Press "Enter" to skip to content

Уставниот суд одбива да каже кое е лицето кое ја испратило иницијативата за помилувањето – можело да има последици по неговата безбедност

За Уставниот суд подносителот на иницијатива бил ирелевантен. Важна била самата иницијатива, а кој ја поднел не кажувале бидејќи тоа лице можело да има последици по безбедноста. Извори во Судот за ИРЛ велат дека тоа лице е еден од адвокатите на помилуваните – одмилувани од страна на Ѓорѓе Иванов. 

Веќе два дена Истражувачката Репортерска лабораторија бара одговори од Уставниот суд да го открие името на подносителот на иницијативата за член 11-а од Законот за помилување од 2016 година, но службеничката одговорна за односи со медиумите одбива да го открие името. На веб страницата на Судот ја нема иницијативата, иако вообичаено истите се објавуваат јавно.

„Тоа се учесници во постапката, подносителите на иницијатива можат да имаат последици. Не е ова странка како во редновото судство, може секој граѓанин да поднесе иницијатива“, рече службеничката денеска во разговор со ИРЛ откако вчера вети дека ќе ни биде соопштен идентитетот на подносителот, но со образложение дека и било потребно време да провери.

На нашето прашање зошто оваа информација би била тајна кога Судот без проблем во минатото споделувал вакви информации, таа одговори дека нема потреба да се повика на закон.

„Можеби се случило да ви дадеме такви инфомрации, но сега се повикуваме на пракса на судот“, гласеше кусиот одговор.

Иницијативата е стара три години, но на дневен ред дојде завчера. Истата отвори сомнежи дека се подготвува амнестија на речиси сите обвинети во случаите кои го ги водеше СЈО.

Станува збор за високопрофилни политичари коишто еднаш беа помилувани од страна на Ѓорѓе Иванов во 2016 година, а потоа и брзо одмилувани на барање на помилуваните.

Меѓу нив беа Сашо Мијалков, Никола Груевски, Миле Јанакиевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Гордана Јанкуловска, Горан Грујевски, Ирена Мишева, Љупчо Тодоровски.

Стануваше збор за 41 одлука за помилување, а беа опфатени 51 лица. Лицата потоа побараа помилувањето да биде повлечено согласно членот 11 кој тоа го овозможи.

Судот ја прифати иницијативата за разгледување на уставноста на овој член. Постојат две опции – едната предвидува укинување на овој член, додека другата поништување. Ако се укине, тоа ќе значи дека овие законски промени ќе се однесуваат на сите идни постапувања, но ако се поништи, ќе се однесува и на сите досегашни. Во превод, одмилуваните ќе станат повторно помилувани и сите постапки на суд нема да можат да продолжат.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »