Press "Enter" to skip to content

Суспендиран досегашниот обвинител за случајот „Слимлајн“ Миле Арсениевски, завршен збор утре

Во продолжението на истражувањето на ИРЛ за штетните производи од брендот „Слимлајн“ откриваме дека сопствениците на фирмата, Марија и Ѓоре Костовски, пред четири години биле осудени на алтернативна затворска казна од три месеци. Судот во пресудата наведува дека тие „свесно пуштале во промет производи за кои знаеле дека содржат состојка сибутрамин која е штетна по здравјето на луѓето“. Судскиот процес кој веќе две години се влече во Кривичниот суд, треба да финишира утре со завршен збор на обвинителството. Новина е што утре во судница случајот нема да го води досегашниот обвинител Миле Арсениевски. 

Ракометарот Горан Кузмановски и обвинетите сопственици на фирмата „СЛЦ Груп“ утре пред судот ќе ги кажат завршните зборови пред да се донесе пресуда. Управителката Андријана Павловиќ и “СЛЦ Груп“ се обвинети за измама на потрошувачи. Обвинението нема да го застапува досегашниот обвинител Миле Арсениевски. Денеска Јавниот обвинител Љубомир Јовевски му ги одзема сите случаи кои ги води додека против него трае дисциплинска постапка. Оваа одлука доаѓа откако ИРЛ го објави истражувањето за штетните производи на брендот „Слимлајн“ кои повеќе од една деценија се продаваат на пазарот, и покрај бројните укажувања на граѓаните дека содржат забранети суплементи. 

Судењето почна во 2020 година и се уште трае, поради многубројните отсуства на обвинителот Миле Арсениевски. Од 15 рочишта обвинителот се појави само на 7. ИРЛ се обрати до Јавното обвинителство да праша со каква сериозност се третираат случаите кои потенцијално можат да загрозат многу животи, особено на млади девојки и тинејџери кои често се цел на ваков маркетинг. Од Обвинителството одговорија дека ќе го разгледаат случајот во најкус можен рок. 

„При вонреден надзор од Вишото јавно обвинителство Скопје е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите кои му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка заради донесување мериторна јавнообвинителска одлука, при што кај еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење“, пишува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

Ракометарот Горан Кузмановски таблетите за слабеење „Слим лајн адванс“ ги конзумирал летото во 2018 година. Но, наместо прочистување на телото од токсини, тој паднал на допинг тест. Во неговиот организам е пронајдена забранета супстанца „сибутрамин“ која ја имало во таблетите, а не била наведена во декларацијата. Случајот го пријавил во Агенцијата за храна, која поднела тужба против „СЛЦ Груп“. 

Обвинителот Арсениевски кога го пишувал обвинението проценил дека претходното кривично досие за сопствениците на „Слимлајн“ не треба да се спомене и да биде отежителна околност.  

За „Слим Лајн Интернационал“ имало пресуда пред да се ребрендира во „СЛЦ Груп“ 

Во архивите на Кривичниот суд во Скопје во 2018 година заведена е правосилна пресуда против Марија и Ѓоре Костовски, сопственици на фирмата „Слим Лајн Интернационал“, сегашна „СЛЦ Груп. Осудени се на казна затвор од три години или условна казна од една година за производство и тргување со штетни прехрамбени продукти. Пријавата во обвинителството стасала од две вработени во „Слимлајн“ и уште едно лице кои ги конзумирале производите и почувствувале силни последици по нивното здравје. 

Во пресудата е наведено нивното сведочење. 

Анета Кочоска била вработена како стручен соработник во „Слим Лајн Интренационал“. Била задолжена по електронски пат да одговара на прашањата на клиентите. Се почесто до неа доаѓале поплаки од граѓани дека производите им предизвикуваат тегоби. Кочоска почнала и самата да ги конзумира со цел да увиди дали ќе се појават истите несакани ефекти. Суплементите ги користела 10 дена, кои биле доволни за да го почувствува ефектот на субутраминот. Постојано имала главоболка, несоница, чувство на премор, тресење на рацете, изостанок на менструален циклус, сушење на устата и пареза на долната вилица. Производите само пет дена ги користел и нејзиниот сопруг, кој во целиот период не се чувствувал добро. 

Александра Гроздановска исто така била вработена во „Слимлајн“ како надворешен соработник. Почнала да го користи кафето и „Слим лајн софт гел“, но наместо детоксификација, добила несоница, тахикардија, слабокрвност и драстично намалување на железото. 

За штетните последици сите тројца ги информирале сопствениците на „Слимлајн“, Марија и Ѓоре Костовски, но тие негирале дека е возможно во нивните суплементи да има супстанции кои не се дозволени. 

За да го проверат составот на производите, ги однеле на испитување во Институт за јавно здравје и на Медицинскиот факулет во Скопје каде што утврдиле дека четири различни продукти од брендот „Слимлајн“  –  „Слимлајн Акаи бери“, „Слим лајн софт гел“, „Слимлајн Адванс“ и „Слимлајн Ходиа“  содржеле сибутрамин, состојка која што во 2010 е забранета во САД и ЕУ поради штетата која ја предизвикува по здравјето на луѓето. 

Случајот го пријавуваат во обвинителството. Почнува судска постапка. Кривичниот суд ги осудува, а Апелација ја потврдува пресудата. 

„Обвинетите свесно пуштале во промет производи за кои знаеле дека содржат состојка сибутрамин која е штетна по здравјето на луѓето, иако претходно имале добиено одобрение за пуштање во промет, кое било добиено на база на декларација која стоела на производот, врз основа на која биле вршени анализите на Ветеринарниот факултет, пред добивање на дозвола за увоз, но по извршените инспекциски контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и анализите од страна на Институтот за јавно здравје, напротив се докажало дека истите содржат сибутрамин“, пишува во пресудата од Апелациониот суд во 2018 година во која ИРЛ изврши увид во судот.

Обвинителката Наташа Крстева Цалева која го застапувала обвинението е првата која забележува институционални пропусти при контролата на производи наменети за исхрана. Во завршните зборови нагласува дека Бирото за храна и Бирото за лекови не презеле ништо освен што меѓусебно си ги префрлале одговорностите околу тоа кој понатаму треба да ги испитува овие суплементи. 

Но, наместо координација меѓу институциите со цел заштита на здравјето на граѓаните, се појавува уште една жртва. Ракометарот Горан Кузмановски. Тој летото во 2018 година почнува да конзумира додаток на исхрана и по направениот тест за допинг излегува позитивен. И тој производите ги носи на испитување во акредитирана лабораторија во Белград, кое покажува присуство на сибутрамин.  

Во меѓувреме, Марија и Ѓоре Костовски го менуваат називот на фирмата „Слим Лајн Интернационал“ и во 2019 година година почнуваат да работат како „СЛЦ Груп“,  продолжаат да увезуваат производи од Кина и ги продаваат под истиот бренд. 

Поврзани стории:

Забранети суплементи за убавина и здравје ве демнат на интернет

Бубевски: Oбвинителството во понеделник одлучува за нова кривична постапка против “СлимЛајн”

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »