Press "Enter" to skip to content

Италија објави студија од доверлив карактер за IQOS уредите на „Филип Морис“

Министерството за здравство на Италија во петокот објави резиме на научна студија од доверлиив карактер изготвена за владата, која ги негира тврдењата дека IQOS уредите на компанијата „Филип Морис“ се побезбедни од цигарите. Студијата е направена во пресрет на документарецот на италијанските партнери RAI3 на OCCRP и ИРЛ во меѓународното истражување „Blowing unsmoke“.

Истражувањето направено од група научници од Националниот здравствен институт, ја отфрла апликацијата на тутунската компанија „Филип Морис“ да го категоризира IQOS уредот кој загрева производи од несогорлив тутун како помалку ризичен од пушењето цигари.

„Презентираните научни податоци не се доволни за да се утврди дека IQOS го намалува ризикот на производот споредено со производи за согорување при употреба во исти услови“, се вели во резимето на студијата објавено од Министерството за здравство на Италија.

Студијата не била споделена ниту со високи здравствени службеници сè до минатата недела, кога RAI3 откри дека истражувањето било финализирано само неколку дена откако италијанските законодавци гласале за намалување на данокот на производите од несогорлив тутун во декември 2018 година.

Прочитајте повеќе: Исто како Италија, но една година подоцна, Собранието на Северна Македонија во мај 2019 откако за прв пат ги препознава производите од несогорлив тутун, одлучува да гласа за акциза далеку помала од онаа за традиционалните цигари за пушење. Прочитајте повеќе за ова во последното истражување на ИРЛ со OCCRP, RAI2 и други партнери.

Поглед во планот на „Филип Морис“ да не убеди дека IQOS и HEETS се помалку штетни од обични цигари

Документарецот на RAI3, кој привлече скоро 3 милиони гледачи од моментот кога се емитуваше во Италија, беше дел од меѓународната истрага предводена од OCCRP за тоа како „Филип Морис“ ги промовира своите IQOS уреди и производи од несогорлив тутун како поздрава алтернатива на пушењето. Пред емитувањето, „Филип Морис“ побара да не се објавуваат содржините на студијата, велејќи дека содржат чувствителни комерцијални информации.

„Филип Морис Италија“ потврди дека доставиле научни студии и докази за IQOS до италијанското Министерство за здравство во 2018 година, за кое научниците на Националниот здравствен институт сметале дека не се доволни за да докажат дека уредот има „намален ризик“ во споредба со цигарите.

„До денес, повеќе од десет меѓународни владини тела од трети лица зазедоа јасен став во признавањето дека IQOS уредот е во состојба значително да ги намали токсичните материи што се присутни при пушење цигари“, додаде портпаролот на Филип Морис Италија во одговорот за RAI3.

Зградата на италијанското Министерство за здравство во Рим. Фотографија: Lourens Smak/Alamy Stock Photo

Во пресрет на документарецот, поранешниот министер за образование на Италија, Лоренцо Фиорамонти испрати официјално „сослушување“ до Министерството за здравство и Министерството за финансии, барајќи информации за извештајот и даночните олеснувања доделени на IQOS.

Фиорамонти ја цитира студијата на аналитичкиот центар за креирање политики „Competere“, која проценува дека италијанската влада би можела да собере 1,2 милијарди евра од даноци во периодот меѓу 2020-2022 година доколку се укине даночното олеснување за производите од несогорлив тутун.

Во Македонија пак, производите од несогорлив тутун штотуку започнаа да се продаваат на пазарот и ваква студија се’ уште не е спроведена. Акцизата за нив е 2.500 денари за килограм нето тежина и 0% од малопродажната цена на кутија цигари, додека акцизата за цигарите за пушење изнесува 2.453 денари по парче и 9% од малопродажната цена по пакување.

Во моментов на пазарот во државата единствени продукти од несогорлив тутун се оние на „Филип Морис“, HEETS и уредот IQOS, кој официјално ги пуштија во продажба минатата недела. Но, и другите светски тутунски компании го пратат темпото со свои вакви продукти кои поскоро или подоцна ќе се најдат и на пазарот во Македонија како дел од групата производи од несогорлив тутун.

Насловна фотографија: Jaime Saldarriaga/Reuters 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »