Press "Enter" to skip to content

Проект Радика: Сите луѓе на ресортот

Приватното село од 87 типски луксузни вили кои ќе се продаваат од 220.000 до 300.000 евра прв го замислил еден од најбогатите луѓе во Албанија. Тој бил и газда на најугледниот хотел во Маврово Леуново. Тој прв ги рушел административните бариери за следниот сопственик да започне со реализацијата. Новиот косовски стопанственик е омразен кај еколошките активисти поради неговите зделки со малите хидроелектрани во Косово. Планот започнал со ВМРО-ДПМНЕ, продолжил и се продлабочил со СДСМ, а од зделката ќариле и кадри на ДУИ.

Најавите за изградба на село „Радика“ со 87 луксузни вили ќе предизвика тревога кај еколошките активисти и кај локалните сопственици на викендици во јули годинава. Државниот инспекторат за животна средина ќе открие дека планираните објекти навлегуваат 50 метри во заштитената зона, но и дека ќе ја загрозат акумулацијата на Мавровското езеро. ИРЛ открива дека првите одобренија за градба се дадени уште во 2017 неколку дена пред локалните избори. Со смената на власта во Маврово одобрени се  уште повеќе маркици, а актуелниот градоначалник непосредно пред изборите наплатил комуналии за уште 22 објекта од предвидените 87, сето тоа во времето кога инспекторите носеа решение за уривање на 9 објекти. Пребарувањето низ јавните списи во Македонија и во Албанија ќе не’ доведе до еден од најбогатите луѓе во Албанија и креаторот на идејата за приватното село „Радика“ со 87 вили.

Известуваат: Ивана Настеска, Дајана Лазаревска;
Илустрации: Лука Блажев; 

Помрднете ја стрелката лево-десно за да видите како изгледал теренот пред и по од изградбата на „Радика вилиџ“. Споредебените фотографии покажуваат дека голем дел од езерото е драматично повлечено

Транзицијата во Македонија неповратно ја прoмени земјата, а во овие промени влезе и начинот на којшто одмараат ниската и средната класа. Големиот дел на незаконито водени стечајни постапки ги осудија на тивка и конечна пропаст работничките одморалишта. Тие служеа за вработените и нивните семејства да се релаксираат по поволни цени.

Одморалишта често се наоѓаа на најатрактивните места во природата. Едно такво место е и денешниот хотел „Радика“ во Леуново, Маврово. Секоја инвестиција во локалната економија во еден пост-транзициски туристички центар би била дочекана со аплауз. Така беше и во 2008 година кога ќе станат видливи првите резултати од реконструкцијата и реновирањето на старото одморалиште на скопска „Железара“.

„Одлично надополнување на понудата”, ќе се пишува на форумите по најавите дека ќе се отвара најлуксузниот хотел во земјва. “Првиот вистински 5* хотел во Македонија според мене. Е вакви хотели треба да се градат, за да може да се привлечат богати странци“, ќе коментира корисник на форумот „Билд” во 2008 година. 

Печатените медиуми во 2006 година известиле дека ресортот со пет ѕвезди започнува со реконструкција, а инвестицијата изнесува 700,000 евра. Во рамки на хотелот ќе работи и казино.

Првите инвестиции: „Некој бизнисмен од Тирана“. 

Во селото и во јавноста инвеститорот ќе биде споменуван единствено во кафеанските разговори, а на него ќе се реферира со зборовите „некој бизнисмен од Тирана“.

Како инвеститори кои започнале операции во државата во која што ленти се сечат на премиерско ниво и за помали „ѕверки“, останува мистерија како едни од најпознатите банкари во Албанија успеале да останат анонимни речиси една деценија.

Пребарувајќи низ јавните списи во Македонија, Албанија и Косово, ИРЛ ја мапираше сопственичката структура од основањето до денес. Претрагата покажа дека „Радика ресорт“ го купуваат едни од најбогатите луѓе во Албанија и контроверзни банкарски имиња. Ним подоцна им се придружува и косовски државјанин со име Шериф Рамука којшто од 2017 ја презема целата компанија. ИРЛ открива дека идејата за ресортот почнува со еден од најбогатите жители на Албанија којшто ќе го изработи проектот и ќе го дотурка до првото одобрение за градба пред да ја продаде компанијата на Рамука. Од зделката профитира и фирма на поранешен директор на јавно претпријатије на ДУИ од Гостивар. 

Александар Пило, заедно со тројца непознати албански државјани, како мнозински сопственик ќе ја основа компанијата „Радика ресорт“ откако ќе го купи стариот имот на загубарот Железара, а дополнително низ годините ќе се стекне со 170,000 квадрати државно земјиште. Годината е 2006 и тогаш, како и подоцна, Александер Пило е се’ освен „обичен“ човек. Тој е еден од најбогатите 10 Албанци во државата. Поседува медиуми, шопинг и забавни центри на најатрактивните локации во земјата, фирми за финансиски и банкарски услуги, а преку фирмата „Емигрос“ врши и други активности, како инвестиции на крајбрејжјето во Албанија.

Сопственик е на удели и член е на Управниот одбор на „Крединс банк“, првата приватна банка во Албанија која настана со приватизација на државната банка. Некои од нејзините најистакнати лица во првите години на инвестицијата се нашле во сопственичката структура.

Во првите две години од ресортот, се правеле пречести промени во сопственичката структура и лицата кои влегувале со пари и набргу излегувале биле видни лица од банката и јавниот живот во Албанија. Моника Мило, Малтин Коркути и Артан Санто се едни од нив. Првите двајца се во одборот на директори за „Крединс банк“ заедно со Пило, додека Артан Санто е генералниот директор и водечки акционер. Во 2014 година Артан Санто ќе биде ликвидиран во мафијашки стил среде Тирана. Убиството ќе го следат многу контроверзи пропратени шпекулации за вмешаност на организираниот криминал. Мотивите и нарачателите се енигма до денес бидејќи албанската полиција не бележи напредок во истрагата.

Фотографија од пасошот на Александер Пило. Речиси и не постојат други фотографии од Пило.

Од 2008 до 2013 година Александер Пило и неговата компанија „Емигрос“ ќе бидат единствени сопственици на ресортот. Во 2013 во ресортот ќе влезе нов партнер. Тоа е фирмата „Алкора“ од Тирана во сопственост на извесен Артур Синани, албански бизнисмен чии деловни активности не се проследени со јавност. Од 2013 до 2017 Пило и „Алкора“ заедно ќе го водат ресортот. Менаџментот и потписот му се доверени на Пило.

Идејата за селото „Радика“ со 87 вили и развојот на проектот се дел од визијата на Александер Пило. Тој ќе ја препушти компанијата комплетно на „Алкора“, непосредно пред да се официјализираат првите дозволи за градба во „Радика“ доделени од локалната власт водена од ВМРО-ДПМНЕ.

Косовскиот бизнисмен Шариф Рамука во „Радика“ доаѓа во првата половина на 2017 кога тој ќе стане директор на местото на Пило. Во Тирана се прави друга зделка: Шериф Рамука ги купува сите удели од Артур Санини во албанската фирма „Алкора“.

Според увидот во Централниот регистер во Косово, 43-годишниот Рамука е поприлично зафатен бизнисмен. Сопственик е на „Алба Груп“, конзорциум кој се бави со градежништво, ископ на руда, транспорт, инвестира во мали хидроелектрани. Последните инвестиции го довеле во судир со локалното население и еко активистите од косовската страна на Шар Планина.

Повредени жители од село Долни Бити на протест против малите хидроелектрани на Рамука / Фото: BIRN

„Алба“ Груп на Шериф Рамука поседува дел од фирмата „Маткос груп“ која што во близина на Сртче во Косово гради мала хидроелектрана. Во 2016 година протестот на жителите против хидроелектраната заврши со повредени жени и деца откако дојде со судир со полицијата.

Рамука ќе го започне проектот со селото „Радика“. За да разбереме како овој проект стана реалност, заедно со дузина други матни или нелегални објекти на територијата на Маврово, потребно е да се вратиме 6 години назад кога на стила стапува еден нов, поинаков од сите претходни урбанистички планови.

Лукративната бетонизација смислена од ВМРО-ДПМНЕ, поддржана од СДСМ

Урбанистичките планови за Маврово се менувале неколку пати од 1979 година наваму. Во промените се вклучувала и стручната јавност на државно ниво бидејќи 93 проценти од територијата на општина Маврово и Ростуше е во Националниот парк „Маврово“. Внимателно се планирало што, како и каде ќе се гради со цел да не се случи да се загрози уникатниот еко систем во паркот.

Поради тоа, постои и прецизно утврдена заштитена зона каде што не може да се изгради ништо. Една одлука на поранешниот општински Совет и администрацијата на градоначалникот Мукрем Мехмеди ќе го промени опфатот на градење, односно ќе ја намали заштитената зона. Новиот детален урбанистички план за Маврово е донесен на 26 февруари 2015 година.

Границите за градење овојпат се поместени и поголеми. Сето ова не би било можно доколку бил донесен новиот Закон за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категоријата Национален парк.

Новиот сопственик на „Радика ресорт“ доаѓа во време кога статусот на Националниот парк не е редифиниран и не се исцртани забранетите зони за градење. Според Законот за заштита на природата од 2013 година, постои обврска за репрогласување на Националниот парк. Но, ни власта на ВМРО-ДПМНЕ, ниту актуелната на СДСМ, не ја исполниле законската обврска за да го заштитат Националниот парк Маврово. Последното репрогласување е направено во 1952 година кога со измените во законот за шумски пределени површината на Националниот парк се зголемила за шестпати.

Шериф Рамука освен со хотелот „Радика“ располага и со земјиште од вкупно 189 илјади метри квадратни. Еден месец откако го превзема ресортот Радика, тој поднесува барање за изградба на 10 куќи. Барањето го поднесува врз основа на постоечки Урбанистички план за село Леуново донесен од општината Маврово и Ростуше. Тогаш општината ја води Мукрем Мехмеди од ВМРО-ДПМНЕ и ги одбројува последните месеци од неговиот мандат. Градоначалникот дозволата ја потпишува само два дена пред локалните избори, на 13 октомври 2017 година.

Во Маврово се случува пресврт на изборите. Победува СДСМ и општината ја превзема градоначалникот Медат Куртовски. Сопственикот на „Радика ресорт“ почнува да ги гради првите десет куќи.

Според документите кои што раководството на „Радика“ ги даде на увид и фотокопија на репортерите на ИРЛ, инвеститорот ја ангажира планерска куќа од Гостивар „Полог проект“ која изработува Архитекстонско-урбанистички проект (АУП) со намена Б5, односно хотелски комплекс.

Документот е изработен на 65 страници и во детали е објаснет планот за изградба на 87 куќи. Во него и описно и визуелно на мапи е објаснето како ќе се организира зоната каде ќе се градат објектите, како ќе се уреди градежната парцела, колкава ќе биде големината на куќите, инфраструктурата, приклучокот со електрична енергија.

Макета за проектот „Радика вилиџ“ / Фото: ИРЛ

Архитектонско-урбанистичкиот проект е доставен до градоначалникот на Маврово-Ростуше и во отсуство на Урбанистички план, тоа е документот врз основа на кој инвеститорот бара дозвола за градба на останатите куќи од проектот „Радика вилиџ“.

Градоначалникот Куртовски на 31 октомври 2018 година го отвора патот за багерите на Шериф Рамука и тој продолжува да го гради туристичкото село покрај Мавровското Езеро.

Кога градежната офанзива добива поголеми размери, локалците и сопственици на викендици од Леуново забележуваат дека тој дел од мавровскиот крај неповратно ќе се бетонизира и пишуваат писмо до 20 институции и организации. Ќе посочат дека никнуваат огромни градби во близина на брегот на Езерото, но ќе ги повторат и нивните постојани проблеми со водоснабдувањето, струјата и нелегалната сеча на шума.

Во второто продолжение ќе читате: Поранешен директор на градско претпријатије на Гостивар од ДУИ бил најмен да ги гради објектите

Кон крајот на 2020 година Рамука бара нова дозвола за градба на уште 22 куќи. Документацијата ги поминува сите контролни фази со десетина институции кои се вклучени при издавање на градежна дозвола. Општината констатира дека инвеститорот го завршил техничкиот и бирократски дел и во јули годинава му дава пресметка за да плати комуналии.

Водејќи се од претходното искуство, кога инвеститорот ги плаќа комуналиите, а дозволата за градба градоначалникот ја потпишува во рок од 10 дена, Шериф Рамука одлучува да почне да гради без официјалното одобрение за градба. Надевајќи се дека во меѓувреме сигурно ќе стигне.

Но, тогаш во медиумите се појавува напис дека покрај Мавровското Езеро за две години се изградени 20-тина викенд куќи, а инвеститорот планира вкупно 87. Градоначалникот е под притисок на постојани прашања од новинарите, кои бараат одговори како и под кои услови издава дозволи за градење.

Охрабрени од медиумското внимание, притисокот врз градоначалникот го засилуваат и мештаните кои бараат да се стопира градежната експанзија.

Дел од веќе изградените вили на проектот „Радика вилиџ“ / Фото: ИРЛ

Злоупотреба на инспекциски надзори во изборна кампања

На Медат Куртовски не му годи медиумското внимание. Се ближат локални избори. Во септември, еден месец пред изборите, градежен инспектор од општината ќе изврши надзор врз градбите и ќе констатира дека Рамука бесправно гради девет објекти. Истиот градежен инспектор кој претходно даваше дозвола за градење, Ќирко Џуковски, сега носи решение за уривање на спорните објекти.

Му дава рок на инвеститорот да ги сруши во рок од 15 дена, во спротивно тоа ќе го стори општината.

Манаџерот на „Радика ресорт“, Предраг Милошевски, вели дека еден од овие објекти е пречистителната станица која ја набавиле по барање на Министерството за животна средина, со цел да се реши проблемот со отпадните води од хотелскиот комплекс кој се влеваат директно во Мавровското Езеро.

„Министерството ни побара нова пречистителна станица бидејќи старата е од застарена технологија и не може да биде во функција. Ние ја набавивме и плативме комуналии во јули и за неа заедно со барање за одобрение за градба на уште 22 куќи, но одобрение сè уште нема. Тие осум куќи кои ги почнавме да ги градиме се со платени комуналии и ние тоа решение за отстранување го обжаливме на второстепена комисија“, вели Милошевски.

По решението за отстранување на објектите не постапи ни инвеститорот, ниту општината. На стартот на изборната кампања, гостиварската полиција ќе поднесе и кривична пријава против Шериф Рамука за бесправно градење. Неколку дена подоцна, Основното јавно обвинителство ќе отвори и предистражна постапка за овој предмет.

За овој развој на настаните, населението на Леуново добива надеж дека идејата да никне нова населба со 87 куќи ќе се стопира. Но, од друга страна инвеститорот е изненаден, затоа што по плаќањето на комуналиите очекувал одобрение за градба, а не решение за рушење.

ИРЛ го контактираше и Рамука и тој рече дека е подготвен аргументите да ги покаже на суд.

„Не можам да разберам зошто ова се прави, бидејќи јас ги имам сите документи и стојат и кај мене во архива, а ги има и општината. Како би можел да градам 87 викендици без дозвола, без ништо. Можеби за една викендица ќе го направиш тоа, но 87 викендици не се шала. Јас сум сериозен инвеститор со сериозна компанија и инвестирам милиони. Ова го нема никаде, да платиш толку пари, а да не ти дадат дозвола да градиш. Ова само во Маврово го има“, рече Рамука во телефонски разговор.

Крај на првото продолжение

Следете не’ на социјалните мрежи за информации за распоредот на датумот на објава на второто продолжение во кое ќе читате кој профитирал од ваквите зделки и како Маврово стана мрачна градежна зона благодарение на сервилните локални власти и замолчените експерти од државните институции. 

Поврзани стории:

Бетонизација на Маврово

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »