Press "Enter" to skip to content

Груевски „куртули“ за „Траекторија“, ќе се гонат останатите обвинети

Поранешниот премиер и сегашен азилант во Унгарија, Никола Груевски нема да одговара за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание во предметот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати поради застареност на делото.

За делото за кое според закон пропишана е максимална затворска казна од три години затвор, поминати се шест години.

Оваа одлука ја донесе денеска Кривичниот суд на барање на одбраната, а државата ќе треба да му ги надомести судските трошоци.

Како што пишуваше ИРЛ, „Траекторија“ е „најтешкиот“ предмет кој го отвори СЈО.

Груевски, заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски се обвинети дека го оштетиле буџетот за 155 милиони евра. Четворицата се гонат за финансиски проневери при изборот на фирма за изградба на автопатите Кичево – Охрид.

Груевски е обвинет за кривичното дело „Примање награда за незаконито влијание“ (чл.359 ст.2 од КЗ) , т.е. за договарање провизии со кинеската фирма изведувач „Синохидро“.

Останатите тројца се обвинети за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување и за нив судењето продолжува, а застареност настапува дури во октомври 2023 година.

Кривичното дело се случувало од ноември 2012 заклучно до 10 октомври 2013 година кога е донесена одлуката кинеската „Синохидро“ да ги гради автопатите, иако вториот понудувач дал пониска цена од 4.800.000 евра.

Претставници на одбиената компанија „СВЕ“ барале прием кај тогашниот премиер Никола Груевски, но работата веќе била средена со кинеската „Синохидро“, со договор во четири очи и надвор од Законот за јавни набавки.

Според обвинението државниот буџет е оштетен за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите.

Истрагата за случајот „Траекторија“ беше отворена на 22 мај 2017 година, а обвинение беше поднесено на 29 јуни 2017 година. Од почетокот досега се одржаа над 20 рочишта.

Поранешниот премиер Груевски е правосилно осуден во „Тенк“ на две години затвор за истото кривично дело Примање награда за противзаконито влијание.

Во „Титаник“ е обвинет за три кривични дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и Повреда на избирачкото право, затворска казна од најмалку три години.

Во „ТНТ“ е обвинет за кривичното дело Злоупотреба на службената положба.

Во „Насилство во Општина Центар“ е обвинет за кривичното дело „Насилство“.

Во „Талир“ е обвинет за Злоупотреба на службената положба и овластувања и Перење пари.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »