Press "Enter" to skip to content

За сиромашна држава како што е нашата, привилегиите на поранешните претседатели се луксуз

Антикорупциската комисија бара да им се укинат привилегиите на поранешните претседатели на државата. Во изминатите 10 години за кирии, комуналии, службени возила и вработени во нивните канцеларии од државниот буџет исплатени се 1.000.000 евра.

„За сиромашна како што е нашата, привилегиите на поранешните претседатели се луксуз кој треба да се преиспита“, рече на денешната седница претседателката Билјана Ивановска.

По основ на кирии, од буџетот месечно се исплаќаат 4.500 евра за канцелариите кои ги користат Ѓорѓе Иванов и Бранко Црвенковски. Антикорупционерите побараа владината Служба за општи и заеднички работи да ги раскине договорите и поранешните претседатели да ги смести на локации кои се во државна сопственост.

Претседателката Билјана Ивановска соопшти дека за канцелариите на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов кои се наоѓаат во кулите на „Џеваир холдинг“, државата месечно плаќа по 1.950 евра за 274 м2. Антикорупциска утврдила дека канцеларискиот простор е најмен во нетранспарентна процедура „од лице кое е во блиски релации со корисникот на просторот“ и бара Иванов да се исели оттаму.

Освен за кирија, Иванов и Црвенковски добиваат плати за тројца вработени, службено возило и возач. Претседателот на кој му завршил мандатот до крајот на животот добива пензија чиј износ е еднаков со платата што ја добивал додека бил на функција. Сите овие привилегии на поранешните шефови на државата се доживотни.

„Ние не сме виделе какви резултати имаат поранешните претседатели и затоа ваквите трошоци ги сметаме за непродуктивни, рече Ивановска. 

Таа најави иницијатива до Уставниот суд со цел да се преиспитаат одредбите од законот кои им дава привилегии на поранешните претседатели, а до Собранието ќе поднесат иницијатива да се преиспита времетраењето на правата и привилегиите.

Антикорупциската комисија направила споредба со земјите од регионот и утврдила дека во ниедна од нив нема доживотни привилегии за поранешните претседатели. Во Црна Гора на бившиот претседател му следуваат одредени привилегии 5 години, исто толку години и во Хрватска. Во Србија максимум шест месеци, а во Словенија максимум една година.

Во продолжение прочитајте како ги минува пензионерските денови Бранко Црвенковски и што работи Фондацијата која го носи името на поранешниот претседател Борис Трајковски

Три опции за Иванов: Пензионер, професор или деловен човек

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »