Press "Enter" to skip to content

Првиот работен ден на преродениот урбан атентатор

Неговата ера беше обележана како ера на бетонизација, а медиумите го нарекуваа урбан атентатор. Никогаш не го докажа потеклото на имотот ниту пак се двоумеше да го покаже, слично како не простатлукот за кој беше постојано критикуван.

Пишува: Лила Караташева; 

Стевчо Јакимовски беше виден член на ЛДП во првата етапа од неговата политичка кариера, профитираше во високи министерски позиции благодарение на коалиците на ЛДП со СДСМ. Се до 2009 година кога Јакимовски ги отфрла либерал демократските вредности и станува ревносен социјал демократ. СДСМ го воздигна превртливиот политичар, но по четири години ги напушти и нив за да стане десничар. Од идеолошки превртливец премина во безкруполозен бизнисмен, но сите бизниси се водеа од кабинетот на градоначалникот на Карпош. Го следеа високи корупциски скандали кои што вклучуваа масовни злоупотреби на државните ресурси и позицијата кои доведоеа до рапидна трансформација на општината Карпош. Неговата ера беше обележана како ера на бетонизација, а медиумите го нарекуваа урбан атентатор. Никогаш не го докажа потеклото на имотот ниту пак се двоумеше да го покаже, слично како на простатлукот за кој беше постојано критикуван. Кога сите помислија дека следното патешествие ќе го има одејќи по судења, тој ни приреди победничка прослава и се подготвува за првиот мандат додека паралено оди на судења.

Првиот работен ден во судница 

За да се кандидира едно лице за градоначалник потребни се неколку услови. Да биде државјанин на Република Северна Македонија, да биде полнолетен и да биде деловно способен. Единствена пречка да стане некој градоначалник е ако е правосилно осуден на казна затвор над шест месеци или, пак, ако во моментот се наоѓа во затвор. Стевчо Јакимовски ги исполни условите и доби дозвола да се кандидира и успеа да ја освои четвртата победа во Карпош. Обвинението за злоупотреба на службената положба во истата општина не беше пречка ни за законот, ни за мнозинството на карпошани тој повторно да ја добие нивната доверба.

Првиот работен ден на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, не започна вообичаено. Наместо во општината, тој утрово беше повикан во Кривичниот суд како обвинет за злоупотреба на службената положба на истата позиција на која беше пред четири години. На судењето дојде со нова функција, но без пасошот кој веќе две години му се наоѓа во судот како гаранција дека нема да избега.

Јакимовски беше дојден во судот уште пред да стасаат новинарските екипи. Нетрпеливо чекаше да влезе во судница, иако однапред знаеше дека судењето ќе биде одложено.

Столчето на Виктор Цветковски, адвокатот на Јакимовски остана празно. Пред судијата да го забележи неговото отсуство, Јакимовски зеде збор и го оправда дека е во изолација по сопствена проценка. 

„Братот, мајката, таткото на мојот адвокат, сите се заразени од КОВИД-19 и затоа и Цветковски остана во изолација“, му објасни Јакимовски на судијата Осман Шабани.

Случајот не е нов, обвинението е поднесено пред точно две години, а судскиот процес официјално започна во март минатата година. Од вкупно 11 обвинети, во судницата останаа уште тројца. Актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски и неговите соработници од општината Александар Милошевиќ и Томе Ѓурчилов.  

Шестмина кои беа опфатени во истрагата побараа спогодба со Обвинителството и признаа дека во општината Карпош од 2011-та до 2017-та година имало злоупотреби на јавни набавки и бесправно градење. 

Јакимовски не признава вина, а тоа го повтори и по излегување од судницата каде го чекаа новинарските екипи. Прашањата од новинарите ги нарече смешни, а потоа ги обвини дека на судењето дошле оркестрирани од еден ист центар.

„Јас сум пред овие врати две години, а медиум до сега не видов. Сега очигледно некому тешко му паѓа победата и ова мислам дека е лошо за сите и за тие што се на власт и за тие што се опозиција“ – им одговори Јакимовски на новинарите. 

Во изминатите две години беа закажани вкупно 12 рочишта за овој случај, а само две од нив се одржале, останатите се одложувале најчесто поради корона вирусот. Процесот го водеше судијата Горан Бошевски кој беше разрешен во јули годинава, поради тоа судењето започна од почеток со нов судечки состав.

Судијата Осман Шабани му даде нов термин на Јакимовски за судење и го закажа на 23 ноември. 

„Нема проблем ние ќе одиме по затвори, ако треба и да умреме, да молчиме, само тие да не работат, да уживаат, да седат по кафани и да си земаат тоа што мислат дека е нивно.Нека тие мене со камења а јас нив со леб!“, напиша Јакимовски денеска на Фејсбук. 

Против него во Јавното обвинителство се водат уште неколку истраги. Но, оттаму се повикаа на пресумција на невиност и рекоа дека не можат да споделат детали и информации во врска со бројноста, текот и видот на постапките. 

Засега има обвинение само за предметот за кој денеска беше повикан во судот. 

Пирова победа на Јакимовски

Кандидатурата на Стевче Јакимовски за уште еден, четврти мандат, беше изненадување за карпошани, но многумина не веруваа дека токму тој ќе ја добие довербата од граѓаните. Веќе кога успеа да влезе во вториот круг, кога противкандидат му беше Душко Весковски од СДСМ, враќањето на Јакимовски беше сè поизвесно. 

Јакимовски е политичар кој досега сменил повеќе политички партии, па не беше зачудувачки што во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ ги повика своите да гласаат за него. Успеа да победи со разлика од 1441 глас, а победата ја прослави во свој препознатлив стил со песни преку кои им прати порака на неговите политички ривали. 

Победничката забава се организираше во локалот „Кино Влае“ кој е во споственост на Јонче Спирковски од „Аполо Инженеринг“, една од компаниите кои профитираа од промените на деталните урбанистички планови кои овозможија неконтролирана урбанизација на општина Карпош.

Примопредавањето со стариот градоначалник, Стефан Богоев, помина во куртоазно пиење кафе по што Јакимовски седна во кабинетот на општината за која сега е обвинет дека е незаконски изградена.  

„Од утре почнуваме“, им најави Стевчо Јакимовски на карпошани.

Стефан Богоев за ИРЛ вели дека општината ја наследил во лоша финансиска кондиција, со долг од 14,6 милиони евра, а сега има долгови во вредност од 5,7 милиони евра. 

„Општината ја затекнав во хаос и со огромен долг. Тој долг беше коренот на сите понатамошни проблеми, но сега е за 70% намален и ситуацијата е значително подобра.

Се надевам дека во општината нема да се работи како во минатото бидејќи советот е шаренолик и има луѓе кои постојано ќе вршат контрола“, рече на збогување Богоев.

Шарениот градоначалник

Стевчо Јакимовски има 61 година, а во својата политичка кариера сменил три политички партии, две  министерски функциа и четири градоначалнички мандати. 

За прв пат за градоначалник на Карпош е избран во 2000 година како кадар на либерал демократите. 

Во 2003 година, пред да го доврши мандатот, премиерот Бранко Црвенковски му го доверува да го води Министерството за труд и социјала. Од тоа време е запаметен по својата изјава дека работниците во Македонија се заштитени како мечки во планина. 

Неговиот втор мандат како градоначалник на Карпош започнува во 2009 година, кога ја менува и партијата и преминува во СДСМ. Оваа партија го наградува за лојалноста и го назначува за претседател на градската организација. 

Но, политичката разделба се случува кога Јакимовски одлучува да се кандидира како градоначалник на Српската напредна странка и покрај одлуката на партијата за бојкот на локалните избори во 2013 година.   

По долгогодишното ротирање од една во друга партија, Јакимовски останува без партиска поддршка и во 2014 година одлучува да ја формира партијата ГРОМ со која влегува во владата на Никола Груевски. За време на тој мандат, Општината Карпош има издадено рекорден број на решенија за градба, а граѓаните беа немоќни да го спречат неповратното бетонизирање на нивната општина. 

Тој беше еден од политичарите кои гласно се заложија за бојкот на референдумот за името, а на денот на гласањето објави фотографија како прави ајвар во неговиот двор.

Во претходниот мандат на Јакимовски, од 2013 до 2017 година, се изградија стотици згради, целосно се смени описот на Тафталиџе, а од одлуките на локалната власт профитираа градежните бизнисмени. 

Стевче Јакимовски по четири години во политичка изолација во Карпош се враќа со Совет во кој има 8 советници од СДСМ, 7 од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од Левица, 2 од ГРОМ и 2 од независна граѓанска листа. 

Поврзани стории:

Урбани атентатори: Како еден посредник, еден градоначалник и неколку бизнисмени го променија Тафталиџе

Стевчо Јакимовски: Од харизматично лице до непринципиелен политички профитер

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »