Press "Enter" to skip to content

Урбани атентатори: Сезона два 

Неколку години по бетонизацијата на Тафталиџе, за која Обвинителството води предистражна постапка, градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, со старите партнери тргнува во нов поход. Фирмата „Аполо инженеринг“, која профитираше од бетонизацијата на Тафталиџе, сега подготвува терен да гради висококатници на местото на поранешното кино „Влае“. 

Пишува: Александра Денковска-Гоцевска

„Јас го гледам Карпош 30 години напред. Карпошани повторно сакаат весел и цветен Карпош, нешто што беше оваа општина во минатото. Јас победив како Новак Ѓоковиќ. Сакам да кажам дека не газам на трула даска. Го чувствував пулсот на граѓаните на Карпош и ќе работам за доброто на сите.“ 

Со овие зборови новиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, од изборниот штаб на неговата партија Граѓанска обнова на Македонија, им се обрти на карпошани по победата на локалните избори минатата година.

Победата на Јакимовски беше јалова. Од вкупно 12.283 граѓани што излегоа на гласање, тој освои 1.444 гласа повеќе од противкандидатот на СДСМ, Душко Весковски. Јакимовски враќањето на функција го прослави во свој препознатлив стил – со песна преку која им прати порака на своите ривали. Вулгарната адаптација на популарната македонска песна „Постела од рози“ од бендот „Куку леле“, со која Јакимовски и неговите млади сопартијци го славеа враќањето на Јакимовски во Карпош, ечеше од маалското кафуле „Кино Влае“.

Четири месеци по прославата Јакимовски почна да го реализира планот за бетонизација на населбата Влае. 

Во Влае се подготвува втора сезона од „Бетонизацијата на Тафталиџе“

Стевчо Јакимовски е на почеток на четвртиот мандат како градоначалник на Карпош. На изборите во 2017 година не успеа да ја добие довербата на карпошани. Пресуден за поразот беше масивниот проект за бетонизација на населбата Тафталиџе, кога неповратно се уништи мирната урбана населба. Граѓаните беа немоќни да го спречат спроведувањето на планот за изградба на десетици станбени згради со илјадници станови. Во Тафталиџе веќе не остана празно место каде што може да се гради. Јакимовски во новиот мандат му „фрли око“ на Влае. 

Една од првите локации каде што се планирани станбени згради и деловен објект е токму локацијата во која ја славеше победата – „Кино Влае“. На местото на дрвеното кафуле ќе се изгради скалест комплекс, односно една зграда од десет и една зграда од осум ката, кои ќе бидат споени со трговски центар. Земјиштето и објектот се во сопственост на старите деловни партнери на Јакимовски кои учествуваа во бетонизацијата на Тафталиџе.

Сопственик на земјиштето е фирмата „Аполо инженеринг“ на Јонче Спирковски, а кафулето на фирмата „Вентота“ во сопствеништво на неговиот син Дарко Спирковски. ИРЛ побара увид и историјат во Агенцијата за катастар со цел да го утврдиме начинот на приватизација на земјиштето што Јакимовски го вметна во планот за Влае. Документите покажаа дека отуѓувањето одело по истиот модел според кој се обработуваше ДУП за Тафталиџе.

Пред фамилијата Спирковски да го купи земјиштето, сопственици биле повеќе наследници кои во 2007 година го вратиле со денационализација. Локацијата е поделена на неколку парцели, па отуѓувањето одело парцијално, дел по дел. Во сопствеништвото влегле две фирми – „Аполо инженеринг“ на Спирковски и фирмата „Импексел 2“, која, исто така, изгради станбени згради во Тафталиџе за време на владеењето на Јакимовски. 

Кога процесот на отуѓување од старите наследници завршува, од сопствеништвото излегува „Импексел 2“ и останува само „Аполо инженеринг“. Новиот сопственик, бидејќи поседува 30 проценти од земјиштето, ја искористува законската можност и во 2020 година го откупува околното државно земјиште. Доколку овој план се усвои, планерската куќа и Општината планираат да му дадат можност на инвеститорот да си докупи државно земјиште кое моментално е дел од улицата „Есперанто“ и од околното зеленило.

Парцелата предвидена во ДУП за градба на станбен комплекс е подготвена. Останува уште една пречка пред да влезат багерите. Планот за Влае да помине во Советот на Општина Карпош.

ИРЛ разговараше со управителот на Аполо инжинеринг, Жарко Јовчевски, кој вети дека ќе одговори на нашите прашања. Но, и по неколку потсетувања, до објавата на оваа сторија Јовчевски не нѐисконтактира.

 Црква на местото на детското игралиште

Во претходниот мандат Стевчо Јакимовски не успеа да го реализира планот Влае 2, кој го опфаќа делот од кејот на Вардар до Порта Влае. Првиот обид беше во 2016 година, кога фокусот беше насочени кон Тафталиџе, па жителите на Влае успеаја да го обжалат деталниот урбанистички план пред Уставниот суд кој го укина во 2018 година бидејќи при неговото носење не биле почитувани законските процедури.

Кулите кај „Кино Влае“ и други станбени објекти беа предвидени и во планот од 2016 година, а жителите на Влае по победата пред Уставниот суд можеа да здивнат надевајќи се дека некој иден градоначалник ќе донесе нов план и ќе го поддржи урбаното живеење со повеќе зеленило. 

Стефан Богоев, кој беше градоначалник на Карпош од 2017 до 2021 година, не го реализира овој план во неговиот мандат. Кога Јакимовски се врати на власт, со прослава во „Кино Влае“, на мештаните им беше јасно дека одново ги чека борба за нивната населба. 

Освен висококатниците кај „Кино Влае“, во ДУП се предвидени уште десетина маркици за згради, затворени спортски објекти на местата каде што има отворени игралишта покрај кејот на Вардар, монтажни паркиралишта и црква на местото на инклузивното детско игралиште кое се наоѓа на плоштадот „Делфина“.

Планот го изработи планерската куќа „Билд урбан“, а на поплаките на жителите дека ќе се уништи мирната скопска населба, главната архитекта ги „подучила“ дека планот бил носен врз основа на регулациски план донесен од Град Скопје и дека живеат во град и затоа мора да се гради.

„Сите живеете во град.Ако нејќете да има улици и други содржини, не живејте во град. Сите може да пополните анкетни листови до 25 март и вашите забелешки ќе бидат земени предвид“, нељубезно им порача планерката на „Билд урбан“.

Жителите на Влае оттогаш ја започнаа борбата против донесувањето на деталниот урбанистички план. Се здружија во неформална иницијатива „Борба за Влае“ и бараат помош од сите добронамерници, градежни експерти и активисти да им се придружат за да ги спречат урбаните атентатори на Влае.

„Голем број жители имаат интерес овој детален урбанистички план да се донесе за да можат да инвестираат во своите домови. Но, никој не сака деталниот план да се донесе со сите овие исцртани објекти. Подготвени сме да чекаме некое време, но овој план да се донесе без новите бетонски чудовишта кои ќе ни ги узурпираат зеленилото и квалитетниот живот“, вели Јована Стефановска, активист од „Борба за Влае“.

Според податоците од пописот на секој нов жител во Карпош се граделе по 2,3 стана

Јавната анкета за овој план заврши на 25 март, а граѓаните поднесоа околу 600 анкетни листа. Засега нема информација кога деталниот урбанистички план ќе се најде на дневниот ред пред советниците во Општината и дали во него ќе бидат вметнати забелешките што ги дале граѓаните.

Градоначалникот Јакимовски вели дека има триесетина реални забелешки што граѓаните ги дале за своите парцели, но најголемиот дел од жалбите биле испратени од околните населби Карпош 4 и Хром, кои воопшто не биле во опфатот на овој план.

„Само Путин работи со декрет, јас не можам да работам со декрет и не можам да им угодам на сите. Секојдневно ми се јавуваат граѓани кои сакаат да се донесе планот. Еве, мојот син живее таму и не може да си направи надградба на куќата затоа што нема детален урбанистички план. Граѓаните не можат да продадат земјиште. Јас за овој план не сум имал никаков притисок од бизнисмени. Во овој план секогаш имало градби од овој тип на оваа локација, јас не сум измислил ништо ново. Не можам да кажам таму ќе нема згради, ќе нацртаме трева, ако Градот предвидел некаква намена“, вели Јакимовски за ИРЛ.

Јакимовски не сака да го одложи донесувањето на деталниот урбанистички план и да го почека новиот генерален урбанистички план за Скопје ниту, пак, ги зеде предвид податоците од пописот во 2021 година кои укажуваат дека во Општина Карпош во изминатите две децении се изградени најмногу станови. 

Во Карпош се кројат 39 нови плана 

Општина Карпош има 23 советници. Составот е шарен, најголем дел се од СДСМ (8) и ВМРО-ДПМНЕ (7), четири претставници има Левица, двајца советници се од партијата на Јакимовски – ГРОМ. На последните локални избори имаше најмногу независни советнички листи, а во Карпош успеаја да влезат две советнички кои не гласаат по партиски директиви, туку тие во Советот го претставуваат гласот на граѓаните. 

Невена Георгиевска и Татјана Стојановска се долгогодишни активисти против бетонизацијата на Карпош и урбаната мафија. Двете беа дел од групата која во 2016 година оспори неколку детални урбанистички планови пред Уставниот суд.

На почетокот на својот четврти мандат Јакимовски одлучил да започне нова пракса со која советниците ќе ги запознае со сите детални планови за нивната општина кои се во постапка на донесување. На двете средби биле презентирани вкупно 39 детални урбанистички плана кои биле во фаза на планирање, други пред комисија, а некои пред одлучување. 

Георгиевска и Стојановска велат дека плановите се со енормно големи бетонски зданија на штета на зелените површини.

„Имаме целосен хаос во ликот на општината кој се креира, предвидена но тешко остварлива инфраструктура, нов прилив на жители во делови каде што нема доволно градинки и основни училишта кои би ги опслужиле и постојните жители. Тоа не е развој на општината, тоа е задушување на просторот и, искрено, убивање на луѓето што таму имаат домови“, вели Стојановска.

Георгиевска вели дека за неколку плана се поминати јавните анкети, но дека градоначалникот не може да очекува штетните урбанистички планови да бидат изгласани од Советот.

„Свесни сме за финансиската ситуација во која се наоѓа Општината, но не можеме да се согласиме дека единствениот излез од таа ситуација е со распродавање на целиот преостанат слободен простор и градење. Тоа е само привремено купување време до следен мандат, а носи многу повеќе проблеми. Нашата цел е колку што можеме да го спречиме тоа. Градење и развој – да, но базирано на реалните потреби на жителите“, вели Георгиевска.

На иста линија е и советничката група на Левица, од каде што велат дека нема да гласаат за планови што ќе му нанесат штета на месното население, а ќе ќарат само неколкумина приватни инвеститори.

„Во речиси сите детални планови што ни беа презентиранина предвидените објекти им е дадена максимална висина. Ретко кој инвеститор не ја искористува можноста за катност што му е дадена со ДУП. Советничката група на Левица нема да поддржи ниту еден детален урбанистички план во кој не се застапени интересите на граѓаните кои живеат во оваа општина“, велат од советничката група на Левица.

Осомничените во нова акција

Кога во 2015 година Општината Карпош го носи деталниот урбанистички план за Тафталиџе, во фокусот на граѓаните и на медиумите се големите играчи во градежниот бизнис „Настел“ и „Адора“, кои изградија најголем дел од станбената површина. Малата фирма „Аполо инженеринг“ изгради „само“ една осумкатница во Тафталиџе и не можеше да стане забележлива меѓу бетонските чудовишта на градежните магнати. 

Локацијата на која е изградена зградата се наоѓа до основното училиште „Јан Амос Коменски“. Претходно на местото имало стара куќа, сопственост на Борка Мишиќ. Локацијата за градба не е случајна. Синот на Борка Мишиќ, Петар Мишиќ, е посредникот на Стевчо Јакимовски меѓу инвеститорите и Општината. ИРЛ во своето истражување пред три години обелодени како се спровел планот за бетонизација на Тафталиџе, во кој Петар Мишиќ бил клучниот играч. 

Во 2014 година еден дел од старата куќа му се препишува на „Аполо инженеринг“ на Јонче Спирковски. Во тој период Мишиќ е вработен во „Аполо инженеринг“. Управителот на „Аполо инженеринг“ склучил договор со сопственичката на куќата Борка Мишиќ дека за секој дополнителен кат дозволен со деталниот урбанистички план што таа ќе го издејствува ќе добие екстра стан. Според договорот, таа требало да испрати анкетен лист до Општината со кој ќе бара да се зголеми катноста на нејзината куќа и да најде други луѓе што ќе го направат истото, за да има што е можно повеќе анкетни листови во кои ќе се бара зголемување на катноста на оваа локација.

Овој договор за наводно „лобирање“ во Општината е предмет на истрага во Основното јавно обвинителство Скопје. Освен поранешниот управител на Аполо инженеринг, Зоран Поповски, со кривичната пријава која е поднесена во декември минатата година опфатени се уште 17 лица што учествувале во бетонизацијата на Тафталиџе, меѓу кои и планерите на деталниот урбанистички план за Тафталиџе, бизнисмени и градоначалникот на Општината.

„Кривичната пријава се однесува на 18 лица, а е поднесена на 2 декември 2021 година. Моментално оваа пријава е во предистражна постапка. Материјалот за кривичната е обемен и моментално се прави анализа на пристигнатите докази и се преземаат други дејствија кои доаѓаат од анализата“, ни одговорија од Обвинителството.

Поранешниот управите на „Аполо инженеринг“, Зоран Поповски, вели дека не е запознаен дека има кривичната пријава. 

„Првпат слушам дека има некаква пријава. Ништо незаконски не сме направиле. Јас бев повикан на разговор во финансова полиција и обвинителство каде што ме прашуваа дали сме имале некакво влијание околу маркиците, но такво нешто не постои. Си има договор заверен на нотар“, вели Поповски.

Истраги и кривични пријави без епилог

Против градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, во тек е судски процес за злоупотреба на службената положба во претходниот мандат. 

Осумтемина што беа опфатени во истрагата побараа спогодба со Обвинителството и признаа дека во Општина Карпош од 2011 до 2017 година имало злоупотреби на јавни набавки и бесправно градење. Јакимовски не признава вина. 

„Судењето продолжува за преостанатите две лица. Предметот е во фаза на доказна постапка, изведени се сите материјални докази на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. На наредните рочишта ќе бидат изведени и вербалните докази, а потоа следува изведувањето на доказите предложени од страна на одбраната на обвинетите“, изјавија од Јавното обвинителство.

За начинот на неговото владеење во Јавното обвинителство се водат уште неколку истраги. Но, оттаму се повикаа на пресумпција на невиност и рекоа дека не можат да споделат детали и информации во врска со бројноста, текот и видот на постапките. 

Бидејќи не е осуден, Стевчо Јакимовски според законот има чисто досие и доби дозвола да се кандидира за градоначалник. И успеа да победи и да ја предводи Општината до 2025 година. 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.