Press "Enter" to skip to content

Забранети суплементи за убавина и здравје ве демнат на интернет

Суплементите на еден од најстарите и најпопуларните македонски брендови за одржување на телото „Слимлајн“ биле лажно декларирани додатоци за храна кои содржеле антидепресиви и опасни лекови за слабеење. Две години полицијата не може да постапи по барањето на АХВ за да ја блокира веб-страницата на „Слимлајн“ за продажба на нивните производи. Со помошта на познати инфлуенсери на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, производите слободно се продаваат и се консумираат, иако е донесено решение кое забранува пуштање во промет на производите пред да се направи анализа за присуство на сибутрамин. Една таква кутија суплементи ракометарот Горан Кузмановкси ќе ја плати со својата кариера. 

Известува: Лила Караташева (ИРЛ); Дополнително известување: Сара Смоловиќ (КРИК Србија); Уреди: Сашка Цветковска (ИРЛ); Илустрации: Лука Блажев (ИРЛ)

          Пресек на главни откритија

  • Суплементите на еден од најстарите и најпопуларните македонски брендови за одржување на телото „Слимлајн“ биле лажно декларирани додатоци за храна кои содржеле антидепресиви и опасни лекови за слабеење. Со цел да избегнат строги контроли и потреба од регистрација во Агенцијата за лекови, суплементите ги продавале како додатоци за исхрана.
  • Една од пронајдените супстанции е субитрамин. Во САД, ЕУ и во Македонија, субитраминот е забранет за употреба поради опасност од сериозни и штетни ефекти врз здравјето на луѓето.
  • Србија пред четири години ги забранила производите на „Слимлајн“ за употреба откако властите откриле дека суплемент на оваа компанија содржел антидепресиви.
  • Во 2019 година Агенцијата за храна издава решение за задолжителна лабораториска анализа за безбедност на сите производи на „Слимлајн“ пред пуштање во промет. По извесен период Слимлајн повеќе не се дел од регистерот на АХВ.
  • Но, застапниците продолжуваат незаконски да ги продаваат суплементите преку својата интернет-страница, а со помош на агресивно рекламирање на „Инстаграм“ и „Фејсбук“.
  • За да дојдат до што повеќе купувачи на својата веб-страница за онлајн продажба, тие ангажираат фитнес-инструктори и познати инфлуенсерки како Јелена Спенџарска и Лила Филиповска. Со своите десетици и стотици илјади следбеници, меѓу кои и голем број тинејџерки и млади, тие на „Слимлајн“ им обезбедуваат потрошувачи за разните додатоци како детокс-чаеви и други производи за убавина и здравје.
  • Примероците од суплементите во кои се пронајдени штетните супстанции биле декларирани како кинески.
  • За производите што во моментов се продаваат онлајн, земјата на потекло и производител не може да се утврдат бидејќи производот нема декларација, а на самата кутија не пишува ништо.
  • Агенцијата за храна во 2020 година ќе поднесе кривична пријава која ќе резултира со судски процес против одговорните во фирмата СЛЦ која се претставува како увозник на овие суплементи. Дел од судењето е и познат македонски ракометар, кој сведочи дека поради необележаниот субитрамин во суплементот на „Слимлајн“ добил позитивен допинг-тест по што му завршила кариерата.
  • Одложувањата на судскиот процес се во најголем дел поради отсуство на обвинителот. На судските рочишта што ги проследи ИРЛ обвинителот доаѓаше без службени материјали. Во една пригода побара од присутните адвокати да му позајмат бел лист хартија „за да има нешто на масата“.
  • Две години полицијата не може да постапи по барањето од Агенцијата за храна да ја отстрани веб-страницата на „Слимлајн“ за онлајн продажба.

Кога еднаш ќе ги отвориме екраните станува тешко да се избегнат мноштвото совршено затегнати убави луѓе со рамни стомаци и сјаен тен. Стотици познати личности, модели, фитнес и лајфстајл тренери и брендови го користат интернетот за да создаваат и продаваат слики на совршенство.

Рекламите на производи за здравје и убавина на разни суплементи, козметички производи и детокс чаеви се буквално насекаде. Само во Македонија до октомври 2021 биле регистирани 7.021 различен суплемент. Но, опасностите кои демнат од екранот скриен во лажниот свет на идеaлното тело се реални. Понекогаш, тие можат да ве чинат и кариера.

Со билни суплементи до крајот на спортската кариера 

Во животите на спортистите јули и август имаат сосема поинакво значење. Тоа е времето за подготовки за натпреварите за претстојната сезона. Поранешниот репрезентативец и играч на ракометниот клуб Еурофарм, Горан Кузмановски, напорно ќе тренира за да се покаже во најдобро светло. За 37-годишниот ракометар ова е последната и најважна сезона за неговата идна кариера. По години на теренот, Кузмановски следната 2019 година планирал да започне нова етапа во кариерата: да стане тренер.

„Во септември сè личеше дека ќе е добра сезона и ми даде ентузијазам дека ќе бидам дел од промените во Еурофарм каде што се дигна моралот“, раскажува Кузмановски кој на овие последни натпревари очекувал да го изгради својот имиџ на тренер за кариерата што сака да ја следи. Кузмановски добива две признанија за најдобар стрелец на два меѓународни натпревари во подготвителниот период. Но, во октомври ќе пристигнат вознемирувачки вести.

Водечкиот тренер во клубот Еурофарм, Ѓорѓе Цирковиќ, бил шокиран кога ги добил допинг-резултатите за Кузмановски. Тестот бил позитивен, а според анализата пронајдена била супстанцијата субитрамин.

„Тоа требаше да му биде најдобрата сезона во кариерата. Во моментот тој беше и нашиот најдобар играч“, вака тренерот Цирковиќ го доживеал позитивниот допинг-тест на Кузмановски направен пред првиот европски меч.


Фотогалерија од различни моменти во ракометната кариера на Горан Кузмановски

За ракометарот ова ќе значи крај на сезоната и крај на кариерата во овој спорт.

„Заспав како најдобар стрелец, а се разбудив како најголем криминалец“, раскажува Кузмановски.

Во обид да открие зошто тестот бил позитивен, решил да направи лабораториска анализа на единствениот нов производ што го внел во својата дневна рутина, а тоа биле таблетите за намалување на тежината и прочистување на организмот од токсини на база на билки од брендот „Слимлајн“.

Спортистите се ограничени при изборот на состојки што смеат да ги внесат во својот организам поради строгите правила што ги наложува Светската антидопинг-агенција – ВАДА. Секој спортист е должен да го почитува правилникот според кој е забранета дури и употребата на лекови за ублажување настинка. Кузмановски се консултирал со аптекарката и двајцата внимателно ги читале состојките на сите додатоци за исхрана што биле достапни. На крајот се одлучил за „слимлајн адванс“ – ЛОТ 2017041.

Оригиналната фискална сметка на Кузмановски (десно) и оригиналното пакување од купените суплементи на Слимлајн за кои што тврди дека му ја уништиле кариерата

Опис под фото: Кузмановски сè уште ги поседува пакувањата од додатоците на исхрана на кои пишува дека содржат само природни продукти од типот црвен портокал. На амбалажата пишува дека додатокот помага за одржување на тежината, особено ако при консумација на таблетите практикувате физичка активност. 

„Денот кога ја испив 25-тата капсула од пакување од 30 капсули беше денот кога ми го направија допинг-тестот“, вели Кузмановски кој по позитивниот тест добил деветмесечна забрана за играње.

Решил да ги испрати на испитување таблетите што ги пиел. Купил две кутии од различни линии на „Слимлајн“ во две различни аптеки. Двете пакувања по барање на неговиот адвокат биле пратени во лабораторијата ЦХ ИХТМ во Белград затоа што во Македонија не постои лабораторија што поседува акредитирана метода за испитување на супстанцијата сибутрамин. Резултатите од Белград покажале дека во додатоците на исхрана купени од „Еурофарм“ има присуство на сибутрамин, а во додатоците купени од „Зегин“ има присуство на флукосетин. И двете супстанции претставуваат лекови.

Субитраминот е лек за слабеење и е забранет за употреба повеќе од една деценија на пазарите во ЕУ, САД, како и Македонија, поради штетните и сериозни последици врз здравјето на луѓето. Флукосетинот е антидепресив и тој може да се користи за правење лекови кои, пак, можат да бидат единствено пропишани од лекар.

Случаен тест на српски универзитет ќе доведе до забрана за продажба на „Слимлајн“ во Србија 

Од лабораторија во Белград ќе протечат нови информации за продуктите на „Слимлајн“ – ова не е проблем што постои единствено на македонскиот пазар.

Професорот Веле Тешевиќ од лабораторијата ЦХ ИХТМ во Белград вели дека веќе еднаш во 2017 година утврдиле присуство на флукосетин во додаток на исхрана од „Слимлајн“, кој се продавал онлајн на нивната српска веб-страница. Тој испратил и допис до Градскиот завод за јавно здравје во Србија за да ги информира дека во додатоците на исхрана има антидепресив кој не е наведен во амбалажата.

Лаборатириски анализи од акредитираната белградска лабораторија направени по налог на српската агенција за храна и ветиерина кои покажуваат присуство на забранетиот лек за слабеење и на антидепресиви.

„Врз основа на добиените резултати имаме сомнеж дека производот е неточно деклариран како целосно природен“, пишува во дописот на професорот Веле Тешевиќ.  

Супстанцијата ќе биде случајно пронајдена на вежба со студентите кои имале задача да донесат по еден производ и да вежбаат хемиска анализа. Една студентка ќе ги донесе своите диететски таблети „слимлајн“ на чија амбалажа ќе пишува дека се увезени од Македонија. По известувањето на Тешевиќ до надлежните, Агенцијата за храна и ветерина од Србија ќе направи нови тестирања кои ќе ги потврдат сомнежните. Во 2018 Србија ќе ги забрани производите за продажба, по што фирмата „Слимлајн“ во Белград ќе биде ликвидирана.

Недекларирани супстанции, непознато потекло 

Производите на „Слимлајн“ на пазарот во Македонија се продаваат повеќе од една деценија. Низ годините нив ги увезува компанијата „СЛЦ груп“ ДОО, претходно со назив „Слимлајн интернационал“, регистрирана во Скопје на улица „Јабланица“ 50/б во скопската населба Пинтија.

Сопственици се брачниот пар Марија и Ѓоре Костовски, додека управител е ќерката на Марија, Андријана Павловиќ, против која и се води судскиот спор во Кривичниот суд.

Ова не прва битка на АХВ со оваа компанија. Во 2011 година, АХВ по првпат ќе открие сибутрамин во додатоците на „Слимлајн“. Од АХВ ни одговорија дека додатоците ги прогласиле за небезбедни, ги повлекле од промет и нештетно ги уништиле. Сопственичкиот брачен пар Ѓоре и Марија Костовски во 2013 година одлучил да ја тужи АХВ и побарал 13 илјади евра за надомест на материјална штета. Апелацискиот суд во Скопје ја одбил жалбата на „Слимлајн“ како неоснована.

Проблемите продолжуваат и во 2019 година по пријавата на ракометарот Кузмановски. АХВ повторно ќе испитува примероци од суплементите на „Слимлајн“. По новите сознанија, инспекторката Тања Ристевска излегла на терен и според нејзиниот исказ во судот, пребарувајќи низ скопските аптеки, успеала да најде само еден примерок во аптеката „Еурофарм“. Примерокот го испратила на тестирање во Институтот за јавно здравје и резултатите биле исти како оние во Белград, присуството на сибутрамин било потврдено.

Од 2019 година досега Агенцијата има поднесено две прекршочни пријави против фирмата „Слимлајн“ и една кривична пријава која се однесува на случајот со ракометарот. Во таа кривична пријава обвинети се „СЛЦ груп“ и ќерката на сопственичката, Андријана Павловиќ.

Во 2020 година ќе започне и судскиот спор кој сè уште трае поради многубројните отсуства на обвинителот Миле Арсениевски. На судењата на кои присуствуваше тимот на ИРЛ тие се одложуваа поради отсуство на Арсениевски, чие докажување се состои од собрани документи од одбраната и од адвокатот на Кузмановски. На судењата на кои се појавуваше, а ги следеше ИРЛ, обвинителот понекогаш доаѓаше неподготвен.

Во една пригода позајми бел лист од адвокатите за да не му изгледа празна масата, како што рече во судницата. ИРЛ се обрати до Јавното обвинителство да праша со каква сериозност се третираат случаите кои потенцијално можат да загрозат многу животи, особено на млади девојки и тинејџери кои често се цел на ваков маркетинг. Од Обвинителството одговорија дека ќе го разгледаат случајот во најкус можен рок.

Лет преку законите на интернет

Веќе две години е активно решението кое забранува пуштање во промет на овие производи без претходна анализа за присуство на сибутрамин. Ниту еден производ на „Слимлајн“ не е регистриран во Агенцијата за храна и ветерина. Од Агенцијата за лекови, пак, ни одговорија дека тие не би можеле да регистрираат потенцијално ниту лек што содржи субитрамин затоа што тоа е забрането во нашата држава.

Сепак, производите се широко достапни за потрошувачите – преку интернет. Агенцијата за храна и лекови побарала од полицијата уште пред две години да ја тргне веб-страницата на „Слимлајн“ од интернетот, но полицијата сè уште не сторила ништо зашто не можеле да ги лоцираат сопствениците.

Во последните две години се појавуваат се повеќе релевантни научни студии кои испраќаат панични пораки дека драматично расте несигурноста и анксиозноста кај младите жени и мажи – корисници на „Инстаграм“, „Фејсбук“ и други социјални мрежи.  Ова се должи на нереалните стандарди за убавина и среќа кои станаа темел на економијата на овие мрежи, особено „Инстаграм“. А во интернет-економијата не важат правилата, па така „Слимлајн“ растура.

Производите ги рекламираат познати лица на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, односно таканаречени инфлуенсери, а сопствениците ангажираат и фитнес-инструктори со цел производот да им се доближи на оние што вежбаат. Меѓу познатите лица ангажирани да ги рекламираат производите на „Слимлајн“ се и позната ТВ-водителка Лила Филиповска, која има 210 илјади следбеници само на „Инстаграм“, таканаречената инфлуенсерка Јелена Спенџарска со 47 илјади следбеници, лајфстајл инфлуенсерката за здрав живот Христина Пан, но и инфлуенсери од регионот бидејќи „Слимлајн“ ги испорачува своите производи преку достава откако тие ќе се нарачаат на нивната веб-страница.

Пред три месеци ИРЛ испрати прашања до Спенџарска и Филиповска, откако им кажавме кои се главните наоди на истражувањето за субитраминот, ги прашавме дали само ги рекламираат производите или и ги консумираат. Менаџерот на Филиповска одговори дека е во лоша здравствена состојба и поради тоа нема да може да одговори на прашањата. Истиот ден новинарите на ИРЛ ја забележаа водителката како прави козметички третман на трепките откако фотографија се најде на нејзините социјалните мрежи.

Се јавивме и во салонот, од каде што ни потврдија дека таа дента била во таму. Спенџарска, пак, беше дрска со новинарката на ИРЛ и одби да разговара. Нè упати кај Марија Костовска и ни го даде нејзиниот телефонски број.

„Што сакаш ма ти? Престани да шириш дезинформации, гони се во п…у м…р“, ѝ порача Костовска на новинарката без претходно да дозволи да ѝ биде поставено какво било прашање. 

Фитнес-инструкторката Билјана Ристевска од „Синерџи“ веднаш престанала со промоција на таблетите откако дознала за оваа супстанција.

„Ми понудија соработка, која ја прифатив. Испив неколку таблети и почнав да ги рекламирам на ‘Инстаграм’. Веднаш штом дознав дека некогаш содржеле штетни супстанции престанав да ги рекламирам и да ги консумирам“, вели Ристевска.

Македонскиот познат ракометар – репрезентативецот Филип Миркуловски вели дека е многу важно граѓаните да внимаваат што и од каде купуваат, а институциите да бидат ажурни бидејќи ако жртви може да станат спортистите, кои се подобро едуцирани за одржување на телесната тежина, тогаш што останува за другите.

„За квалитетите на Горан, перспективите и иднината која го очекувала можам да ви зборувам нашироко. Едноставно е жалосно што ова им се случува на луѓе што се толку посветени да го извадат најдоброто од македонскиот спорт. Спортистите користат многу суплементи и ние веруваме дека тие се безбедни. Но тоа што му се случи на Горан може да им се случи на сите спортисти во Македонија. Важно е луѓето да знаат што консумираат бидејќи, за разлика од спортистите, обичните граѓани кои многу повеќе ги консумираат овие суплементи немаат како да дознаат за нивната штетност“, вели Миркуловски за ИРЛ.

Царина: Две години не е увезено ништо за овие фирми од Кина

Производите чии амбалажи биле испитани од македонската и српската агенција за храна, како и пакувањата на ракометарот Кузмановски на амбалажите имаат наведено дека суплементите се произведени во Кина од страна на извесна компанија „Кунминг Лингао битехнолоџи“. Пребарувањето не даде резултати ниту за компанијата ниту за адресата на производителот.

Во обид да дознаеме повеќе за производите што се продаваат на интернет, ИРЛ нарача производ. Пристигна преку пошта, но без кутија и без декларација на македонски јазик. Самото пакување на таблетите не содржеше информации за производител или земја на потекло. Скенирањето на баркодот од кутијата покажа дека тој е генериран во Македонија, иако не постои дозвола за производство и пуштање во промет на овие производи.

На самата испратница впишано е лажно име на испраќачот, но останува бројот од адресата на Марија и Ѓоре Костовски. Со производот не ни беше доставена фискална сметка, а плативме со готовина.

Инстаграм преписка помеѓу новинар на ИРЛ и вработен во Слимлај. Нарачавме суплемент кој стаса без декларација и без фиксална сметка. Немаше пречки за достава на производот иако истиот не би смеел да се продава без задолжителни анализи за недозволени супстанци.

Од Царината ни беше одговорно дека ниту една од посочените фирми за посочениот бренд не може да се лоцира во нивните архиви и две години не е направен никаков увоз од Кина.

Во меѓувреме, кампањите на социјалните мрежи за придобивање нови купувачи продолжуваат. Од АХВ ни одговорија дека од 2018 година до денес пристигнале уште две претставки од граѓани кои не се чувствувале добро, а производите ги набавиле преку интернет.

Од МВР ни потврдија дека до нив е доставено известување од страна на АХВ и дека од нивна страна се преземени соодветни мерки и активности. Оттаму велат дека поднеле неколку акти до ОЈО Скопје во врска со предметниот акт.

„Во последниот акт е побарано преку ОЈО Скопје, преку меѓународна правна помош одговор, односно податоци од ‘Фејсбук’. Се преземаат понатамошни мерки и активности по насоки од ОЈО Скопје“, велат од МВР.

 

Оваа сторија е изработена по пријава на граѓанин која стигнува до Истражувчка репортерска лабораторија.

Забелешка од уредникот:

До објавувањето на овој текст на официјалната страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, овие фирми ги немаше во регистерот за одобрени додатоци на исхрана. За време на истражувањето, репортерите од ИРЛ се соочија со притисоци од сопствениците и со лица од институциите со цел да се спречи оваа публикација. 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.