Press "Enter" to skip to content

Обвинителството за организиран криминал и корупција отвора предистражна постапка за сметките на Јорданов, Механџиски и Клинг

Во разговор со ИРЛ, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска рече дека случајот кој предизвика глобални реакции ќе биде истражуван и во Македонија. Обвинителството отвара предистражна постапка  а паралелно собираат расположливи информации од она што веќе е јавно објавено од страна на Истражувачката репортерска лабараторија. 

Три дена по објавата на документарниот филм „Швајцарски тајни“ којшто се објави на ИРЛ и МРТ1, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе отвори предистражна постапка по допрен глас, во писмен допис на прашања на ИРЛ  одговори денеска Републичкото јавно обвинителство.  Овој случај ќе се истражува во надлежното Обвинителство за организиран криминал и корупција кое го предводи јавниот обвинител, Вилма Русковска.

„По објавениот документарен филм како и истражувачките текстови во кои се содржани детали според кои двајца македонски бизнисмени поседувале приватни сметки во Швајцарија, а на кои сметки наводно се извршувале повеќемилионски трансакции, Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе ги проучи наводите и согласно своите надлежности отвора предистражна постапка по допрен глас“ , велат од обвинителството. 

„Случајот привлече внимание. Го гледавме филмот и очекуваме со нас ИРЛ да ги сподели своите информации, а во моментов обвинители веќе имаат отворено предистражна постапка и ги разгледуваат досега расположливите наоди“ , вели Русковска за ИРЛ

Истражувачката репортерска лабараторија обелодени дека помеѓу стотиците лица од интерес во протечените банкарски податоци од контраверзната швајцарска банка „Кредит Свис“ се најдоа и македонскиот бизнисмен и поранешен вицепремиер Минчо Јорданов, бизнисменот Благој Механџиски и шведскиот инвеститор Ларс Клинг.

Станува збор за едни од најбогатите македонски граѓани чии што подем од службеници од јавен интерес до бизнисмени го следеа обвинувања за проневери на државните ресурси, политички мотивирани зделки, лобирање и висока корупција.

„Швајцарските тајни“ е меѓународна истрага за една од најбогатите и најважните банки во светот. Повеќе од 163 новинари од 48 медиуми во 39 земји ширум светот со месеци ги анализираа информациите за банкарските сметки протечени од „Кредит Свис“ вториот по големина кредитор во Швајцарија.

Протекувањето опфати повеќе 18 000 сметки на кои се чуваат преку 100 милјарди американски долари. Тоа за новинарите е единственото познато истекување податоци за клиенти на една голема швајцарска банка. Швајцарија е светски најпозната дестинација за чување пари поради нејзините закони за банкарска тајна.

Нема ништо директно лошо во тоа да имате сметка во швајцарска банка. Но, банките треба да избегнуваат клиенти што заработувале пари на незаконски начин или биле вмешани во криминал, а новинарите идентификувале десетици корумпирани владини службеници, криминалци и наводни прекршувачи на човековите права меѓу сопствениците на сметките на „Кредит Свис“.

Повеќе на оваа тема прочитајте тука.

ШВАЈЦАРСКИ ТАЈНИ

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »