Press "Enter" to skip to content

Бубевски: Oбвинителството во понеделник одлучува за нова кривична постапка против “СлимЛајн”

Десетици пораки со поплаки за „Слимлајн“ добија репортерите на ИРЛ по објавувањето на истражувањето со кое се открива дека на интернет се продавале додатоци за исхрана со забранети состојки. Дел од нив се жалеле и во АХВ во изминатите 12 години, а директорот на Агенцијата за ИРЛ потврди дека само минатите две години добиле две други поплаки покрај оние на ракометарот Горан Кузмановски за кои што се води спор. Иако веќе се води судски случај против „Слимлајн“, шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски им порачува на граѓаните дека делата против здравјето на луѓето новото лидерство во институцијата ги сфаќа сериозно. Најавува дека понеделник обвинителството ќе ги разгледува новите елементи од сторијата на ИРЛ и ќе одлучува дали ќе биде отворена нова кривична постапка. 

Еден ден откако ИРЛ ја објави сторијата „Забранети супстанци за убавина и здравје ве демнат на интернет“, во која откривме дека еден од настарите и најпопуларните македонски брендови за одржување на телото „Слимлајн“ биле лажно декларирани додатоци за храна кои содржеле антидепресиви и опасни лекови за слабеење до редакцијата пристигнаа десетици пораки од лица кои ги користеле овие продукти.

„Сестра ми ќе умреше пред неколку години од овие, и предизвикаа страшни здравствени проблеми“.

„Под итно треба закон за интернет продажба на медицински производи на интернет и најстрога контрола“.

„Пред 11 години брат ми се здоби со сериозно проблеми токму поради овие апчиња. Сега читам дека и тогаш Агенцијата ги забранила, ама пак се продавале. Страшно е како повеќе од една деценија никој не се погрижил и ако она што му се случуваше на брат ми им се случува и на други луѓе толку долго време тогаш немам веќе ни малку верба во оваа држава. Како е ова можно?“ Ова се само дел од пораките кои ИРЛ ги доби по објавувањето на сторијата.

Целото истражување прочитајте го овде

Забранети суплементи за убавина и здравје ве демнат на интернет

 

Најголем дел се од жени и млади девојки кои биле таргет на спонзорирани реклами за додатоци на храна кои им го ветуваат најлесниот пат до совршен изглед и експресно согорување на калории.

Реакциите на граѓаните на социјалните мрежи допреа и до надлежните.

Гаврил Бубевски, шеф на скопското обвинителство рече дека од понеделник обвинителството ќе ги разгледува новите елементи кои се објавени во сторијата на ИРЛ и ќе одлучи дали ќе отвори нова кривична постапка против „Слимлајн“.

„Доколку во сторијата има елементи на кривично дело кое не е застарено, ние по допрен глас можеме да отвориме нова постапка, независна од онаа која сега се води“, вели Бубевски.

Производите на „Слимлајн“ веќе две години не се продаваат во аптеки, туку само на интернет, а ги нема ниту во Регистарот на одобрени додатоци на исхрана на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Реакции на социјлани мрежи од граѓани кои испратија важни пораки до своите следбеници

Николче Бабовски, директорот на  АХВ вели  дека не може  да стори ништо околу продажбата на суплементите бидејќи тие не се дел од Регистар за одобрени додатоци на исхрана.

„Доколку истите повторно се обидат да се регистрираат со друга фирма, а иста сопственичка структура ќе бидат изложени на многу поголеми контроли, тестирања и анализи. Решението е сите граѓани да бидат внимателни кога е во прашање онлајн трговијата и да проверуваат дали додатоците за исхрана се регистрирани  во Малмед или АХВ“ – изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски.

Тој открива дека многу фирми кои продаваат суплементи се обидуваат да се регистрираат во Агенцијата за лекови Малмед, но поради строгите контроли нивната регистрација не е одобрена. Вториот обид е во АХВ, но најчесто и од таму ги одбиваат.

Во изминатите две години до АХВ за овие производи пристигнале две пријави од лица кои не се чувствувале добро по конзумација на суплементите купени преку интернет, Агенцијата не можела ништо да стори освен да ги пријави профилите на „Слимлајн“ во МВР.

Од МВР пред три месеци ни одговорија дека се поднесени акти до ОЈО Скопје и дека се чекаат насоки за понатамошно постапување.

Обвинителот Миле Арсениевски кој го води случајот на ракометарот Горан Кузмановски кому по консумацијата на овие апчиња му завршува кариерата поради допинг, вчера не одговори на нашето прашање дали има постапено по пријавата за блокирање на профилите на „Слимлајн“ поради трговија со небезбедни производи.

Дебата за суплементите „Слимлајн“ изминатите години имало и на форумот „Фемина“ каде корисниците се жалеле од нуспојавите кои ги имале по консумација на овие производи. По објавувањето на сторијата на ИРЛ, дебатата е повторно активна.

„Прочитав се. И јас од мое искуство од пред 12 години зборувам.. Од овде ги нарачав.Уште постои страната. Кога им пишав дека не е во ред закани добивав, па претења по пораки и на крај со адвокат ја решив таа дотичната“, напишала денеска членка на овој форум.

Производите на „Слимлајн“ изминативе години се продаваат преку фирмата „Слим Лајн интернационал“ сегашна „СЛЦ Груп“. Последната проверка на веб страницата на АХВ која ја направи тимот на ИРЛ пред објавувањето на сторијата покажа дека брендот „Слим Лајн“ не е повторно регистриран во Агенцијата.

И по објавувањето на сторијата на ИРЛ, инстаграм профилот на „Слимлајн“ продолжуваат да ги рекламираат суплементите, кафињата и чаевите кои нудат инстант решенија за слабеење. Последна понуда е „купи две ќесички кафе, третата ќе ви биде подарок од „Слимлајн“.

Истражувањето на ИРЛ откри дека еден од настарите и најпопуларните македонски брендови за одржување на телото „Слимлајн“ биле лажно декларирани додатоци за храна кои содржеле антидепресиви и опасни лекови за слабеење.

Суплементите се продавале како додатоци за храна во аптеките, но откако не се дел од регистерот на АХВ тие продолжиле да вршат онлајн трговија, а за да привлечат купувачи им  помогнале познати македонски инфлуенсерки како Јелена Спенџарска и Лила Филиповска.

Примероците кои биле предмет на анализи и се покажале како небезбедни биле увезувани од Кина. Потеклото на суплементите кои моментално се достапни на нивната страница и профили не е познато. Суплементите кои пристигнуваат на адреса кај купувачите немаат македонска декларација, ниту земја на производство. Тие се плаќаат во готовина, но не добивате фискална сметка туку „адресница“ од карго компанијата која ги доставува на која што го пишува бројот од адресата на сопствениците Марија и Ѓоре Костовски. За да се сокрие идентитетот на „Слимлајн“ како испраќач е напишана извесна Маја Трајковска.

Ракометарот Кузмановски кој со кариерата ја платил цената за употреба на овие додатоци на исхрана во петок очекува судска разврска на случајот во кој Агенцијата за храна и ветеринарство ја тужи „СЛЦ Груп“ за пуштање во промет небезбедни производи и измама на потрошувачи.

Директорот на АХВ, Бабовски вели „Во петок се надевам на праведна и законска завршница на судскиот спор и се надевам дека некој иако има пари и моќ не е над законот“.

Новинарите од ИРЛ ќе продолжат активно да ги следат судските расправи и да известуваат за предметот.

 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »