Press "Enter" to skip to content

Најнова „бум“ стратегија за спречување на корупција

Двајца министри, претседател на Парламент и претседателка на Антикорупциска комисија, како и невропсихијатар ја отворија работилницата со која се означи почеток на процесот за изготвување Национална стратегија за спречување на корупцијата 2020 – 2024. А, во публиката ракоплескаа министрите Венко Филипче, Дамјан Манчевски, Горан Сугарески, Арбер Адеми, Мила Царовска и голем број пратеници од власта.

Првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, најави дека во следните два месеца во соработка со повеќе институции, граѓански здруженија, но и заедно со медиумите, ќе се бараат решенија, како „да се ослободиме од цврстата коруптивна мрежа што го гуши нашето општество”. Кампањата која ќе се спроведува под мотото „Со ум во антикорупциски бум“.

„Пред се ќе се утврдуваат системските слабости, ќе се предложат антикорупциски мерки кои ќе го вратат во живот системот на вредности и ќе ја покренат општествената свест, за конечно да се зачува и граѓанската чест. Јакнење на свеста на луѓето дека никому ништо не должат, но и со јакнење на совеста кај одговорните дека никој ништо не им должи“, рече Ивановска.

Министерот за транспарентност, отчетност и одговорност Роберт Поповски во име на Владата рече дека постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата.

„Со изборот на непартизирана антикорупциска комисија беше поставен еден од темелите на реформите на правосудниот систем. Со таа цел се дизајнираше и новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси. Ја менуваме перцепцијата на јавноста, постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата во државата, рече Поповски.

Борбата против корупцијата, вицепремиерот Бујар Османи ја гледа во Антикорупциската комисија, во интегрирањето на СЈО во редовното обвинителство, како и во координативното тело на МВР за борба против организираниот криминал. Тоа е задача, без која членство во ЕУ е невозможно, рече Османи.

„Преговорите се отвораат и се затвораат со поглавје 23 и 24, а тоа е владеење на правото и фундаменталните права“, изјави Османи.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери нагласи дека ДКСК игра една од клучните улоги во предводењето на процесите во борба против корупцијата. Во насока на подобрување на борбата против корупцијата, според него, се и останатите закони кои ја формират правната рамка, а тоа се законите за лобирање, за слободен пристап на информации од јавен карактер, за финансирање на политичките партии и за заштита на укажувачите.

„Работа има многу, справувањето со корупцијата не е процес кој се завршува со неколку месечна работа. Тоа е процес кој бара сериозна работа на сите државни органи, нивно работење со најголема транспрарентност и отчетност, но пред се, би кажал тоа е најтешкиот дел од работата, е промената на свста кај функционерите и админситрацијата, така и кај граѓаните“, рече Џафери.

Професорот Методи Чепреганов на работилницата беше повикан да даде оценка за влијанието на корупцијата врз луѓето, но и професионална анализа за тоа како размислува еден корумпиран ум.

„Корупцијата е страст и интелектуална немоќ на заробен ум и на пореметена совест. Превенцијата бара време, воспитание, образование, инкорпорација на социјални, морални, етички и духовни норми, како и спремност на личноста сите тие параметри да ги прифати, осознае, научи и применува. Тоа е процес што трае долго, а толку многу ни е потребен.“, стручно објасни невропсихијатарот Методија Чепреганов, невропсихијатар.

Македонија е на европското дно според степенот на перцепција на корупцијата. Во последниот извештај на Транспаренси Интернешнал за 2018 година државава заедно со Косово и Монголија го дели 93 место од 183 земји во светот опфатени со анализата.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »