Press "Enter" to skip to content

Конфискуваниот имот го заплетка „Трансмет“ во нова афера

Конфискуваниот имот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е зад решетки, не само што не го заврте бројчаникот на Порта Македонија туку и незаконски се вози по патиштата низ цела држава и го користат луѓе кои се поврзани со него. Случајот покажува дека наспроти правната логика, законите или секој ги чита како што му одговара или се полни со дупки кои сите други ги ползуваат пред државата. Но, се и опасен терен за играње со довербата од граѓаните и подеднакво ризичен за поттикнување на корупцијата како домино-ефект.

На 1 ноември 2019 година кај клучката Куманово полицијата запре возило марка „Цитроен“ и поведе прекршочна постапка и за возачот и за фирмата која го поседувала, затоа што се движело со неисправни светилки на задниот дел. Овој прекршок е навидум вообичаен, но деталите од прекршочната пријава упатуваат на нова афера поврзана со веќе пропаднатата фирма „Трансмет“. Конфискуваниот имот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е зад решетки, не само што не го заврте бројчаникот на Порта Македонија туку и незаконски се вози по патиштата низ цела држава и го користат луѓе кои се поврзани со него.

Тоа ноемвриско попладне „цитроенот“ го управувало лице кое работело во „Трансмет“, за што постојат пишани докази. Податоците од МВР упатуваат дека во последните две години полицијата дури 13 пати запрела и во записникот ги бележела возилата на „Трансмет“.

На 4 декември 2020 година, кај маркетот „Кипер“ во Тетово бил сопрен шлепер марка „мерцедес“ со истечена сообраќајна дозвола, исто така некогашна сопственост на „Трансмет“, но и дел од листата конфискуван движен имот. Полицијата има стандарден полициски одговор на прашањето како се случува возила од конфискуван имот да се возат по патиштата.

„Против правното лице ’Трансмет‘ во текот на 2019-2020 година поднесени се четири барања за неважечка сообраќајна дозвола, три барања се за претовар на возилата, по две за технички неисправни возила и за неисполнување на пропишаните услови во однос на димензиите, вкупната маса и осното оптоварување (вонреден превоз), и по едно барање за управување на возило со несоодветна категорија и барање за изгубени, оштетени или уништени регистарски таблички“, е одговорот што го добивме од МВР.

Од пред четири години, освен државата никој друг не смеел да отуѓува и да располага со движниот имот, односно да ги регистрира и да ги вози возилата, а мерката важела и за недвижностите. Во мај 2017 г. Кривичниот суд носи одлука да го замрзне целиот имот по барање на некогашното Специјално јавно обвинителство кое за првпат прави т.н. бруто-конфискација. Предметот го водеа двајца обвинители, Артан Ајро и Гаврил Бубевски.

 „Баравме таков тип конфискација поради фактот дека со фалсификат документација е добиена јавна набавка од којашто на сметката на ’Трансмет‘ се префрлени нешто помалку од 17 милиони евра, а содржината на таа документација претставува услов за да може да влезе во евалуација за тендер. Во тој момент осудениот ја немал механизацијата, а прикажал како да ја има. Ја купува по добивањето на тендерот од средствата од јавната набавка. Ова е класичен пример на принос од казниво дело“, вели Бубевски за ова истражување.

 Пресудата ја потврдува и Апелација, но ја намали казната за Кочан од шест на четири години и осум месеци, а од 15 јули 2019 станува извршна, што значи дека државата може да почне да го продава или да го користи имотот на Кочан. Но тоа не се случува.

„Има 204 возила за кои сега се проверува дали се дадени под залог. Имаме сознанија дека 24 возила кои се со повисока вредност се заложени во неколку банки“, гласеше првата изјава на Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот на прес-конференција на 18 јули 2019 година.

Наместо конфискуваните милиони на Кочан да го вртат фамозниот бројчаник кој го најавуваше Зоран Заев, „вртеле“ неговите возила низ цела држава и никој нема информација како физички лица и фирми дошле до имот кој е замрзнат пред четири години.

 „Немам претстава што се случува со возилата и целиот движен имот. Баравме да ги препишеме на име на Агенцијата, но сите беа под залог и Централен регистар нѐ одби, не можевме да ја префрлиме сопственоста и во МВР“, вели Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот.

 Од МВР одговорија дека официјален допис за пренос на сопственоста од „Трансмет“ на име на Агенцијата не е пристигнат досега. 

Сеад Кочан

Како се замота клопчето

Сите конфискувани возила и механизација на „Трансмет“ според пресудата вределе 6,9 милиони евра, додека недвижниот имот вреднуван според парцели, станбени објекти „тежел“ 7,4 милиони евра. Но нема информација колкава е нивната вредност сега, затоа што не е направено вештачење. Она што е сигурно е дека пораснале каматите, бидејќи Кочан се задолжил во четири банки, кај познати странски, но и домашни компании, како на пример „Пуцко петрол“, кому му останал должен околу милион евра за нафта, па битката за преземање на имотот покрај државата ја водат и осуммина извршители. Една од нив, извршителката Весна Деловска, која ги застапува Шпаркасе и Комерцијална банка веќе обезбедила дел од возилата кои ги барала на паркинзите низ државата. Вкупниот главен долг кој очекува да го наплати изнесува 1,1 милиони евра. Во таа вредност заедно со еден стан, дел од бетонската база лоцирана на 5 километри до Блаце и триесетина подвижни предмети, влегуваат и натрупани камати.

 „Имам обезбедено четири камиони и валјак, ги најдов на плацот во Блаце. Сега вредноста на камионот, според овластената процена која ја направив, чини два милиона денари помалку. Во моментот кога јас ги добивам предметите за извршување од ’Трансмет‘ се води судската постапка. Кредитите се земени во 2013 година и тоа е сѐ нотарски заверено“, изјави извршителката Деловска за ова истражување. 

За овој имот Агенцијата поднесува тужба до Граѓанскиот суд во Скопје за да покаже „посилно“ право на сопственост и бара поништување на хипотеките. Во март 2021 г. се вклучува и Државното правобранителство со тужба за главно вмешување за да може директно да ги застапува интересите на државата. Двата процеса ги води судијката Велјанка Доневски, која следното рочиште го закажа во јуни.

Но овие предмети не се за целата конфискувана сума од 17 милиони евра, туку само за еден дел од имотот, вреден 185 илјади евра. Останатиот дел допрва ќе се обезбедува, по речиси две години откако е добиена пресудата. Агенцијата во координација со Правобранителство најавија барање за помош од Владата.

Истрагата на Специјалното обвинителство, популарно наречена „Труст“, во февруари 2017 година ја најави пропаста на бизнисменот Сеад Кочан и неговиот градежен бизнис кој цветаше во времето на владеење на Никола Груевски. Официјалното пропаѓање беше означено со отворањето на стечајната постапка во септември 2019 година. Случајот „Трансмет“ завршува во раце на стечајниот управник Богољуб Макревски, на чија адреса пристигнуваат информациите од полицијата дека некој незаконски ги вози камионите и автомобилите. Во изминатите две години Макревски е повикан на суд во Куманово, Кавадарци, Свети Николе и Тетово.

 „Сообраќајната полиција и инспекцијата за транспорт ме известуваа за секое возило на ’Трансмет‘, но јас немам надлежност за возилата, а и за ништо од имотот, бидејќи е конфискуван и не можам да формирам стечајна маса“, ни изјави Макревски.

Иако имотот на „Трансмет“ е конфискуван, по отворањето на стечајот Макревски ја информира поранешната управителка на градежната фирма, Славица Георгиева, и бара да му бидат предадени целокупната документација, печатот и штембилот, па и сѐ она што е конфискувано. На 9 јануари 2020 година судијката Снежана Таневски наложува во рок од пет дена да му се предадат бараните предмети и целосната документација на Макревски од „Трансмет“. 

Во врска со дилемите околу предноста кој за што има право да наплати, се случува средба меѓу стечајниот управник, претставниците од Агенцијата и судијката Лидија Зимбовска која ја изрече пресудата, и таа инсистира предност во однос на имотот да има државата – како што гласи и пресудата. Но и покрај тие средби, играњето пинг-понг со надлежностите и обезбедувањето на движниот имот останува нерасчистено. Како за целиот случај, така и во содржината на писмата кои надлежните си ги праќале меѓу себе има контрадикторности. Во еден допис од Агенцијата до „Трансмет“, од март 2020 година, вработените во Агенцијата за одземен имот предупредуваат дека имало договор стечајниот управник да ги лоцира возилата и да почне преземањето и сместувањето. Но, од друга страна, пишува:

„Нема никаков договор ни доставен правен акт со стечајниот управник Богољуб Макревски да има добиено одобрение од наша страна да управува со имотот, се оградуваме ние како институција… сопственоста на сите недвижности и управувањето на сите подвижни предмети е во наша надлежност и вие имате забрана да вршите предавање на имотот и негово отуѓување“, пишува во дописот на Агенцијата.

Кај стечајниот управник на „Трансмет“ досега се појавиле 272 доверители, кои исто како и државата чекаат да си ги наплатат долговите. Дел од нив се оспорени, како што е градежната фирма „Трибеко“ која се поврзува со соработници на Кочан. Со секој поминат ден каматите на доверителите растат, па 17 милиони евра кои Кочан ги стекнал со лажна документација на тендерот за ископ на јаглен и јаловина во Суводол, сега се всушност 30 милиони евра побарани долгови. Недвижниот имот кој опфаќа ливади, асфалтна база, плацови, станови е препишан на име на Агенцијата за управување со одземен имот, но хипотеките остануваат во прегледот од Катастар. Возниот градежен парк од кој сите се оградуваат и не знаат каде е, а според документите всушност го бараат, е предмет на истрага и во Министерството за внатрешни работи. Од април оваа година СВР Скопје постапува по пријава на стечајниот управник Макревски. Според неговите сознанија напишани во пријавата, 85 транспортни возила работат на градежни активности при изградбата на автопатот Кичево – Охрид и на патиштата Штип –Кочани, Штип – Радовиш, Рудник Бучим. 

„И покрај тоа што Агенцијата за управување со одземен имот била должна конфискацијата да ја изврши во рок од 30 дена по правосилност на пресудата, тоа го сторила со недвижниот имот, а подвижниот имот – опрема и транспортни средства формално ги презела, но физички оставила трети лица неосновано да стопанисуваат со него“, наведува стечајниот управник.

Дента кога е изречена времената мерка со која Кривичниот суд забранил да се отуѓува имотот на „Трансмет“, оваа компанија аплицира за да добие А-интегрирана еколошка дозвола за асфалтната база во село Попоец, Кичевско, но е одбиена. Иако имотот е под мраз четири месеци, „Трансмет“ на интернет оглас за вработување бара помошник-механичар. Сеад Кочан е затвореник во „Идризово“ од 1 август 2019 година, но неговото семејство и соработниците во меѓувреме основаат неколку фирми и остануваат во градежниот бизнис.  

Неуспешните конфискации и довербата во правната држава

Случајот со имотот на Сеад Кочан покажува дека наспроти правната логика, законите или секој си ги чита како што му одговара или се полни со дупки кои сите други ги ползуваат пред државата. Но, се и опасен терен за играње со довербата од граѓаните и подеднакво ризичен за поттикнување на корупцијата како домино-ефект. Насекаде, не само во Македонија, смислата на конфискацијата е иста. Незаконски стекнатата имотна корист не ја задржува сторителот, вели за ова истражување професорката од Катедрата за казнено право на Правниот факултет во Загреб, Сунчана Роксандиќ.

 „Спречувањето на овие кривични дела нема смисла доколку нелегалната имотна корист не е конфискувана и замрзната во кривичната постапка. Така, според мене, целта на казната нема да се реализира во целост дури и ако на крајот сторителот се прогласи за виновен, а притоа ја задржи незаконски стекнатата имотна корист“, вели професорката Роксандиќ. 

Претседателката на „Транспаренси Македонија“, Слаѓана Тасева, која е и експерт за мерката конфискација на имот, смета дека во современите демократски системи ефикасноста во борбата против корупцијата се изразува со вредноста на конфискувани криминални приноси. А тоа не е за пофалба во нашата држава.

„Процентот на реализирани конфискации кај нас е многу мал, речиси незначителен. Се појавуваат многу проблеми кои оставаат впечаток на лош систем и неподготвеност. Тоа придонесува граѓаните да ја губат довербата во вистинската волја на државата да се справи со криминалот. Се создава впечаток на недопирливост и заштита по пат на корупција“, вели Тасева.

Историјата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур бележи случај во кој е оправдана конфискација на нелегално стекнат имот и без кривична постапка, а притоа се констатира дека не е повреден Протоколот 1, или правото на сопственост. Серго Гогитџе за граѓаните од Аџарија (автономен регион во Грузија) ќе остане запаметен како функционер кој ги крадел и измамил за да си го зголеми имотот, но и пример дека сѐ што ќе се стекне незаконски ќе биде вратено на народот. Како поранешен заменик-министер за внатрешни работи и своевремено претседател на Заводот за ревизија во Аџарија, Серго Гогитџе на свое име, но и на неговите два сина и братот успеал да се стекне со имот вреден 450 илјади евра. Постапката против него ја отпочнува јавен обвинител во 2004 година пред Врховниот суд, со обвинување дека платата што ја имал Гогиџе за време на неговите две функции од 1994 до 2004 година не е доволна за да се зголеми неговиот личен имот. Ниту на неговите синови и братот.

Обвинителот со документација, која вклучувала и вештачење на двајца независни ревизори, докажал дека поранешниот функционер Гогитџе заработил 1.644 и 6.023 евра како службени плати од двете позиции во Владата, а имотот бил екстремно повисок од овие суми, или околу 450.000 евра. Во списокот на конфискуван имот имало седум куќи, станови, удел во хотел, автомобил „мерцедес“. Врховниот суд во Аџарија носи одлука која не завршува во корист на Гогитџе и членовите на неговото семејство, по што се конфискува спорниот имот. Случајот ги исцрпува сите судски скалила и во 2005-та година завршува во Стразбур, по жалба на Гогитџе и неговото семејство.

 „Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање во својот имот. Никој не смее да биде лишен од својата сопственост освен во јавен интерес и под услов предвидени со закон и општите принципи на меѓународното право“, гласи членот 1 од Протоколот бр. 1.

Анализирајќи ги жалбите, судот во Стразбур во 2015 година носи одлука со која утврдува дека нема повреда на овој член од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, односно дека на Гогитџе не му било нарушено правото на мирно располагање со имотот. Европскиот суд за човекови права се сложува и со одлуката на грузискиот Уставен суд дека управната постапка за конфискација не била произволна, и дека државата има широка слобода да процени и да одбере на кој начин ќе се бори против криминалот. 

Податоци од Јавното обвинителство на РСМ за замрзнат и конфискуван имот од истрагите на СЈО

Пораките од ЕУ

Нашиот Кривичен законик предвидува дека никој не може да ја задржи непосредната и посредната имотна корист прибавена со кривично дело. Конфискација е процес на трајно одземање на имотот што сторителот го стекнал на незаконски начин. Меѓународната заедница има големи очекувања во делот на финансиските истраги поврзани со заплена на имот и конфискација понатаму во постапките.

„Во 2019 година конфискацијата на криминален имот беше ограничена на 21 лице. Таа вклучуваше конфискација на недвижен имот во три случаи. Конфискацијата на криминалниот имот треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата. Алатките на земјата за замрзнување, управување и конфискување на криминално стекнатиот имот не се доволно ефективни. Потребна е систематска употреба на конфискација или проширена конфискација за ограничен список на кривични дела“, се вели во Извештајот за напредок на РСМ за 2019 година.

Низ призмата на популарно наречениот случај „Труст“ се доловува (не)подготвеноста на институциите и волјата за спроведување на една поголема конфискација, иако секоја од институциите и инволвираните во тој процес има свои аргументи за пречките. Но тие правни објаснувања можеби имаат логика во судскиот систем, додека за обичниот граѓанин изгледаат неразбирливо. Тој би сакал појасно да види како државата прави сѐ за да ги елиминира пречките. Затоа што ваквите случаи само ја јакнат перцепцијата, па и убедувањето, дека државата е немоќна или не сака да стори исклучителен напор за да ја задоволи правдата што сите ја очекуваат.

Сторијата е изработена од страна на новинарката Христина Беловска во рамки на проектот: „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.

„Содржината е единствена одговорност на авторот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество-Македонија“.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.