Во втората половина на февруари 2018 година, Јан Куцијак, млад истражувачки новинар од Словачка, беше убиен од само еден куршум. Неговата вереница беше убиена покрај него.
Кога телата на младиот пар беа откриени, словачките новинари останаа запрепастени. Најпознатите словачки политичари, неодамна беа критикувани за нивниот отворено непријателски однос кон независните новинари, но ниеден новинар досега не бил убиен поради својата работа.
Полицијата вели дека парот бил убиен од еден или повеќе професионални егзекутори, а убиството е најверојатно поврзано со една од сториите на Куцијак. Словачките медиуми пак, шпекулираа дека смртта на Куцијак е дело на локален бизнисмен кој му се заканувал на младиот новинар или можеби дело на корумпирани владини претставници.
Впрочем, Куцијак работеше со Мрежата за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), Чешкиот центар за истражувачко новинарство (CCIJ) и Проектот за истражувачко новинарсто во Италија (IRPI) на она што се испостави да биде далеку поопасна сторија од очекуваното: Истрагата за инфилтрацијата на Ндрангета мафијата, една од најмоќните и најзастрашувачки криминални групи во светот.
Според Проценката за закана од италијански организиран криминал на Еуропол која беше објавена во Јуни 2013 година, Ндрангета поседува доминатна позиција во европскиот пазар на кокаин и е инволвирана во многу други криминални полиња, вклучувајќи трговија со оружје, измама, местење на јавни тендери, корупција, заплашување, изнудување и криминали поврзани со животната средина.
Поради тоа што Куцијак и неговите колеги не успеаа да ја завршат сторијата, OCCRP и неговиот матичен медиум, Aktuality.sk се уште ја немаат објавено. Во периодот на неговото убиство, тој прибираше податоци за лица кои италијанската полиција ги смета за екстремно опасни.
Но после неговото убиство, протекоа информациите од неговата истрага. OCCRP и Aktuality.sk сега ја објавуваат недовршената сторија, со цел јавноста да ја дознае највистинитата верзија и да го минимизираат ризикот за новинарите кои работеа на сторијата.
Куцијак и неговите колеги ја започнаа истрагата со разгледување на вработувањето на Марија Троскова, која тогаш имаше 27 години, од страна на словачкиот премиер Роберт Фицо како негова асистентка. Фицо ја вработи поранешната натпреварувачка на Мис Универзум и модел, и покрај нејзиниот релативен недостаток на политичко искуство. Неговиот прес-оддел одби да го објави нејзиниот работен опис за да ја разјасни нејзината позиција или да изјави дали таа добила безбедносна проверка.
Но истражувајќи го нејзиното вработување, репортерскиот тим наиде на уште поголема сторија. Како што се испостави, Троскова во минатото била бизнис партнер на 42 годишниот Антонино Вадала, италијанец кој сега живе во Словачка и поседува мрежа на земјоделски компании во источниот дел на државата.
Во средината на нејзините 20-ти години, Троскова се здружила со Вадала со кого ја ко-основаат словачката компанија наречена ГИА Менаџмент, која има учество во широк спектар на бизниси, вклучувајќи недвижен имот, градежништво, пакување и фотографија. Таа ја напуштила компанијата за помалку од една година.
Асистент на моќни личности
Троскова ја започнува својата кариера во светот на бизнисот како асистент на Павол Руско, поранешен политичар и поранешен ко-сопственик на телевизиската станица ТВ Маркиза. Руско неодамна беше притворен за наводното нарачување на убиството на неговиот бизнис партнер во доцните 1990-ти.
Троскова работела во ГИА Менаџмент во времето кога го запознала Вилиам Јасан, поранешен член на словачкиот парламент за време на владеењето на политичка партија Смер-СД и секретар на Државниот совет за безбедност. Јасан ја вработил Троскова како негов заменик асистент.
Тоа е моментот кога Троскова била запознаена и вработена од страна на партискиот водач и премиер, Роберт Фицо.
Но Вадала се испостави да биде многу повеќе од само претприемнички имигрант.
Мајка Калабриа
Во март 2017-тата, обвинителството на Антимафијата во италијанскиот регион Калабриа, заедно со одделот против дрога на Фискалната стража во Катанзаро, поднесе неколку налози за апсење после долгата истрага.
Полицијата го истражувала тргувањето со кокаин од Латинска Америка во Италија, од страна на картелот кој го сочинуваат пет Ндрангета фамилии.
Во истрагата, која се уште се спроведува, Антонио Вадала е означен како нов потенцијален брокер на кокаин за картелот, кој бил назначен да ги замени оние кои биле уапсени.
Но неговата конекција со групата, како што новинарите открија, оди многу подалеку од тоа.
Таа започнала во родниот град на Вадала, Бова Марина во Италија. Тука тој го поминал почетокот од својот живот, пред да емигрира во Словачка заедно со други членови од своето семејство.
Бова Марина е позната како седиште на кланот Вадала, озогласена Ндрангета фамилија која, според судските досиеја, се одговорни за барем 25 убиства во време на нивното контролирање на трговијата со кокаин и уживање на директни врски со колумбиски нарко картел.
Кланот е предводен од Доменико Вадала, со кого Антонио Вадала не е познато да има блиски семејни релации.
Но во ова градче, пред 16 години, италијанската полиција прв пат го поврзува Антонио Вадала со Ндрангета, кога тој помогнал во криењето на бегалец од друг клан, Либри-Зиндато.
Во 2001, полицијата прислушува разговор помеѓу Антонио Вадала и еден од предводниците на кланот Либри-Зиндато, Франческо Зиндато, во домот на Вадала во Бова Марина. Во разговорот тие дискутирале логистички решенија за криењето на бегалецот кој покрај тоа што бил трговец со дрога, подоцна се открива и дека е убиец.
Издаден е налог за апсењето на Вадала, заедно со уште 12 други лица кои се обвинети за криминални дејствија кои се движат од трговија со дрога, кражба и изнудување до илегално поседување оружја.
Неколкумина од лицата беа уапсени и осудени на затворски казни за нивните злосторства. Но, Вадала кој во моментот веќе бил преселен во Словачка, го избегна апсењето, а обвиненијата против него подоцна беа отфрлени.
Познатото убиство
Бегалецот кому Вадала му помогна да се сокрие, бил трговец на дрога наречен Доменико “Мико” Вентура. Тој требал да биде уапсен како дел од полициската истрага за “Ндрангета”, кога избегал и се скрил во Бова Марина.
Вентура стана познат неколку години подоцна, поради видеото кое и беше обелоденето на воената полиција на Карабинери во 2012 година. Во видеото се покажува како тој ладнокрвно пука во друг член на кланот во една куќа на село. Неговиот избор на оружје е двоцевка, која уште се нарекува сачмарка и обично се поврзува со убиства на мафијата. Тој беше осуден на доживотен затвор.
Во другите полициски прислушувања кои биле дел од истата истрага, снимен е разговор помеѓу Вадала и Зиндато во кој од Вадала се бара да замине во Рим заедно со двајцата најдоверливи мажи на шефот каде треба да „казнат“ (физички) непознато лице кое му „нанело штета на кланот“.
“Јасно е дека оние кои учествуваа во казненото патување наредено од шефот, морале да бидат силно поврзани со интересите и активностите на кланот”, пишува судијата. Евиденцијата не покажува дали тој всушност заминал на патувањето.
Во времето на убиството на Јан Куцијак, новинарите се уште собираа дополнителни информации за Вадала, како и за улогата на Троскова, ако воопшто ја има, како и конекцијата помеѓу Вадала и канцеларијата на Премиерот.
Адвокатот на Вадала немаше коментар за оваа сторија, кога беше контактиран од новинарите во ноември 2017-та година.