Press "Enter" to skip to content

Извештајот на Прибе треба да биде пример за ЕУ како да се бори со корупцијата во Западен Балкан

Кога ќе се земат в обзир аспирациите на земјите од Западен Балкан за влез во евроатлантските трговски и безбедносни организации, речиси секогаш предничи зборот „реформи“.

Меѓутоа, како што пишува порталот „Европски Западен Балкан“ (ЕЗБ), нема значајни реформи од владите во Западен Балкан и покрај опсегот на пропишани и имплементирани мерки, напротив, демократските стандарди постојано назадуваат. Европската Унија е свесна за тоа, како што е свесна дека пристапот кон овој регион мора да се подобри.

Минатата година Европската Комисија испорача серија барања до земјите од Западниот Балкан (Стратегија за Западен Балкан) кои треба да се исполнат на патот кон членство во ЕУ, но истовремено, преку шест големи иницијативи презема обврска за далеку поголема поддршка и помош за регионот во наредниот период.

„Дали тоа ќе се исполни целосно ќе зависи од објективните заслуги и резултати на секоја земја“, стои во Стратегијата.

Најважно за сите шест држави е дека Брисел ја остава отворена можноста тие да ги престигнат другите држави „во зависност од напредокот кој ќе го бележат“.

Но она што се забележува во текстот на ЕЗБ, е дека во тој европски документ нема длабока анализа за тоа како заробената држава влијае на целиот регион, особено што не се посочуваат директно земјите, што пак им дава шанса на владите да речат дека не се однесува на нив.

Поради тоа неопходни се специјални извештаи.

Кога ќе се земе предвид етимологијата на поимот „заробена држава“, тоа посочува на држава со распространета корупција која ги експлоатира државните ресурси за приватни цели, истовремено угнетувајќи го контролниот механизам преку законски или незаконски мерки.

„Иако ЕУ извештаите при пристапниот процес се опширни и содржајни, некои извештаи се недостапни за јавноста. Тие што се достапни често се пишувани со дипломатски речник и запазени формулации кои ги занемаруваат заклучоците. Овие извештаи се поделени по глави и напредокот се мери по специфични критериуми, а поголем дел од секторот за безбедност е изоставен бидејќи ЕУ нема компетенции во внатрешната безбедност. Во таква структура недостасуваат контексти кои ги поврзуваат главите и само ги нагласуваат преземените мерки. А без тоа, не може да се има пошироката слика“, објавува ЕБЗ.

ЕУ треба да го користи моделот со Македонија

Како позитивен пример, во текстот се наведува Извештајот на Прибе за Македонија, навраќајки се на политичката криза и периодот во 2015 година кога се објавуваа политичките бомби на Заев и кога европски медијатори ги седнаа политичките партии на иста маса.

„Покрај дипломатското медијаторство помеѓу политичките чиновници во Македонија, ЕУ собра група од независни експерти, под водство на пензионираниот експерт Рајнхард Прибе и ги задолжи да ги идентификуваат проблемите со владеењето на правото во земјата. Така се создаде Извештајот на Прибе, каде што независните експерти беа искрени во дијагностицирањето без да се базираат на европските извештаи. А фактот што зад Извештајот засана Европската комисија, се даде огромен авторитет на документот“, стои во текстот.

Во Извештајот на Прибе јасно се потенцирани недостатоците во судството, институциите, медиумите, изборите кои имаат заедничка врска.

Тимот на Прибе понуди конкретни препораки, додека ЕУ го забрза процесот на соработка помеѓу партиите. Тоа што Европската комисија постави свои мониторинг на имплементирањето на реформите и ги назначи како предуслов, го забрза и процесот во Македонија.

„Извештајот на Прибе може да послужи како модел за нов, современ механизам на следење на напредокот кој оди подалеку од техничкото мониторирање во склоп на аки-то на ЕУ. Независните експерти, поддржани од Европската комисија можат да бидат соодветен одговор на потребите истакнати во Стратегијата за Западен Балкан за многу поефективни реформи при владеењето на правото во земјите чии аспирации се да бидат дел од ЕУ“, стои во заклучокот на ЕЗБ.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »