекција го испратила до Град Скопје.

Допис од Државен пазарен инспекторат до Град Скопје

Останува нејасно зошто Луна ДООЕЛ дозволила дискотеките да го користат нејзиниот имот без договори, што значи и без надоместок. Нејасно и зошто директорот одбивал да го даде просторот под закуп, ако се има предвид дека тоа и носи профит. Директорот Миодраг Анастасиевски не сакаше да разговара со новинари. За него „дискотеките се одмината работа“, а тврди дека немал ниту надлежност, иако не образложи со што го поткрепува тоа тврдење.

Градот ќе им дели лиценци за летово

Отстранувањето на дискотеките во Градскиот парк, градоначалникот Петре Шилегов помпезно го најавуваше уште на почетокот на неговиот мандат. На местото на дискотеките најави изградба на Забавен парк. Но наместо рушење, во вторникот, на седница на Совет мистериозно се појави точка на дневен ред со која се предвидува Град Скопје да и даде надлежност на Луна дооел да потпише договори за закуп. Зад барањето на дискотеките да им се даде можност да извадат лиценци застанале девет советници претежно од СДСМ, а тоа се: претседателката на совоетот Љубица Јанчева, Саит Алеиви, Менка Гугуловска, Михаела Иванова, Александра Јовановска, Славче Јовановски, Ибуш Јусуфи, Христа Најданов и Петар Шапе.

Од градот најавија дека ќе се распише јавен оглас за давање на земјиштето под закуп, а огласот ќе трае пет дена, по што ќе се спроведе јавна аукција. Ова прашање беше покренато и на седницата на Советот кога советничката Драгана Заревска праша како Градот мисли да дели договори без оглас.

ИРЛ испрати прашања до Градот зошто токму сега оваа точка се става на дневен ред, од таму одговорија дека Градот сака да работи согласно правните прописи и целосно да го регулира работењето на овие угостителски објекти. Ќе доцнела изградбата на најавениот Луна парк, па оттука, имало можност дискотеките да работат сезонава. По притисокот од јавноста, Шилегов денеска за ИРЛ нервозно рече дека ќе распишел оглас.

„Јас како градоначалник на Град Скопје апелирав до ЈП Паркови и зеленило уште утре Управниот одбор да донесе одлука за објавување на јавен оглас за доделување на земјиштето каде што се наоѓаат дискотеките под концесија. Па после тоа они нека се расправаат кој ќе ги добие“, рече тој за ИРЛ. Огласот ќе трае пет дена, а тоа значи дека сосе викендот и неработниот петок, останува многу малку време за други заинтересирани концесионери да се подготват за учество на повикот.

Филип Андов – Сокол: Не сум зборел со премиерот за овој проблем

Откако ИРЛ ги објави лицата од списокот на надворешни советници на премиерот Зоран Заев, јавноста за прв пат дозна дека има и таков за односи на владата со градот Скопје. Со оглед на фактот дека за овој проблем се зборувало и во владата, а е градски проблем, решивме да го прашаме за мислење советникот Андов.

„Во моментов немам разговарано со премиерот на таа тема“, вели советникот Андов-Сокол. Тој тврдди дека не знае за какви договори станува збор, но „имал чуено за проблемот“. Според него, Градот имал други приоритети.

„Таму како што знам треба да никне нов Луна парк, а мојот став е дека изградбата треба да биде приоритет. Тоа подразбира дислокација на дискотеките, како на пример на некоја надворешна локација, каде не би сметале на урбаната средина и би имало инфраструктура за истото“, вели советникот.

Филип Андов Сокол често може да се види во друштво на градоначалникот Петре Шилегов.

Прочитајте – Кој е Филип Андов?

Продолжува: Кој ги држи летните клубови

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.