Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) КОВИД-19 тестови: Право или привилегија во време на пандемија

26.03.2020

Дали државата дозволува неетичко профитирање во време на светска пандемија и како тие со повеќе пари можат да дојдат побрзо до тестови за разлика од оние кои немаат.

Имате симптоми на Ковид-19 и сакате да се тестирате во лабораториите кои тоа го вршат. Можете да се јавите кај вашиот матичен лекар, па преку „Мој термин“ да закажете тестирање во државното здравство. Процедурата таму оди на следниов начин. Пријавувањето се прави телефонски, а вашиот лекар одредува дали треба или не да се тестирате за Ковид-19. Лекарот има прашалник од 15 прашања кои му ги поставува на пациентот. Матичните лекари имаат алгоритам одреден од Министерството за здравство и од Фондот за здравство и според одговорите на прашањата одредуваат дали на пациентот треба да му закажат тест во некоја од државните лаборатории.

Но, тестови има и во приватните лаборатории. Фронтменот е болницата „Жан Митрев“ која што најави тестирања во нивната генетичка лабораторија, еден ден пред министерот за здравство Венко Филипче да го обзнани првиот болен, или на 25 февруари.

Ако сакате тестирање ќе платите 1.500 денари. Во првите недели од нападот на вирусот сите кои брзаа, правеа тестови во „Жан Митрев”. Впрочем, многу од заболените беа откриени таму, со оглед на лимитираниот број на тестови кои ги прави државното здравство. Како што расте бројот на инфицирани, така расте и побарувачката на тестови кај приватните лаборатории.

Во редакцијата на ИРЛ се јавија голем број граѓани кои се пожалија дека во време на глобална пандемија, кога секој е загрижен за своето здравје и здравјето на блиските, тие не можат да закажат термин ниту во приватна лабораторија. Односно можат, но за да бидат тестирани веднаш, плаќаат поскапо.

Репортерите на ИРЛ се јавија во лабораторијата на болницата „Жан Митрев“, кажувајќи дека имаат симптоми на КОВИД 19 и бараат термин за тест. Првиот слободен термин за тестирање беше на 14 април. Никој не праша дали и какви симпоми имаме. Кога прашавме дали има ургентен термин, бидејќи ги имаме сите симптоми, вработените во болницата „Жан Митрев” ни рекоа дека следната среда е првиот слободен термин за итни тестови и тоа ќе не чини дупло односно 3.000 денари.

Директорот и основач на болницата, Жан Митрев, вели дека тестот чини околу 3.000 денари сосе реагенсите.

„Ние работиме под цената, тестот не е 1.500 денари туку повеќе од двојно. Само еден реагенс е 1.200 денари. Но, направивме се во наша моќ да помогнеме во ситуацијата”, вели доктор Жан Митрев за ИРЛ. 

Жител на Скопје од населбата Лисиче за ИРЛ вели дека вирусот покажал дека не сме сите еднакви.

„Ако имаш 3.000 ќе знаеш веднаш. Државата не те „рецка“, не можеш никого ни да добиеш, матичните лекари се преоптоварени и се јавуваш во приватните лаборатории. И ти велат ако сакаш одма да знаеш дали шириш смртоносен вирус или не, плати повеќе, па зарем само тие што имаат ќе добијат помош. Вонредна состојба е, не може вака”, вели Добре Стојилов од Скопје (61).

Од завчера тестови за Ковид-19 почна да прави и приватната лабораторија „Биотек“. Новинарите на ИРЛ и таму се обидоа да закажат термин за тестирање, но безуспешно, сите термини до 1-ви април се веќе зафатени. Во „Биотек“ се набавени 300 тестови за коронавирус и еден чини 1.500 денари. Но, за разлика од клиниката на Жан Митрев, во „Биотек“ ни рекоа дека кај нив нема приоритетни листи и дека треба да се јавиме за термин за тестирање по 1-ви април.

И додека на пунктовите на Центарот за јавно здравје се прават минимални тестирања дневно, секој кој има симптоми, а не може да успее тоа да го направи тоа се обраќа во „Жан Митрев”. Од утре тестирања најави и приватната болница “Систина”. Нивните тестови ќе чинат 1,200 денари. Но, какви тестови ќе прави “Систина”?

Утре читајте ја целата сторија чија цел е да испита дали државата дозволува неетичко профитирање во време на светска пандемија.  

Поврзана сторија

Од Филипче до Жан Митрев: Сè што треба да знаеме за кризата со тестови за КОВИД-19

Повеќе од Ковид-19Повеќе теми во Ковид-19 »