Со очигледно отсуство на поддршка од новинарската фела и покрај тоа што организаторите ќе речат дека се задоволни од излезноста, се одржа протестот против обвинителниот предлог за Александар Митовски, затоа што објави записник од исказ за случајот „Рекет“.
Меѓу дваесетината излезени на протестот беа организаторката на протестот од МАН, новинарката Ивона Талевска, потпретседателот на организацијата, Цветин Чилиманов, главниот и одговорен уредник на „Вистина.мк“, Антонио Димитриевски, новинарот Бранко Героски, политичкиот аналитичар Александар Пандов, редакцијата на „Инфомакс“ и уште десетина други поддржувачи.
„Задоволни сме од поддршката со оглед на тоа што нашите членови се на работа“, изјави Талевска прашана за добиената поддршка.
Според неа, оваа година била најцрна за новинарството споредено со минатото и тврди дека се водат над 60 предистраги, истраги и закани за обвиненија против медиуми кои не биле блиски до актуелната власт.
„За најцрни години ако можеме да ги сметаме 2012, 2014, 2015 година, просекот на загрозени медиумски слободи изнесува 20%. Сега е 52%. Над 66 луѓе се во предистрага, истрага и обвинение од ова Обвинителство. Ние сме лидери со Турција на европско ниво по црнило во новинарството“, вели Талевска.
Но за волја на вистината, во 2013 година кога протестираа огромен број на присутни за ослободуање на Томислав Кежаровски од кривично гонење, прфоесионалци претежно од новинарската фела, Македонската асоцијација на медиуми испрати кратко соопштение но не излезе да даде поддршка за својот колега.
Талевска потсети на краткото соопштение на МАН, во кое тогаш повика на ослободителна пресуда.
Героски, кој вчера најави присуство на денешниот протест, го повика токму Кежаровски да се појави пред Обвинителството.
Кежаровски без да сака да навлегува во случајот, или да одговара на повикот, кратко ја наметнува дилемата дека двата случаи се различни и не сака да се прават паралели меѓу нив, потенцирајќи: „Мене ме гонеше режим, а сега се работи за запазување на судска процедура“.
Неговата сопруга, на Фејсбук потсетува токму на известувањата на новинарите членови во МАН.
„Вечер, Инфомакс и други… ви текнува кога го објавувате Томче на насловни страни со слики и лисици на рацете?… М?…Насловите ви беа: „како дел од организиран криминал“…За ваша информација, и пред затворот да му се случи, неколку пати кога го товареа со приватни тужби за наводна „навреда и клевета“ тој одеше сам во судот, сигурен во себе и во тоа што го има напишано, и како по правило излегуваше како победник од таму. Епа, ние , ете, се’ си паметиме, да ве потсетиме….“, напиша Кежаровска.
А Митовски денеска токму тоа го побара: солидарност од колегите. Рече дека протестот не бил за него ниту за „Инфомакс“, туку за новинарството.
„Мора да застанеме сите заедно, солидарно како колеги и да кажеме – Доста е на сите овие притисоци. Се надевам дека сите овие апели ќе стигнат до обвинителот Јовески, до премиерот Зоран Заев и до сите надлежни“, рече тој.
Во знак на револт, на протестот присутните новинари симболично претставија микрофон со полициски лисици на него, а протестот се одвиваше од Основното јавно обвинителство до Кривичниот суд.
ПРАШАЊЕТО НА ПОДДРШКАТА И ПРАШАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ
Подобни и неподобни новинари и опозициски и владејачки мегафони се зборовни конструкции кои што го завладеаја јавниот дискурс во времето на власта на Никола Груевски. Критичните медиуми и новинари беа затворани или под притисоци, додека власта преку контрола врз бизнисот и пазарот на реклами, го завладеа медиумскиот простор.
На критичарите им се одговараше со контра акции. Така на пример, како одговор на критично настроеното еснафско здружение на новинари – ЗНМ, се формираше Македонската асоцијација на новинари (МАН) претставуана од новинари и уредници кои во тоа време беа водечки лица во медиумите блиски до власта и спроведуваа хајки против сите критични гласови, вклучително и колегите новинари.
Александар Митовски – сопственик и главен и одговорен уредник на порталот „Инфомакс“ е еден од медиумите којшто се формираше во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
А во Македонија мерка за „успешен протест“ е излезноста или пак гласноста против она за што се протестира. Но, Талевска вели дека се задоволни од излезноста денес. Запрашана зошто отсуствува поддршката на колегите, таа рече дека колеги имало доволно.
Ставот на Советот за етика во медиумите јасно говори дека борбата против кршењето на новинарските права, не можат да ја водат лица кои ги кршеле новинарските стандарди и принципи.
„Фелата не смее да дозволи борбата против политичките и судски притисоци врз новинарите, исто како и онаа за зајакнување на слободата на говор да ја предвидат лица, медиуми и организации кои се главни прекршители на новинарските стандарди. Отворете ја веб страницата на МАН, видете кога е последен пат ажурирана, од кога им е последното соопштение. Оваа организација и медиумите кои таа ги претставува се токму истите кои во земјава го воспоставија принципот на меѓусебни новинарски пресметки (нешто што Кодексот строго го забранува), па со години новинарите наместо да се насочат кон критичка опсервација на центрите на моќ беа зафатени со меѓусебен колеж и напади врз новинари поттикнати токму од новинари. Сосема е разбирливо и очекувано што фелата не ги препознава како свои заштитници“, се вели во ставот на СЕММ.
Во однос на денешниот протест, СЕММ заклучува дека официјално беше предводен од лице осудено за финансиски криминал, коешто само ја призна вината, а организаторите се покажале како селективни борци за новинарски права и слободи.
Според новинарката Катерина Синадиновска, немањето огромна поддршка за новинарот на „Инфомакс“ се должи и на тоа што организаторите се покажале како селективи борци за права.
„Организаторите се покажале како селективни борци за новинарски права и слободи, за разлика од принципилените реакции на нашите здруженија кои секогаш се раководат од Кодексот и професионалните начела и реагираме на сите повреди без разлика од каде доаѓаат и кон кого се насочени. МАН ниту еднаш не застанал во одбрана или не дал поддршка на колега или медиум којшто има уредувачка политика што не им е во нивниот светоглед“, вели таа.
Синадиновска упатува на критериумите на СЕММ кој велат дека медиум којшто нема адреса, импресум, не учествува во процеси на медијација и не ја поддржува саморегулацијата како концепт, како и оној кој пишува надвор од кој било Кодекс на новинари, не може да биде член на Советот за етика.
„Тука, кај прекршителите на овие стандарди и кај оние кои не ги исполнуваат нашите критериуми се разбира не спаѓаат само медиумите опфатени од МАН и затоа Регистарот што го најавуваме ќе биде одлична алатка за јавноста пред се’ да има увид во тоа кои медиуми работат според професионалните стандарди“, дополнува таа.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје денеска повторно соопшти дека обвинителниот предлог поднесен против новинарот на „Инфомакс“ за објавување на записник од кривичната пријава на бизнисменот Орце Камчев за случајот „Рекет“.
Во конкретниот случај обвинението, велат оттаму, беше поднесено бидејќи со објавувањето на првата страница од Записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на интернет порталот „Инфомакс“, на јавноста и беа сторени достапни податоците што претставуваат службена тајна.
Денешни приказни