Press "Enter" to skip to content

Шеташе по црвен тепих, замина од задната врата

Интегритетот е најголемата „алатка“ која личноста „специјален обвинител“ треба да ја има пред да се зафати со чекори кои можат да го одредат теркот на владеењето на правото во една држава. А тоа пак (владеењето на правото) стои највисоко на листата од Копенхашките критериуми, клучни за евроинтеграција.

Дали Катица Јанева го имала тој интегритет или не, во септември 2015 година, никому кој сакаше расчистување со режимот на Груевски, не му беше важно. Важно беше некој „специјален“ да го лови криминалот индициран од „бомбите на Заев“. А и колку чини тој интегритет ако не произлегол од волјата на јавноста или барем фелата, ами од политичари? Истите кои ја изгласаа, денес и ќе ја разрешат, но што со претходните четири години „Проект СЈО“?

Без меѓународната поддршка немаше да ја има Катица Јанева

Политичката криза во 2015 година ја создаде идејата за формирање на Специјалното обвинителство со силна поддршка на меѓународната заедница. Во септември Јанева ја доби поддршката од Советот на јавни обвинители со „амин“ на политичарите Заев, Груевски, Ахмети и Тачи, а во првата недела од ноември го комплетираше својот тим.

На 12.февруари 2016 година се случи и толку очекуваната, заинтригирачка, прва прес-конференција проследена со надеж за конечна правда, а истиот ден излезе и првиот случај „Титаник“.  Осум лица осомничени за изборите и гласањето во 2012 година се најдоа во овој предмет, а првоосомничени беа поранешната министерка Гордана Јанкулоска, екс министерот Миле Јанакиески и секретарот на Владата во 2012 година, Кирил Божиноски.

Оттогаш, во својот мандат и предвидените рокови, СЈО покрена вкупно 20 обвиненија и повеќе предистражни постапки.

„Отвори, Отвори!“ – крикот за борба против криминалот

Сите се сеќаваат  на Катиниот потег кога требаше да влезе во  Министертвото за внатрешни работи за случајот „Тврдина“, кога не и беше дозволено да влезе во „замокот на Мијалков“. „Отвори, Отвори!“ беше крикот кој наиде на позитивни реакции во јавноста кога тим на СЈО, предводен од Јанева дојдоа во дворот на МВР да побараат одговори зошто нивниот колега бил избркан од УБК. Неколку телефонски повици беа потребни за влез во тврдината. Но…

„Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“

Уште резултатите да беа толкави колку што е официјалното име на СЈО.

Ако се погледнат анкетите изработени од МЦМС (Македонскиот центар за меѓународна соработка), на почетокот на работата на СЈО, довербата била 38%, а во 2017 пораснала на 45% од испитаните. На крајот на 2018 поддршката благо опаднала на 41%, а бегството на Никола Груевски, ако се погледнат архивите за мислењата на аналитичарите, можеби е тегот кој вагата ја натежна против СЈО.

По 20 обвиненија и предистражни постапки во кои беа опфатени неколку десетици луѓе од поранешната, власт како и бизнисмени и новинари, се памтат само притворите на Миле Јанакиески и фуриозните промени од притвор и куќен притвор на Сашо Мијалков.

Неспорно е дека Јанева и нејзините обвинители во неколку наврати јавно се пожалија дека нејзиното обвинителство наидува на препреки од институциите, а видливи беа и негодувањата од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во моменти кога СЈО поднесуваше периодични извештаи за извршената работа.

Јанева VS. ВМРО-ДПМНЕ

Во екот на судските реформи, кога се уште не постоеше „Рекет“ и се бараше начин како да опстане СЈО преку новиот Закон за јавно обвинителство, Јанева беше трн во око на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тогашното барање на ВМРО-ДПМНЕ за нејзино разрешување, според Јанева, „ниту држи вода, ниту е на место и нема основа“, па така произлезе и познатата изјава:

„Мене не може да ме сменат“.

Таквата самоувереност може да се извлече па и од официјалните средби на високите меѓународни претставници кои како непишано правило, се среќаваа најчесто со државниот врв, но и со личноста во чиј посед беа милиони телефонски разговори и тајни кои треба да посочат како се вршел криминалот во Македонија во времето на Груевски.

Јанева во „Рекет“

На 15.јули, две информации одекнаа неочекувано. Катица Јанева поднесе оставка од позицијата специјален јавен обвинител, а приведени беа Бојан Јовановски и Зоран Милевски двајцата осомничени во т.н случај „Рекет“.

Изминативе два месеца јавниот дискрус е преплавен од информации за случајот. Дел точни, потврдени од институциите, но и многу шпекулации, покрај тоа што се уште нема обвинителен акт и се уште не е јасно за што конкретно ќе се гонат осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски.

Неодамна како осомничена, Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја посочи и Јанева. На 21.август и беше одреден притвор од 30 дена, осомничена за Злоупотреба на службена положба односно прибавување имотна корист.

Постепениот пад на Јанева, ги отвори дилемите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Дали Јанева е или не е СЈО и дали нејзините постапки ќе влијаат врз постапките на ова обвинителство и покрај оградувањето на колегите од својата шефица ќе се знае и пак ако партиите се договорат за новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој СЈО ќе се интегрира во редовното ОЈО за организиран криминал, кое по ново ќе се вика „ОЈО за организиран криминал и висока корупција“, па нема да содржи ништо специјално во својот назив.

Без разлика на судската разврска од овој случај, иднината на Јанева во праводуството, како слободна проценка, може да се каже дека е завршена, меѓутоа нејзиното име сигурно ќе остане како едно од најзвучните во поновата историја.

Во четврток во 12 часот, собраниската комисија предводена од пратеникот Илија Димовски, според очекувањата, само формално ќе го извести Собранието дека Јанева треба да биде разрешена, а пленарната седница да му потврди на Советот на јавни обвинители дека наскоро на плочката на некоја нова врата од правна канцеларија, ќе треба да стои ново име кое првична задача ќе има да ја врати довербата во правдата.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »