Press "Enter" to skip to content

Роднини на починати пациенти со транспаренти го пречекаа Жан Митрев пред суд

Се одложи и второто судско рочиште на обвинетиот доктор Жан Митрев. Неговиот адвокатски тим не успеал да направи увид во предметот. Митрев пред судот освен од  новинарските екипи, беше дочекан од роднини на пациенти кои починаа во неговата клиника по примена на методот хемофилтрација за лекување од КОВИД 19. 

Половина час пред закажаното судење, семејствата дојдоа пред Кривичниот суд со фотографии од починатите и транспаренти на кои пишуваше „Профитер на грбот на болните од ковид!“, „Хемофилтрациите ги убија нашите најмили. Бараме одговорност!“, „Бараме максимална казна за Жан Митрев“. Доктор Митрев кој е обвинет за измама на пациенти, не можеше да ја избегне средбата. Тие останаа пред судот и додека обвинетиот беше внатре и чекаа да го слушнат исходот од рочиштето.

Причина за повторното одложување е изговорот на одбраната дека не успеала да изврши увид во списите на предметот, бидејќи се наоѓаат во  Апелацискиот суд кој одлучува дали имотот на клиниката „Жан Митрев“ ќе остане замрзнат и нема да смее да се отуѓува.

Жан Митрев во судница
Никола Додевски, Жан Митрев, Гоце Цоневски и Бенита Белешкова

Почетокот на рочиштето беше тензично помеѓу адвокатскиот тим на обвинетиот, обвинителката и адвокатите на оштетените. Откако судијката Лидија Петровска кажа дека рочиштето ќе биде одложено и дека ќе се закаже нов термин, обвинителката Искра Хаџи Василева побара судењето да се одржува во разумен рок и да се закажуваат по неколку рочишта.

Никола Додевски, еден од адвокатите на Митрев, од судијката побара да го заштити обвинетиот, бидејќи „овој случај веќе се води со притисок кон обвинетиот, а денешните настани пред судот само ја подгреале атмосферата“. Рече дека на одбраната мора да и се овозможи темелно да ги разгледа доказите и побара два месеци за увид во списите од предметот.

„Ве замолувам да не дозволите ова судење да се одвива во атмосфера на линч. Денеска бевме дочекани со пароли, транспаренти и погрдни зборови. Дајте сите да ги заштитиме правата на обвинетите и правдата“, рече Додевски.

Обвинителката Искра Хаџи Василева истакна дека со оглед на тоа што кон обвинетиот имало мерки на претпазливост сметала дека и ним би им одговарало судењето да се одвива во разумен рок.

Адвокатот на оштетените Асмир Алиспахиќ рече дека никој нема право да им забранува на оштетените да го изразат својот револт со мирен протест и дека однесувањето на одбраната не доликувало на професионално однесување.

„Ние секогаш ќе бидеме тука, колку и да се одложува и нема да се откажеме од нашите најблиски. Сакам да го прашам министерот за здравство што е со комисиите што ги направи неговиот претходник и каде се одговорите, што тие комисии направија. И уште нешто, денеска овде со Митрев требаше да биде и поранешниот министер за здравство Венко Филипче“, изјави за новинарите Мелита Брезева, сопруга на пациент кој починал во Жан Митрев.

Жан Митрев пред суд
Жан Митрев пред Кривичниот суд беше пречекан од роднините на починатите пациенти

На собирот на семејствата на починатите преку соопштение реагираа и од Клиниката „Жан Митрев“ од каде што обвинија дека против нив се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение.

„Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината“, пишува во соопштението на Жан Митрев.

Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.

Според обвинението, најголем дел од пациентите однапред уплаќале по 12.000 евра за пакет од две хемофилтрации, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура, што е спротивно на здравствените прописи и стандарди.

Тој е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари. Митрев ја искористил здравствената криза за време на пандемијата, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен за лекување од КОВИД 19.

Освен Јавното обвинителство во јули минатата година истрага отвори и министерството за здравство. Министерот Беким Сали формираше пет стручни комисии кои треба да ги испитаат сите аспекти во работењето на приватната болница „Жан Митрев“. Извештајот се уште не е објавен.

 

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »