Press "Enter" to skip to content

Се чека записник од дивоградби во Струга за Планот по препораките од УНЕСКО да биде комплетиран

Општините Охрид и Дебарца направија регистар на дивоградби, а Струга, за која градоначалникот Рамиз Мерко тврдеше дека нема, тоа ќе мора да го стори до крајот на октомври. Прогласен е мораториум за градење во Охридскиот регион, а некои нелегални објекти се рушени или се во процес на рушење.

Ова се дел од пораките кои македонската делегација предводена од министерот Едмонд Адеми задолжен за мерките на УНЕСКО и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, пред два дена ги реферирале во Париз.

Сепак, борбата за зачувување на Охрид да остане дел од УНЕСКО е отежната, потенцираше министерот Адеми денеска на брифинг со новинарите, бидејќи последниве 10-15 години македонските институции немале речиси никаква комуникација со канцеларијата на светската организација, а промените во законите за градба и легализација на претходната власт, придонеле за денешниот хаос.

„Се интензивираат комуникациите со УНЕСКО, на политичко и експертско ниво, нешто што недостасувало долги години наназад. Нацрт Планот за управувањето со природното и културното наследство во охридскиот регион, како и студијата за проценка на влијанието на истиот, се финализираат. Во транспарентен процес Планот ќе биде доставен на увид на јавноста“, вели Адеми.

Она што пред се и’ претстои на комисијата во која членуваат претставници на Владата, локалната самоуправа, Министерството за животна средина и Градежниот институт е креирање на сеопфатен план кој треба да ја контролира урбанизацијата на Охридско-Струшкиот регион.

Во него освен прашањето со дивоградбите, односно затекнатата состојба од моментот кога УНЕСКО го запали алармот, се дефинираат сите загрозувачи на Охридско-Струшкиот регион, начинот на санација и најважно, формирање различни нивоа на заштитни зони според катастарските парцели, каде воопшто нема да може да се гради или ќе се гради лимитирано.

Ана Петровска од Министерството за животна средина, која работела на изработка на планот, вели дека со зоните што ги направиле, ќе се воведе ред во Охрид и Струга. Засега не е утврдено кои од изградените објекти ќе останат во строго забранетата заштитна зона. За нив ќе пресуди студијата за оцена на културното наследство и животната средина.

„Се вопоставуваат заштитни зони и во градовите Охрид, Струга и во населбите, особено во крајбрежните делови, кои се многу важни да се стави под контрола урбанизацијата на начин што со зонирањето се обезбедува заштита на строгите споменички целини, односно јадрата во двата града. Имаме и контактни зони, односно втора и трета зона во рамките на градовите каде што се ограничуваат процентот на изграденост и катноста на објектите со цел да се сменат промената на пејзажот и амбиенталните вредности. Крајбрежјето ќе се решава со еден интегрален урбанистички план од значење за државата, каде што овие режими дефинирани со планот ќе се имплементираат“, вели Петровска.

Како најголеми закани и ризици за природното и културно наследство, во планот, се забележани помеѓу другото, крајбрежните активности, дивите депонии, наносот од реката Сатеска, нефункционалниот колектор, далеководот и гасоводот, а до јануари 2020 година ќе треба да се менува и трасата на железничкиот коридор 8.

Како најзагрозен појас е крајбрежјето каде воопшто не смее да се гради, а на вториот појас, којшто се води како строга заштита предвидено е да се зачуваат постоечките градби, но да има мораториум за нови.

Во рамките на потребите, Македонија и Албанија ќе оформат заедничка комисија која ќе работи на препораките од УНЕСКО, со по тројца владини членови од двете држави, тројца членови од локалните самоуправи, по еден од невладините и еден меѓународен експерт.

Адеми денеска пред новинарите соопшти дека во Париз поканил делегација на УНЕСКО која кон крајот на ноември ќе оди во Албанија, да дојде и во Македонија.

Планот, според кој треба да се одвива заштитата на Охридско-Струшкиот регион во најбрз рок ќе биде преведен и испратен во канцелариите на УНЕСКО, а веќе во февруари македонските претставници ќе треба да достават прогес-извештај од сработеното според тој план.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, кој исто така учествуваше на денешниот брифинг, вели активностите во Охрид се одвиваат според предвиденото, иако досега во градот само тројца сопственици на приватни кафулиња сами побараа да си ги отстранат платформите кои задираат во водите на езерото.

Во Охрид се идентификувани 1.076 дивоградби, а во заштитеното централно подрачје 409. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека уривањето на дивоградби во Охрид ќе почне во септември, но преземените активности засега се недоволни.

Невладините организации и еколозите критикуваат дека на четири месеци пред истекувањето на рокот за постапување по препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион се далеку од исполнети.

Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека нашата земја не е ни блиску до суштинско посветување за нивното исполнување, бидејќи клучниот Закон за Охридскиот регион не е усвоен од Собранието.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »