Press "Enter" to skip to content

Судот и одреди 30 дена притвор на специјалната обвинителка Катица Јанева

21.8.2019 година

По неколку часа распит во Кривичниот суд, судија на претходна постапка вечерва и одреди 30 дневен притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. На одлуката на судот Јанева има право на жалба преку нејзините адвокати.

Во случајот „Рекет“ Јанева како третоосомничена се сомничи дека ја злоупотребила службената положба и овластување.

По завршувањето на распитот на Јанева, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, за медиумите изјави дека Јанева досега не била приведена, затоа што немало доволно докази. Таа додаде и дека засега нема други осомничени во овој случај, но истрагата ќе продолжи и дека најдоцна во рок од три месеци за овој предмет ќе треба да биде покренато обвинение. Одговарајќи на новинарско прашање, што се сменило од вчера до денеска, Русковска рече дека ова „ништо не е сменето и дека сметала дека треба да и даде можност на колешката да го даде своето видување“.

„Предметот е многу експониран во јавност, едноставно сакав да ја слушнам што сака да каже. Не ја ислушав како сведок. Не би барала притвор без доволно докази. Ако имав доволно докази за некој друг и тој ќе беше во притвор“, рече Русковска.

Таа додаде и дека во Обвинителството биле повикани и бизнисмени кои се поврзувале со истрагата „Рекет“, но тие негирале дека дале пари

Во однос на тоа дали во изминатиот период биле уништени докази, рече дека не и е познато.

„Познато е дека дел од компјутерите се бришени. Колку што имам информации тоа се на стручните соработници кои работат во СЈО. Ниту еден комјутер на обвинител не беше форматиран, колку што знам. Еден телефон кој го најдовме во Гевгелија беше форматиран, другите не“, рече Русковска.

Попладнево, Јавниот обвинител Љубомир Јовески соопшти дека од досега обезбедените докази се потврдува дека Јанева, искористувајќи ја својата положба во СЈО, влијаела осомничениот Јордан Камчев во случајот „Империја“ да добие олеснителни околности за време на истрагата, а за возврат тој исплатил 1,5 милиони евра.

Парите во два наврата ги зеле осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец. Првата транша од 500.000 евра им била исплатена од сопругата на Камчев, Ана Камчева, додека тој бил во притвор. Втората, од 1 милион евра, им била искеширана во домот на Камчев на 20 февруари во ташна „Луј Витон“. Овој датум се совпаѓа со снимката која беше објавена во италијанскиот весник „Ла верита“, каде се гледа како се бројат парите и потоа Боки 13 и Кичеец заминуваат од домот на Камчев.

За возврат, Камчев, прво од притвор бил пуштен во домашен притвор, а потоа му бил и вратен пасошот. Јовески соопшти дека Обвинителството поседува несоборливи докази дека од парите Јанева добила на подарок предмети и мебел во вредност од 298.000 денари (околу 5.000 евра), а Боки 13 и Кичеец 1,5 милион евра. Јавниот обвинител уверува дека Обвинителството за секој за којшто ќе утврди дека сторил кривично дело ќе ја прошири истрагата

Катица Јанева беше приведена попладнево од нејзиниот дом, а пред да ја изведат пред суд, во нејзино присуство се вршеше одземање на компјутери и документи од просториите на СЈО.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »