Press "Enter" to skip to content

Три опции за Иванов: Пензионер, професор или деловен човек

Дојде како  претседател на Република Македонија, а ќе замине како поранешен претседател на Република Северна Македонија. Побогат за 100.000 евра и со два нови стана. Што ќе работи Ѓорге Иванов по 5 мај, а што прави Бранко Црвенковски? ИРЛ анализира какви бенефиици им следуваат на поранешните претседатели и како истите го користат или не го користат својот политички авторитет по заминувањето од функција.

Се ситнат последните денови од вториот мандат на Претседателот Ѓорге Иванов. Во претседателската резиденција во скопската населба Водно е жител од 2009 година кога го доби првиот претседателски мандат. Во 2014 година добива втор мандат, повторно поддржан од тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. На 5 мај завршува вториот круг од изборите, кога Северна Македонија ќе го добие својот петти претседател.

Кој ќе биде наследникот на Иванов ќе зависи од гласачите, но сигурно е дека тој ќе треба да ја напушти претседателската резиденција. ИРЛ испрати прашања до неговиот Кабинет со намера да дознаеме нешто повеќе за неговите идни планови, но оттаму не добивме никаков одговор.

Претседателот Ѓорге Иванов со семејството

Три опции

Ѓорге Иванов има три опции: да се врати на старото професорско место на Правниот факултет во Скопје, да продолжи со работа на некое друго работно место или да се пензионира.

Од Кабинетот на Иванов не одговорија ни дали Претседателот ќе ги користи бенефициите кои му следуваат според Законот за Правата на Претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата. Овие права ги користи поранешниот Претседател Бранко Црвенковски.

Според Законот, Претседателот по престанување на функцијата има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима Претседателот на Северна Македонија. Потоа има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач. Овие бенефиции ги користат и Црвенковски и сопругата на Трајковски, Вилма Трајковска.

Според законот, на Црвенковски и Трајковска им следуваат и пари за материјални трошоци за нивните активности во висина од 8 проценти од Буџетот на претседателот на државата. Односно тоа се околу 106.000 евра за 2019 година. Овие пари, на пример, се за режиски трошоци за канцеларијата на Црвенковски, за патувања и други трошоци кои ги прави во функција на поранешен шеф на државата.

Истите права важат и за сопругата на Борис Трајковски. Вилма Трајковска бидејќи нема своја канцеларија, па таа од државниот буџет троши пари само кога патува на настани кога е поканета како поранешна прва дама.

Црвенковски пензионер, Фондациите Борис Трајковски и Киро Глигоров неактивни

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, по завршување на вториот мандат во 1999 година формираше фондација која го носеше неговото име и поддржуваше проекти од културата и уметноста. Фондацијата беше активна неколку години, но по смртта на Глигоров во 2012 година, нема никакви активности. По завршувањето на мандатот Глигоров издаде неколку книги – „Македонија е се што имаме“, „Атентат – ден потоа“, „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ и „Сите југословенски реформи“.

Киро Глигоров – Поранешен Претседател на Република Северна Македонија

Бранко Црвенковски по заминувањето во пензија во 2009 година целосно се повлече од јавниот и политичкиот живот. На неговата интернет страна има само три соопштенија, по едно секоја година. Во 2016 испратил отворено писмо до актуелниот Претседател Иванов, во 2017 објавува обраќање по повод 100-годишнината од раѓањето на Киро Глигоров, а лани пимено се огласува по повод референдумот за името.

На прашањето какви се досегашните активности и идните планови на Црвенковски, од неговиот кабиинет одговорија дека „по завршување на мандатот, претседателот Црвенковски секоја година редовно учествувал на годишниот состанок на „Клинтон глобалната иницијатива“ во Њујорк, на меѓународните економски форуми во организација на „Ревикон“, а во неколку наврати учествувал и на форуми во организација на Фондацијата „Општества на заеднички вредности“ од Сараево, како и на други регионални форуми заедно со поранешни и сегашни функционери и експерти.

Бранко Црвеновски – Поранешен Претседател на Република Северна Македонија

Годинава претседателот Црвенковски, заедно со поранешни претседатели и премиери на земјите од регионот, го основал Подгоричкиот клуб. Од кабинетот велат дека оваа иницијатива треба да понуди заедничка визија како земјите од Западен Балкан да се интегрираат во Европската унија, афирмирање на европските вредности и добрите односи, како и промовирање на регионот во меѓународната заедница.

„Еден од клучните настани ќе се одржи и во Скопје каде што ние ќе бидеме домаќини“, велат од канцеларијата на Црвенковски.

Вилма Трајковска – Сопруга на Борис Трајковски, поранешен Претседател на Република Северна Македонија

По загинувањето на Борис Трајковски, неговата сопруга основаше фондација каде што таа е почесен претседател. И на интернет страната на оваа фондација последните вести се од 2013 година. Оттаму ни одговорија дека во последниве години не биле многу активни, но дека оваа година ќе бидат повеќе присутни во јавноста.

Претседател во Македонија, пензионер во Северна Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов го почна и ќе го заврши мандатот како Претседател на Република Македонија. Тој по промената на уставното име не го промени називот на институцијата во Претседател на Република Северна Македонија.

По неговото заминување од функцијата во архивите на Водно ќе останат 11 непотпишани закони кои ги донесе Парламентот, меѓу кои и Законот за употреба на јазиците, а Иванов стави вето со образложение дека указите не ги потпишува „бидејќи функцијата ја извршувал во согласност со дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија“.

Пред збогувањето со функцијата, Иванов ќе си замине побогат за два стана на Водно и со заштеда од 100.000 евра

По 5 мај ќе биде позната и одлуката дали ќе ја користи пензијата од Буџетот на Република Северна Македонија, шоферот од Службата за општи и заеднички работи на Република Северна Македонија и обезбедувањето од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »