Press "Enter" to skip to content

Како европската престолнина на сонцето стана зависна за леб и струја

ИРЛ открива дека потенцијално разорните ефекти кои што инфлацијата ќе ги има врз кревката македонска економија, можеле да бидат во голема мера избегнати доколку водечките политички елити во изминатите две децении се грижеле за стратешките интереси на државата: обезбедување храна и обебедување енергија за своите луѓе. Ништо од ова не се направило поради длабоката корупција и непотизам кои спречиња креирање на здрави јавни политики.

Пишува: Горан Теменугов; Дополнително известување: Дајана Лазаревска; Илустрација: Лука Блажев

Македонците имаат многу добри причини да бидат загрижени за брзиот раст на цените. Но, имаат и право да бидат лути поради кризата во која станува се поизвесно дека ќе мора да живеат. Зборот инфлација е помалку присутен во медиумските извештаи од македонско-бугарското прашање, иако во колективната меморија на македонските граѓани се уште се доволно живи трауматичните искуства на оние кои се родени во седумдесетите за на повеќето граѓани да им е јасно дека не ги чека мед и млеко.

Пензионираната учителка Славица Тодевска од скопската населба 11 Октомври е дел од оние 47,000 семејства кои живеат во сиромаштија. Како дипломиран педагог, Славица Тодевска своето прво работно место по струката го добива во основно училиште во населбата Бутел во 1988. Се сеќава на својата годел чанта  и исти такви чевли „од чиста кожа“ која што си ги купила специјално за првиот работен ден како учителка. 

„Бев среќна и се чувствував привилегирана што ми беше доверена шансата да помогнам во обликувањето на идните умови кои треба уште да ја градат нашата земја. И потоа се смени“, вели од скоро пензионираната учителка на деца од прво до четврто одделение која многу добро се сеќава на инфлацијата од раните деведесетти. 

„Сите се чувствуваа вознемирено. Тогаш имав мали деца и невозможно е да се заборави како се будевме во 4 наутро за да фатиме навреме ред за млеко затоа што едноставно инфлацијата се чувствуваше во недостиг на основните намирници. Сопругот одеше на бензинска пумпа каде со денови чекавме ред за бензин, ако имаше, немаше секогаш“, се присеќава сега пензионираната учителка.

Но, животот е прескап за добар дел од македонските пензионери за да си дозволат вистински пензионерски денови, меѓу кои и оваа учителка.

Слободно време го минува работејќи низ куќите на поимотните соседи во населбата Сопиште. 

„Со остеопороза тоа не е лесно, но два дена викенд се издржуваше. Сега морам да работам пет дена затоа што не можам да ги издржам цените, а газдата на еден помал погон (работилнида го вика она) каде што работеше мојот син мораше да се затвори поради новите цени на струја“, вели Славица Тодевска. Таа е и повеќе од загрижена со новите цени на храната. 

„Не работам дополнително за да имам пари за луксуз, туку за прехрана. Овие два месеци има многу денови кога на внучињата не можеме да им направиме ниту тост затоа што кашкавалот е навистина прескап“, вели таа. 

Леб или јогурт

Цените се отидени до небо, вака вработените во продавниците за храна и пијалоци ја коментираат новата реалност. Ако просечната цена на килограм кашкавал минатата година ова време беше околу 350 денари, сега таа е 450 денари. 

„Под 390 денари не постои кашкавал. Оној кој лани беше 280 денари, сега е 380. Цените се движат од оклу 400 до 600 денари за обичен ајдамер“, вели сопственичката на маалски мини маркет во скопската населба Карпош, Даница Илиеска.   

„Ние сме семеен маркет, ги знаеме луѓето по име сосе нивните деца и миленици. Кога ќе видите дека се повеќе луѓе пресметуваат дали ќе земат само леб или ќе земат и леб и јогурт, тогаш знаете дека тој избор се прави затоа што е невозможно да се скрпи крајот. Боли да се гледа како мајка на мали деца мора да бира дали децата денеска ќе имаат и јогурт и млеко или само едното или можеби ништо“, вели Илиеска.

Први на удар на зголемувањето на цените се сиромашните. Според Државниот завод за статистика 21,6% од населението или над 447.000 лица се сиромашни. Забелешка: Последните објавени статистички податоци се од 2020 година

Пресиромашни за инфлација 

Државниот завод за статистика измери дека во 2021 година во споредба со 2020 цените пораснале само за 3,2 насто. Па така, за производите кои ги купуваме сега ни требаат нешто повеќе пари или со истиот износ на денари можеме да купиме помалку.

Зборот инфлација, неминовно не врати кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од 20 век. Во поранешна СФРЈ имавме инфлација од 1.000% годишно, а втората година од независноста или 1993 ја завршивме со 329% инфлација.

Сега сме далеку од вакви бројки, бидејќи сегашната инфлација е за 100 пати пониска од 1993. Но, проблемот е што повисоките цени се токму кај есенцијалните производи и услуги кои што секојдневно ги користиме: храната, превозот и енергенсите.

Ако се прави проценка колку е опасна инфлацијата од 3,2%, на прв поглед ќе се помисли дека ако производ на крајот од 2020 чинел 100 денари, една година подоцна чинел 103,2 денари. Ова не би требало да уплаши никого. Но, ако се види потрошувачката кошничка што ја утврдува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), ситуацијата е далеку посериозна.

За да може како – така да преживее четиричлено семејство, ССМ пресмета дека лани во декември биле потребни 35.042 денари (570 евра) месечно. Но, ако се споредат месеците декември 2020 и 2021 четиричленото семејство само за храна треба дополнително да одвои 1.346 денари. Во истиот период за граѓаните поскапе и транспортот за 169 денари или 6,85 отсто, додека домувањето за еден процент.

Извор: Сојуз на синдикати на Македонија

Милијарда евра субвенции во земјоделието за да станеме увозно зависни од храна

Оваа криза со повисоките цени на храната, дериватите и на електричната енергија, повторно на виделина ги исфрли проблемите зошто државата не може да влијае на инфлацијата која е на страната на понудата пред се на стоките од странство. Но, историскиот преглед на јавните политики во минатите децении ги покажува разорните ефекти на лошото владеење кои спречиле да имаме повеќе храна и повеќе домашни извори на енергија, клучни елементи кои оваа криза би ја направиле многу помалку мачна.

ПРВ ПРОБЛЕМ: ХРАНА 

Политичарите сакаат да се сликаат на полиња со жито и да се среќаваат со земјоделците во предизборни спотови.  Институциите сакаат да прават кампањи кои ги вклучуваат македонската храна и вино кои ги гордо ги носиме како национален амблем. Никола Груевски како креатор на јавните политики се прослави со политиката на намалување на ДДВ-то за домашни производи и многумина ја паметат неговата кампања „Made in Macedonia“ или „Произведено во Македонија“ која што, меѓу другото, ја воспеваше квалитетната домашна храна. Груевски воведе и субвенции за земјоделците со цел да го поттикне домашното производство. Овие мерките ги следеа остри критики од тогашната опозицијата и од медиумите дека се повеќе средство за корумпирање на гласачи отколку реални мерки. Но тоа не го спречи и Зоран Заев кој сакаше да се фали со своето земјоделско потекло и неговата СДСМ да ги продолжи истите мерки.

Инфлацијата уште еднаш покажа дека погубните и скапо платени политики водени од лукративни цели, не ја остварија својата цел.

Увоз, извор и нето увоз на храна во евра, во период од 2007 до 2020 година. Извор: Државен завод за статистика

 

Повторно на површина е стариот проблем: и покрај долгогодишните субвенции, земјава е нето увозник на прехрамбени производи.

Податоците покажуваат дека од 2007 до 2020 година четвртина од потребите за храна е од увоз. Во истиот период од буџетот се потрошени една милијарда евра за да се субвенционира земјоделството при што има пораст на производството на храна, но и постојан раст на нето увозот.

Ова значи дека иако се даваат субвенции од државниот буџет, стануваме уште повеќе увозно зависни. Причината за се поголемиот увоз е бидејќи субвенциите не придонесоа домашното земјоделско производство да стане поконкурентно и да ги замени производите од увоз.

ИРЛ се обрати до лидерите на трите најголеми политички партии: ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Сакавме да знаеме како ги коментираат погубните резултати во земоделските државни политики. На прашањето како ВМРО ДПМНЕ гледа на нивната политика на субвенции во земјоделието од денешна перспектива имајќи на ум дека нема особени резултати за пофалба, претседателот Христијан Мицкоски за ИРЛ дозирано кажува дека има простор за грижи и потребни се промени.

„Во извесна мера субвенциите помогнаа, но вистинското прашање е дали тие се доволни и како и каде завршуваат? Сметам дека тие не го пополнуваат целиот спектар на помошта која треба да се даде во земјоделскиот сектор, туку тоа треба да биде цел систем на мерки кои ќе ја засилат профитабилноста во земјоделието и зголемат инвестициите. Она што недостасува е контрола на распределбата на субвенциите, планирање кои култури ќе се субвенциоинираат и грижа околу земјоделскиот пласман”, вели Мицкоски за ИРЛ.

СДСМ ја продолжи нивната политика на субвенции кон која што од опозиција беа жестоки критичари и ги спореа и ефикасноста и дизајнот на мерките и нивните злоупотреби за партиски цели. Од позиција на власт, субвенциите останаа. Го прашавме претседателот на СДСМ и актуелен премиер Димитар Ковачевски како е можно на една милијарда субвенции се уште да сме зависни од увозна храна. Тој смета дека политиките на двете партии не се слични, затоа што СДСМ ја искоренило корупцијата и навремено ги плаќале субвенциите.

„Ако се погледнат бројките, евидентно е дека има пораст во извозот на земјоделско-прехранбените производи. Во 2017 извозот бил 536 милиони евра, а заклучно со ноември лани тој изнесува 577 милиони евра. Зголемен е и увозот, но со нашите активни политики работиме на тоа дисбалансот да продолжи да се намалува”, вели Ковачевски за ИРЛ. 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети не одговори на прашањата на ИРЛ.

ВТОР ПРОБЛЕМ: ЕНЕРГЕНСИ

Повисоките цени на нафтените деривати, од кои што Македонија е потполно увозно зависна, веќе се вградени во повисоките давачки на семејствата и на компаниите.

Кај производството на електрична енергија ќе можеше да се интервенира само ако сите влади од осамостојувањето до денес не работеа систематски да го уништуваат овој сектор.

Поради општата негрижа и јавашлук кон енергетскиот сектор, најголемиот производител на електрична енергија во Македонија, РЕК Битола работи се полошо и полошо. Ако овој енергетски капацитет работи со полна сила, значи со трите блока, ќе бидат задоволени потребите за струја на населението и на малите бизниси по далеку поевтини цени од оние на берзите. За да се продолжи животниот век на трите блока во РЕК кои се пред крајот на својот животен век, имаше повеќе капитални ремонти и модернизации, но потрошените пари не дадоа резултати.

Како корупцијата и аматерите ја делегираа, а партиите ја спроведоа енергетската катастрофа

Од 2007 до 2021 година скоро шест години РЕК Битола нема работено со полн капацитет, иако се направени повеќе капитални ремонти на сите три блока.

Но, спротивно на логиката, по ремонтите наместо да се зголемува производството на електричната енергија и да се задоволат со тоа домашните потреби и да може да се влијае врз цената на струјата за домаќинствата, производството паѓа. Со тоа расте увозот на електрична енергија која што во време на криза е исклучително скапа. 

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) официјално, за разлика од неофицијалните разговори, не сакаа да кажат дали ако РЕК Битола работи со полн капацитет, немаше да дојде до поскапувањето на електричната енергија од скоро 10% со почетокот на 2022 година. За намаленото производство, меѓудругото, ја посочија и намалената ефикасност во работењето на РЕК. 

„Причините за трендот на намалување на производството во термоелектроцентралите се како што посочивме приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК, намалување на ефикасноста во работењето и друго“, велат од Регулаторната комисија за енергетика. 

ТРЕТ ПРОБЛЕМ: ПРИРОДЕН ГАС 

Освен проблемите со производство на електрична енергија и неможноста да се влијае на цените на нафтените деривати, реален проблем е и цената на гасот, но и сигурноста на снабдувањето со овој енергенс. Во моментов Македонија е поврзана само со еден главен гасовод. Целокупната количина на природен гас се увезува од Русија преку Меѓународниот коридор 8 кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Енергетската инфраструктура во секторот за природен гас ја сочинуваат само преносна мрежа и три дистрибутивни мрежи. Нема складишта за природен гас.

Складирањето на енергенси и чување на стратешки резерви е значајна алатка со која се гарантира стабилност во енергетскиот пазар. Во нашата земја единствено се складираат резерви со нафтени деривати, за чие менаџирање е надлежна посебна агенција, која за своето работење одговара пред Министерството за финансии.

Владата, пак, се уште се мисли дали да гради складишта за гас иако 61 фирма и јавни институции го користат овој енергенс. 

„Во овој момент фокусот е ставен на изградбата на интерконективните врски со соседите за што Владата има амбициозен план кој се спроведува. Изградбата на интерконекциите на овој начин треба да ја постигне целта за диверзификација во снабдувањето со природен гас, од различни извори што е исто така многу важно при проценката дали на нашата држава и требаат складишта на природен гас и ако и требаат дали треба да се градат или да се закупат во соседсвото,“ велат од Министерството за економија за ИРЛ.

800.000 граѓани на работ 

Поради зголемените трошоци на живот, не се на удар само 447.000 сиромашни граѓани. Прехранувањето е проблем и за огромен дел од вработените. Иако власта се фали дека просечната плата е над 29.000 денари (472 евра), реалноста вели дека дури 65,8% од вработените се под оваа сума. Повеќе од 350,000 лица имаат бруто плата од 14.199 (231 евро) до 41.141 денари (669 евра). Ако се пресмета во нето, или чист кеш што го добиваат, платата се движи од 155 до 447 евра.

Извор: Државен завод за статистика

Значи, инфлацијата сериозно загрозува над 800.000 граѓани на Македонија. 

Сите начини на одбрана од инфлацијата

Според закон, прва институција во борба со инфлацијата е Народната Банка. Една од основните цели на банката е постигнување и одржување на ценовната стабилност. 

Од НБРМ велат дека засега нема да реагираат за да ја намалат инфлацијата иако неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена.

„Доколку се покаже дека растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, доколку согледаме поизразени пренесени ефекти од растот на трошоците на инпутите врз финалните цени и базичната инфлација, или пак повратна спрега помеѓу платите и цените, секако ќе реагираме во рамки на нашиот мандат“, велат од Централната банка.

Сепак, ако се затегне монетарната политика, тоа ќе значи поскапување на кредитите и постепен раст на каматите. Со ова, уривајќи ја инфлацијата, на удар ќе бидат над 33 илјади семејства кои што имаат позајмено една милијарда и 45 милиони евра од банките на име станбени кредити, како и над 300 илјади лица кои имаат потрошувачки кредити во висина од милијарда и 716 милиони евра од банките.

Бидејќи инфлацијата е увозна и на страна на понудата, наместо монетарни, би требало да се преземат фискални мерки. На располагање се две опции. Тоа се ваучери за храна и за електрична енергија за најпогодените од инфлацијата и времено намалување на данокот на додадена вредност за одредени прехрамбени производи, но и за енергенсите.  

Ќе има ли фискални мерки против инфлацијата 

Што се однесува до воведување на ваучери за храна, од Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс Тинк велат дека ваква мерка може да биде опција само во исклучителни ситуации и за точно таргетирана категорија која е засегната, а не може да се опфати во постоечките механизми на Министерството за труд и социјалната политика.

Но, дали е можно времено да се намали ддв – то за храната, но и за енергенсите. 

Според податоците, ако се намали ддв – то за дел од прехрамбените производи на 0% на три или шест месеци, би се изгубиле во буџетот од 3,6 до 7,2 милиони евра.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.