Press "Enter" to skip to content

„Разговор во Редакција’: Владиниот пиар и избришаната линија меѓу партијата и државата

Јавните настапи на политичарите се еднонасочни, а се почесто нивна целна група се само партиските бази. Ретко кога премиерот или министерите ги информираат граѓаните за важни информации преку социјалните мрежи бидејќи нивниот ПР овие платформи најчесто ги користи за нивна лична промоција. Ако одредена објава има ефект кога се однесува на македонски политичар, новинарските факти и докази не важат за политичари од ДУИ, оти тие одговорност полагале само пред лидерот Али Ахмети, но не и пред јавноста, се жалат новинаритe во последниот поткаст на ИРЛ Разговор во Редакција. 

Обидот на политичарите преку агресивна кампања на социјалните мрежи да се наметнат во јавноста е скапа алатка. Секојдневните постови, чинат пари. Меѓу оние кој најмногу се грижи за виртуелно да допре до повеќе граѓани е премиерот Димитар Ковачевски. ПР тимот ревносно и во смени се обидува успешно да го продаде претседателот на Владата на социјалните мрежи. ИРЛ откри дека во последните 100 дена, за цојални медиуми Димитар Ковачевски потрошил 26 илјади евра. Како спонозори на објавите се јавуваат СДСМ, мал дел отпаѓа на владата, додека владиниот ПР тим од 37 луѓе работи на креирање на овие содржини за што се трошат државни ресурси. Катерина Синадиновска смета дека ваквиот начин на комуникација со граѓаните насочен кон лична промоција на граѓаните без конкретни информации за јавноста е е показател дека со постовите премиерот пробува да допре до сопартијците, но не и до сите граѓани.

„Никој од луѓето што ја креираат ПР стартегијата на премиерот не е глупав, значи тие точно знаат што прават и знаат дека на граѓанството буквално му се лоши од овој однос кон него. Јас мислам дека се работи за едно помирување со фактот дека политички го имаат изгубено граѓанскиот дел од населението и се обраќаат исклучиво на својата партиска база. Кога вие имате таква целна група, таков таргет веројатно и начинот на кој комуницирате е несфатлив“, рече новинарката Катерина Синадиновска која е и претседателка на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите.

За новинарот Фуркан Салиу е интересен факт тоа што за тоа како ќе изгледа премиерот во јавноста се грижат 37 луѓе, бројка со која не може да се пофали ниту една редакција во Македонија и тие веќе стануваат конкуренција на класичните редакции.

Тешко е. Знаеш зошто е тешко поради тие 37 луѓе кои се во Влада кои го тероризираат народот секој ден. Многу е тешко. Тие се буквално конкуренција. За време на пандемијата тие направија емисија. Тогаш преку апликацијата „Зум“ им честитав на новата емисија и им реков дека конкуренцијата е жестока“, рече новинариот Фуркан Салиу во поткстот „Разговор во Редакција“. „Тие 37 утре да станат 67, на крај ќе има и шминкери и фризери“, вели Синадиновска. 

Салиу е убеден дека оваа Влада многу погрешно сфатила што значи зборот транспарентност.

„Тие медиумите ги гледаат како конкуренција. Ќе објавиш ти нешто и тие одма демантираат. Нема врска дали ти имаш факти, тие ќе се појават со демант“, вели Салиу.

Премиерот во обидот да ги оправда средствата потрошени за себе промоција рече дека моделот на комуникација преку соопштенија бил застарен. Јавноста очекувала видео формат. Владините соопштенија во најголем број случаи  биле предемет на редакциска анализа и медиумите утврдувале што е, а што не е важно – пракса која сега се почесто ја снемува затоа што владиниот пиар тим праќа готови текствои со фотографии и видеа кои што медиумите потоа ги објавуваат во целост.

„Како се изгуби тој филтер на редактура во редакциите, со намалување на бројот на вработени. Ако имате вие тројца во редакција и дента треба да се покријат седум настани и вестите ви траат триесетина минути, се разбира дека дел од тие триесетина минути полесно ви е да ги покриети со готови текстови или видеа кои се спакувани од активниот ажурен тим кој работи во две смени. Нападот се прави на секаков начин, не е само притисок. Се удира по медиумите и по нивната финансиска независност и сигурност, по нивниот квалитет, се преземаат луѓе од таму“, вели Синадиновска.

И Синадиновска и Салиу сметаат дека се уште во земјава не се прави разлика што е јавна, а што партиска комуникација.

Едно време се шокиравме кога се губеше таа линија што е јавно, што е приватно, а што е партиско. Што е држава, каде почнува партијата каде завршува државата и обратно. Да не гледате проблем во тоа трошите државни ресурси за вашиот партиски или личен интерес е скандалозно, без разлика дали се тоа човечки или финансиски ресурси“, посочи Синадиновска.

„Дали ние денес имаме поголема медиумска слобода? Јас ви тврдам дека нема. Ние имаме само перцепција дека сме послободни. Не сме. Сите мислат исто“, вели Салиу.

Проблеми со начинот на кој ПР тимот комуницира со новинарите има, согласни се и Синадиновска и Салиу. Според нив опасен е начинот на кој оваа Влада почнала да се однесува со оние новинари кои почнале да откриваат скандали и афери од нивното владеење.

„Ние и дадовме грејс период и бевме супер додека траеја истраги за ВМРО – ДПМНЕ, додека главниот наратив беа тие скандали. Во првиот момент кога нашите колеги новинари почнаа да разоткриваат афери за владеењето на оваа Влада наеднаш новинарите станаа непријатели“, рече Синадиновска.

„Ќе отидеш на настан да сликаш или да снимаш и ќе го видиш фотографот од Владата на на пет метри влезен во забранетата зона за нас. Ние сме на сто метри. Јас како телевизиски новинар можам да пишувам триесет или четириесет страни, но ако немам видео џабе е. Една секунда видео може да каже повеќе од тиресет страни“, вели Фуркан Салиу.  

Проблем во одност на ПР тимот, ангажирани во Владата гледаат и новинари и фоторепртери, кои ИРЛ ги сними на протестот организиран на 17 февруари од Здружението на новинари на Макеоднија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„Значи ПР тимот е секаде. Ги гледаме како ни се мешаат во работата и со тоа прават ерозија и на така креваката доверба “, рече новинариот Бојан Шашевски. 

Најголемите поплаки се дека на настаните за јавноста наместо да им се даде предност на претставниците на јавноста, односно медиумите, владиниот продукциски тим има предност.

„Кога ние одиме на терен да фотографираме имаме ограничување од владините службеници, кои не ограничуваат и не можеме да фотографираме таму каде што ние сакаме“, рече фоторепортерката Арбнора Мемети. 

Новинарката Душица Мрѓа вели дека е евидентно дека тие се однесуваат како медиум во државата.

„Тргнувајќи од односот, тргнувајќи од неажурноста, нетранспарентноста. Ако сакате и од личниот однос и арогантното и агресивно однесување. Мислат дека се таму, за ние да го пренесеме само она што тие трепнале“, посочи новинарката Душица Мрѓа од протестот на новинарите. 

Агресивниот пристап на ПР тимот пресликан преку односост на премиерот и министрите во Владата за Синадиновска и Салиу е порака на несигурност во политиките кои ги спроведуваат во име на граѓаните.

„И на личен и на професинален план, во било кој дел од животот агресијата секогаш е слика за несигурност. Имате една несигурност во сопствените политики. Јас ако сум убедена дека тоа што го правам е добро и ако сум убедена дека креирам сериозни политики кои се во интерес на граѓаните, ако сум убедена дека сум чесна дека моите министри немаат афери, дека нема спорно ништо во тие хонорарци, дека нема злоупотреба на јавни ресурси, тогаш зошто би била агресивна“, вели Синадиновска.

„Ти доаѓа ПР секторот и ти вика овде не смееш да ја поставиш камерата поради безбденост. Ти ги гледаш и се прашуваш дали се од односи за јавност или од полиција.  Не сфаќаат што е нивната работа. Ако се во ПР тимот нивната работа е да ја олеснат нашата работа за да ја пренесеме информацијата кај граѓаните. Ти поставуваш прашање и имаш рекација од страна“, вели Фуркан Салиу за односот на ПР секторот кон новинарите.

Фуркан Салиу во поткастот посочи дека има разлика кога медиумите ќе објават афера или корупција за политичари од македонскиот и алабанскиот политички блок. Ако одредена објава има ефект кога се однесува на македонски политичар, новинарските факти и докази не важат за политичари од ДУИ, оти тие одговорност полагале само пред лидерот Али Ахмети, но не и пред јавноста.