Press "Enter" to skip to content

Поради застареност, Груевски може да „се спаси“ од одговорност и за шамарите во Центар

13.11.2019

Откако избегна кривична одговорност за дело во кое максималната затворска казна изнесува три години, поранешниот премиер Никола Груевски, може да „куртули“ од одговорност и за случајот познат во јавноста како „Насилство во Општина Центар“.

Ова ако се земе предвид дека „шамарите за Жерновски“ се судски предмет започнат од СЈО кој трае најдолго, а се уште е без правна разврска.

„Предмет кој во догледно време може да застари е случајот за Општина Центар, Предмет кој е во скратена постапка предвидува скратени рокови а до денес требаше да имаме веќе некаков исход по сите параметри и проценки од досегашното работење на Кривичниот суд“, предупредува Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Обвинети во овој предмет се експремиерот Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште осум лица.

Вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013 година, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни, а за Димче Крстев се водеше одвоена постапка.

Обвинетите во предметот „се товарат“ дека го поттикнале насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Судењето трае повеќе од три години, а обвинителката Фатиме Фетаи неодамна побара на обвинетиот Груевски да му се суди во отсуство.

Груевски денеска „се спаси“ од одговорност за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание во предметот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати поради застареност на делото. Одлуката ја донесе Кривичниот суд на барање на одбраната, а државата ќе треба да му ги надомести и судските трошоци.

Судењето за „Насилство во Општина Центар“ започна на 16.декември 2016 година и се уште трае.

Груевски „куртули“ за „Траекторија“, ќе се гонат останатите обвинети

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »