Во време кога судбината на Специјалното јавно обвинителство е неизвесна, а шефот на обвинителството Катица Јанева поднесе оставка, се доведува во прашање работата на обвинителството. Иако сеуште немa потврда дека Јанева е опфатена во истрагата за случајот “Рекет”, на денешното обраќање обвинителите на СЈО на чело со Ленче Ристоска упатија суптилна порака дека СЈО не е еден човек и дека тие ќе продолжат да се борат за своите случаи во судница.
Со обвинителите позади неа, но без Катица Јанева, заменик-шефот на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска рече дека зборува во име на сите вработени кога потенцира дека „гордо стојат зад работата која досега обвинителство ја има сработено“. А сите можни сомненија кои инволвираат поединци или на било каков начин се поврзани со СЈО не смеат да ги доведат во интегритет досегашните постапки на обвинителството.
„Примарна цел е зачувување на интегритетот на оваа институција. Стоиме зад работата што досега е завршена, ве уверувам дека сите предмети по кои се постапува се професионално водени и не се загрозени постапките. Наш примарен интерес е зачувување на интегритетот на СЈО и секогаш сме постапувале на ниво на задачата за справување со криминалот. Внимателно го следиме сите случувања и сме подеднакво загрижени, но истовремено повикуваме да се почитува пресумпцијата на невиност. Сите ве уверувам дека дејствијата на поединци не ги отсликуваат сите во СЈО и не смее да ги доведат под прашање интегритетот и постапките кои се видени досега“, истакна Ристоска.
Во хаотична атмосфера во холот на Специјалното јавно обвинителство, Ристоска по нејзиното обраќање одговараше на новинарските прашања. Иако најголем дел од интересот беше сконцентриран на работа на Катица Јанева и случајот „Империја“, Ристоска упати и политичка порака до лидерите на партиите. Таа ова го истакна во пресрет на најавите за повторно отворање на меѓупартиски преговори за оваа институција која што беше дизајнирана да гони висока корупција и организиран криминал кои произлегоа од индициите за сторени кривични дела од прислушуваните разговори.
Таа вели дека целокупната работа на СЈО и професионалните стандарди коишто институцијата ги постави со детерминирана работа во борбата против корупцијата треба да бидат мотив за политичките партии при носењето на одлука за судбината на оваа институција.
„Се надеваме дека политичките партии интересите на државата ќе ги стават пред сопствените дневно политички интереси. Веруваме дека на крајот владеењето на правото ќе биде тоа што ги води политичките партии во рамки на решението за СЈО,“ додава Ристоска.
Политичка порака на Ленче Ристоска до лидерите на партиите
„Империјата“ не е спасена – истрагата продолжува
Во пресрет на новотворената истрагата за случајот „Рекет“ во кој осомничени се неформалниот сопственик на телевизијaта 1ТВ Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец за примање на награда за противзаконито дејствие со помош на јавен обвинител чиј идентитет не беше откриен од страна на обвинителката Вилма Рускоска. И со одземениот телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, новинарите имаа безброј прашања за нејзината работа и случајот “Империја” за кој што е веќе извесно дека случајот „Рекет“ се однесува токму на таа истрага.
Заменик-шефот на СЈО Ленче Ристоска во денешното обраќање неколку пати повтори дека не постои основ за стопирање на истрагата за случајот „Имеприја“. Според СЈО, истата е отворена на основ на сомнеж за сторено кривично дело. Па поради ова, Специјалното обвинителство ќе продолжи со испитување на сите наводи во рамки на таа истрага.
По инсистирање на новинарите, на ред за прашање дојде и обвинителката задолжена за случајот „Империја”, Лиле Стефанова, која што трпеливо молчеше во вториот ред заедно со останатите обвинители.
Таа истакна дека според законот, во Специјалното јавно обвинителство сите одлуки кои излегуваат од обвинителството единствено ги потпишува јавната обвинителка Катица Јанева или овластени обвинители при нејзино отсуство. Таа со ова целосно се огради од одлуките донесени во случајот „Империја”.
„Јас немам потпишано ниту една одлука која излегла од ова обвинителство. Ниту мислењата за пуштања од притвор во куќен притвор, ниту пак одлуката за враќање на патните исправи на осомничените.“ вели Стефанова.
Во надвикувањето на новинарите со цел да изнудат информација повеќе за работата на Катива Јанева и за било каква вмешаност на Стефанова извесниот слиучај, таа беше директна и рече дека нема зошто да стравува за било каква вмешаност во новата истрага. За стравот на Јанева рече дека за истото „ќе мора да ја прашаат неа“.
Koj не го сака СЈО
Македонија со години беше критикувана дека не гони висока или таканаречена гранд корупција. Специјалното јавно обвинителство во септември 2015 година беше оформено со судни маки. Тогашната власт водена од ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да чуе за институција којашто би била независна и би ги истражувала наодите од прислушуваните разговори кои отворија сомнежи за висока корупција на членови на највисокото партиско раководство, вклучувајќи го и тогашниот премиер Никола Груевски, група крупни бизнисмени и други поврзани лица од круговите на моќта. Под притисок на меѓународната заедница се случи и формирањето на СЈО кое што ја имаше комплетната поддршка од јавноста.
Но, СЈО има лимитиран мандат. Опозицијата постојано се противи на продолжување на нивниот мандат, додека експертската јавност посочуваше дека истиот мандат треба да биде променет и СЈО, по примерот на романското обвинителство, треба да прерасне во специјализирана инститиуција гонење висока корупција. Ако некогаш пречка беше опозоцијата, сега се чини дека пречките доаѓаат и одвнатре и од власта којашто напати нагласила дека се согласува со тоа СЈО да стане одделение во ОЈО и да му се одзеде автономијата.
Европската комисија во својот последен извештај посочува дека „СЈО ја потврдило својата водечка улога во истражување и гонење висока корупција“ и дека „властите допрва треба да направат исчекор и да демонстрираат дека борбата со корупција е реформски приоритет“. Статутот на СЈО е предмет на преговори подолго време и покрај инсистирањата на комисијата тој да се реши поскоро.