Press "Enter" to skip to content

Прва пресуда во „Рекет“: Милески доби 3 години затвор, Јанева е таа што барала 8 милиони евра

Зоран Милески Кичеец, третообвинет во случајот „Рекет“, денеска беше осуден на три години затвор. На вчерашното рочиште, на големо изненадување на присутните Милески призна вина за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Во казната која му ја изрекоа е пресметан и периодот кој тој го помина во куќен притвор. На Милески му остануваат две и пол години затвор. Судот истакна дека при одредување на казната, биле земени предвид олеснителните околности дека обвинетиот е татко на 5 деца, не е осудуван и се грижи за својот болен родител.

Прочитајте го нашето најново истражување на овој линк

Тајниот план на Груевски за македонски офшор се правел со лондонска фирма која перела пари за Иран

Во 12:00 часот петнаесетина камермани и фоторепортери подготвено чекаат да го почнат преносот во живо од читање на пресудата. Интересот е помал од оној за вчерашното судење, а присутните се преполовени. На обвинителната клупа се наредени адвокатите на Милески. Од спротивната страна, обвинителката Вилма Русковска чека сама. Седната е на работ на својата клупа и задлабочено разговара со Александар Новаковски, еден од адвокатите на Кичеец.

Зоран Милески влегува во судницата, а веднаш по него и судијката Васка Николовска – Масевска. Вревата од присутните се стишува и настанува молк. Судијката ги повикува сите да станат. Обвинетиот Милески не покажува никаква експресија на лицето. Само црвенилото на лицето ја издава неговата напнатост. Но, можеби и поради бројните камери кои се вперени во него и чекаат да ја „уловат“ неговата реакција.

Судијката почнува да ја чита пресудата за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.

 

„Судот по советување и гласање на Советот во името на граѓаните на Република Северна Македонија ја донесе следната пресуда врз основа на признание на вина. Обвинетиот Зоран Милески, женет татко на 5 деца, невработен и неосудуван, моментално во куќен притвор, виновен е затоа што во период од месец ноември 2018 до април 2019, обвинетиот Бојан Јовановски со искористување на своето претпоставено влијание врз обвинетата Катица Јанева, преку претходно воспоставени пријателски односи влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши и да му се олесни положбата на Јордан Камчев во предметот „Империја“, чита судијката Николовска – Масевска.

Присутните нетрпеливо чекаат да ја слушнат висината на казната која ќе ја добие Милески. Судијката продолжува да чита.

Милески во периодот кога го договорил линкот меѓу Бојан Јовановски од една страна и бизнисменот Јордан Камчев од друга страна бил вработен во Орка холдинг, фирма во сопственост на фамилијата Камчеви. Средбите почнале да се случуваат по апсењето на Јордан Камчев за случајот „Империја“ на СЈО во ноември 2018 година. Со оглед дека Камчев беше во притвор, првиот состанок бил меѓу неговата сопруга Ана Камчева и Бојан Јовановски во просториите на 1 ТВ. Средбата ја организирал Милески. А, со цел да ја уверат Ана Камчева дека можат да му обезбедат олеснителни околности на Камчев за време на истрагата, на спирекфон била пуштана Катица Јанева која изнесувала детали за „Империја“. По неколку средби, Ана Камчева се согласила да им даде 500.000 евра во кеш на Јовановски и Кичеец, а по неколку дена, на 27 декември, Камчев беше пуштен во домашен притвор.
Средбите продолжиле и натаму, но сега во домот на Камчев во Злокуќани. Двоецот Боки 13 и Кичеец, а Катица Јанева на спикерфон. Во февруари сумата која ја барале се зголемила на предлог на Јанева.
„Катица Јанева соопштувала доверливи информации од истрагата и потенцирала дека јавниот обвинител кој постапува по предметот ќе работи по нејзин налог и по разговорот барала 8 милиони евра.“

Реченицата им го привлекува вниманието на колегите новинари. Една колешка зачудено и тивко коментира.

„Значи Катица е таа што побарала 8 милиони евра?“

Таа побарала 8 милиони евра ако СЈО остане овластен тужител во предметот, со оглед дека Врховниот суд донесе начелно мислење дека СЈО не може да поднесува обвиненија по истекот на законскиот рок од 18 месеци. Или пак во полош случај 5 милиони евра, ако СЈО не остане овластен тужител, а за возврат Камчев да добие својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи спогодба за полесни кривични дела и да плати мала сума на пари.
Било договорено Камчев парите да ги дава во неколку наврати, односно во февруари, март, април и септември. На 20 февруари на Бојан Јовановски и Зоран Милески им биле искеширани 1 милион евра и спакувани во чанта Луј Витон, снимки кои јавноста ги виде откако беа објавени во контроверзниот весник „Ла верита“. По исплатата на оваа сума, во април Камчев си го добил пасошот назад кој му бил одземен од судот поради опасност од бегство. Потоа средбите меѓу нив престануваат, бидејќи Јовановски и Милески се посомневале во Камчев дека целата операција е доверлива.

Како што се наближува кулминацијата на читањето на пресудата, тензијата во судницата расте. Сите присутни со огромно внимание чекаат да ја слушнат казната. Сите опции се во игра, ништо од досега прочитаното не наговестува што ќе биде пресудата.

„Судот согласно законските одредби го осудува обвинетиот на казна затвор во времетраење од 3 години во која што се засметува и времето кое го ппоминал во куќен притвор.“

Новинарите ја дочекуваат пресудата со ококорени очи и подзинати усти. За разлика од нив, Милевски и неговиот тим на адвокати не се ни помрднуваат. На нивните лица нема ни најмал траг на изненаденост. Колегите новинари велат дека не ја очекувале оваа пресуда.

„Сите мислевме дека соработува со обвинителството и ќе добие условно. Изненадени сме многу.“

Друга колешка се надоврзува на разговорот и вели дека отпрвин очекувала условно, но со оглед на тоа што станува збор случај од висок профил, не е многу изненадена од пресудата. Се присетува на пресудата која му беше изречена на поранешниот премиер Никола Груевски за набавката на Мерцедесот.

 „Ова е исто како случајот со Груевски и Мерцедесот кога мислевме дека ќе добие условно, а на крај доби две години“, се присетува колешката.

Судијката продолжува со изрекување на пресудата и додава дека судот ги имал во предвид олеснителните околности дека обвинетиот е татко на 5 деца, а неговиот татко е тешко болен и тој е единствениот кој може да се грижи за него. Понатаму, олеснителна околност е што Милески прв пат доаѓа во судир со законот и што ја признал вината.

Обвинителката Вилма Русковска предложи куќниот притвор да му биде продолжен до издржување на казната, а судијката го прифати предлогот. По изрекување на пресудата, Русковска изјави дека не очекувала повисока казна, а по добивање на пресудата ќе одлучи дали ќе поднесе жалба.

„Искрено, не очекував повисока казна затоа што е голем распонот на предвидената казна од 1 до 10 години. Казната е таква со оглед на тоа дека е неосудуван, а најмногу затоа што призна вина“, призна Русковска.

 

Репортажа од судницата: Сè што не прочитавте за “Рекет” во морето од инстант вести

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »