На 28 февруари е закажано првото рочиште на доктор Жан Митрев, обвинет за измама на пациенти заболени од КОВИД 19. Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека го прифатил обвинителниот акт, а по предметот ќе постапува судијката Лидија Петровска. Од клиниката целосно го отфрлаат обвинението како неосновано и ќе докажеле дека ниту еден пациент не бил измамен.
Основниот кривичен суд Скопје во целост го прифати обвинението против докторот Жан Митрев и неговата клиника. Од судот соопштија дека првото судското рочиште ќе се одржи на 28 февруари. Судскиот предмет ќе го води судијката Лидија Петровска.
„Ценејќи ги сите приложени факти и аргументи на странките, судот донесе решение со кое актот го одобри во целост. По одобрениот обвинителен акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој согласно АКМИС е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023 година во 09:30 часот за што ќе бидат испратени покани до странките“, известија од Кривичниот суд.
Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.
Тој е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари. Митрев ја искористил здравствената криза за време на пандемијата, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен за лекување од КОВИД 19.
„Јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Covid – 19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари“, соопштија од Јавното обвинителство – Скопје.
Од клиниката „Жан Митрев“ велат дека обвинението е неосновано во целост и очекуваат јавен и транспарентен процес. Во соопштението испратено до јавноста уверуваат дека вистината е на нивна страна и ниту еден пациент не бил измамен.
„За време на Ковид пандемијата нашата клиника и нашиот персонал одиграа херојска улога, а овој срам и напади кои ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите. Хемофилтрацијата како метод ја користевме за лекување на последици од Ковид, но не и како лек за Ковид. Бесмислени се наводите на ЈО во Обвинителниот акт“, пишува во дописот до медиумите од клиниката.
Истрагата беше отворена по објавата на документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван лани на 17 јули на МРТВ. По шест месеци скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против доктор Жан Митрев и неговата болница за кривичното дело „Измама“.
Според обвинението, најголем дел од пациентите однапред уплаќале по 12.000 евра за пакет од две хемофилтрации, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура, што е спротивно на здравствените прописи и стандарди.
Освен Јавното обвинителство во јули минатата година истрага отвори и министерството за здравство. Министерот Беким Сали формираше пет стручни комисии кои треба да ги испитаат сите аспекти во работењето на приватната болница „Жан Митрев“. Извештајот се уште не е објавен.
Погледнето го документарниот филм „Нечиста крв“