Press "Enter" to skip to content

Продадени сите станови во „хотелот“ на Пелагонија Гостивар во Маврово

Една дозвола за градба од 1991 година, една понова за доградба на хотел кој што не постоел и неколку замижани институции биле потребни за да се изгради првиот станбен комплекс до ски терените во Маврово. Сето тоа се направило на државна земја која што инвеститорот Пелагонија АД Гостивар ја купил по цени десетина пати пониски од пазарните. 

Голем дел од хотелите градени во минатиот систем  и ден денеска предизвикуваат воздишки кај оние со истенчен вкус. На пример, изградбата на хотелот „Палас“ во Охрид во 1956 година била толку голема работа, што градските власти ангажирале еден од најистакнатите словенечки архитекти на 20 век, Едо Михевц. Така се раѓа објектот кој потоа прераснува во центарот на сите социјални случувања во Охрид, за жал, денеска напуштен.

Иако единствено постоеле и граделе компаниите кои тогаш биле во државна сопственост, а подоцна и во сопственост на колективот, конкуренцијата помеѓу југословенските градежници на домашно и државно ниво била жестока.

„Ние и сега со поранешни колеги од други фирми, како Маврово или Бетон, знаеме да се препираме околу тоа чија фирма направила поубава градба. Особено ако истата има социјален карактер, како, ете хотел. Фирмите се тепаа кој да најми подобар архитект, кој да понуди помодерна и похумана градба. На визија не штедевме, ниту на стручњаци,“ раскажува Трајан Стојчев, 77 годишен пензиониран инжинер од поранешната државна фирма АД Пелагонија. 

Поради пандемијата со Трајан Стојчев комуницираме преку телефон. Му ја испративме фотографијата од „Маврово Ресиденс 1“, првата станбена зграда во Националниот парк Маврово изградена од фирмата наследничка на Пелагонија Гостивар.

„Никогаш вакво нешто не би било можно да биде изградено како зграда, а камоли како репрезентативен објект во Национален парк. Ова е нечуено”,  Профитот пред се. Па видете го само оној грозен потпорен ѕид. Овие нехармонични бои и целиот овој бетон”, ни одговори Стојчев.

Маврово Резиденц 1 – Пелагонија АД Гостивар

Последниот државен директор

Александар Смилковски е син на Крсте Смилковски, последниот државен директор на АД Пелагонија, некогашен градежен гигант. Во доцните 90-ти, АД Пелагонија се приватизира следена со вообичаените контроверзи и обвинувања за криминални стечајни постапки. Родум Гостиварчанец, Крсте ќе ја преземе и приватизира Пелагонија АД Гостивар. Настаните кои за оваа приказна се важни, не почнуваат со приватизацијата туку со визијата на ексјугословенска Пелагонија за развиено и живо Маврово. Еден од последните нивни одобрени, но незапочнати проекти ќе биде изградбата на нов хотел во паркот со цел развивање на локалниот туризам, тренд кој почнува со изградба на низа капацитети низ Македонија во осумдесеттите, но непосредно пред распадот на Југославија.

Крсте Смилковски никогаш нема да ја заборави идејата на старата Пелагонија за нов модерен хотел во Маврово. Но, нивните визии драматично ќе се разликуваат. Така денеска, наместо да изгради жив, удобен  хотел до ски терените достапен за сите гости и добронамерници, Александар Смилковски продаде 105 стана во зграда која наликува на станбените скопски невкусни блокови изградени во последната деценија. Со тоа дел од територијата на Националниот парк неповратно замина во приватни раце.

ИРЛ открива како таткото успеал да излобира невозможни решенија од страна на системот и со старата градежна дозвола од 1991 да направи нов поинаков објект. Умира непосредно пред крајот, а потоа бизнисот продолжува со неговиот син којшто денеска е управител и сопственик на Пелагонија АД Гостивар. Ќе ви покажеме низа нерегуларности и правни апсурди во процесот на трансформација на стариот проект во новиот кој доведе до изградбата на првиот станбен комплекс во Националниот парк Маврово.

Сите документи според кои што се работеше сторијата погледнете ги на овој линк најдолу.

Приказната за жолтата зграда, како што ја нарекуваат локалците, почнува во 1991 година. Тогашното собрание на општина Гостивар, на државното претпријатие ГП Пелагоднија Скопје ЕЕ VIII градилиште Гостивар му издала градежна дозвола да изгради туристички депанданси – хотел. Земјата на која требало да се гради, била државна, а на претпријатието му била дадена на користење за надомест бидејќи според тогшните закони, земја во национален парк не смеела да се оттуѓува. Според одобрението за градба, инвеститорот бил должен во рок од една година да почне со изградба на објектот. Доколку не го сторел тоа, одобрението за градба требало да стане ништовно. Мачната приватизација која започнала, ги спречила напорите на компанијата да инвестира и тие не ги фатиле роковите.

Со формирањето на Општината Маврово и Ростуше во 2004 година, надлежностите се пренесуваат и од Собранието на општина Гостивар се префрлаат во оваа општина.

Повеќе од 18 години по оригиналната дозвола за хотел, ннвеститорот, сега веќе приватна компанија Пелагонија АД Гостивар, во 2008 година прво го приватизира земјиштето кое им било дадено на користење.

По две години откако ја купуваат цела земја од државата, во 2010 година Пелагонија Гостивар бара од општината да и издаде одобрение за доградба на централна ламела за туристичките депанданси. Всушност, тие тврдат дека од хотелот кој требало да го гради старата Пелагонија во 1991 веќе има изградено два крака, а тие бараат единствено да доградат централен дел којшто би ги споил. Во барањето кое Пелагонија Гостивар го доставува до општината тие се повикуваат на одобрението кое го добиле во 1991 година.

Со прегледување на историјата од гугл мапс, може да се види дека на локацијата каде што сега се наоѓа зградата до 2009 година нема ништо. Од 2009 може да се забележи раскопување на теренот, како земјиштето да се подготвува за градење.

Доградба на непостоечки објект

Никој од локалните жители не може да се сети дека во околината имало изградено два крака од хотелот.  Станува збор за атрактивна и впечатлива локација во Националниот парк, на сто метри од ски терените и веднаш над хотелот „Бистра“.

„Јас како дете сум одел во тие туристички центри, но тој објект не го паметам. Од разговорот со службите знам дека во 1991 годиназа скоро 80 проценти од објектот е дадена дозволата, а потоа во 2011 е дадена дозволата за тој централниот објект што треба да ги спои тие два објекта,“ вели Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово и Ростуше.

Го прашавме како се спојува нешто со нешто што не е изградено, но тој се повика на старото раководство. 

Проектот за „хотелот“ неколку пати враќан на доработка  

Процедурата за Пелагоднија АД Гостивар да добие одобрение за доградба  траела неколку месеци. Проектот неколку пати бил враќан на доработка. Два месеца пред да биде издадено правосилно одобрение за градење општината ја прекинала цела постапка за издавање на одобрение за градење со образложение дека проектот има недостатоци кои треба да бидат отстранети.

Документите откриваат дека Пелагонија АД Гостивар во првичното барање за одобрение за градење испуштила да приложи решение за прочистување на отпадните води кои што според планот на инвеститорот, ќе се испуштаат во Мавровоското езеро.

Барање за отстранување на недостаток испратено од Општина Маврово и Ростуше до Пелагонија АД Гостивар

Во еден документ општината му кажува на инвеститорот дека треба со боја да ги одвои објектите кои што се изградени од оние кои што не се, односно од оној за кој се бара дозвола. Од документите кои ги доби ИРЛ не може да се утврди како општината се уверила дека на тоа место веќе  постои изграден хотел.

Сепак ИРЛ не ги доби сите документи од Општината, ниту пак објаснување зошто документите ни се дадоа селективно. Оттука не можевме да имаме увид каква била улогата на инспекциските служби на општината.

Добил дозвола за хотел, изградил станбена зграда

Преписката со институциите кои требале да го одобрат проектот траела со месеци. Највпечатливата замерка е што во еден допис што општината го испратила до Пелагонија Гостивар во јули 2011 година, се вели дека во проектот се споменувал станбен објект, а во основниот проект за кој се барало одобрение за доградба пишувало туристички депанданси – хотел. Ова е недостаток кој општината побарала инвестирот да го отстрани од проектот.

Најверојатно на хартија инвеститорот го сторил тоа, но ИРЛ не ги доби на увид сите документи поради несоработката со одредени институции.  Иако станбениот објект го немало во проектот, на падините на Бистра си постои.

Наместо туристички депанданси кои биле предвидени до деталниот урбанистички план за оваа локација и со одобренијата кои општината ги издала, Пелагонија Гостивар  изградила станбен објект.

Ова очигледно не било проблем за тогашната општинска администрација, затоа што сопственикот на АД Пелагонија Гостивар направил настан и  јавно го означил денот кога почнал да ги продава становите.

Од лево кон десно – Влатко Богоевски сопственик на ФОРТОН МКА, Александар Смилковски и Крсто Смилковски сопственици на Пелагонија АД Гостивар и Мукрем Мехмеди поранешен градоначалник на Општина Маврово и Ростуше

На настанот, сопственикот Александар Смилковски рекол дека целата инвестиција чинела околу 3,2 милиони евра, а објектот ќе го направел Маврово одлична дестинација низ целата година за оние кои го сакаат планинскиот туризам.

„Целиот комплекс, со сите негови внатрешни и надворешни содржини, е направен според најсовремени стандарди и трендови за домување. Наместо да изградиме уште еден хотел, направивме комплекс на станови каде секој може да стане сопственик на стан во Маврово,“ изјавил Смилковски. 

Ниту по оваа јавна изјава инспекторите на општината не направиле проверка на објектот, или пак и покрај проверките, оставено било инвеститорот да продава станови, наместо да изнајмува соби и апартмани.

Општина Маврово слепа пред незаконската трансформација

Професорот Мирослав Грчев, вели дека е недозволиво да се толерира некој што изградил станбен објект, на место каде што требало да има хотел.

„Ако некој според детален урбанистички план и според одобрение за градба треба да изгради хотел, а наместо тоа тој гради станбен комплекс. Тоа е спротивно на законот и на ваквите локации треба општинаската инспеција да врши надзор, а ако тие не го направат тоа, треба да интервенира и Државниот градежен инспекторат,“ вели Грчев. 

Во првата зграда изградена до ски патеките во Маврово имало два типа на станови. Станови за купување и станови за изнајмување, кои можат да се изнајмат најмалку на една година. Според информациите од Фејсбук страницата на Пелагонија, станови се продаваат и во она што во проектот било предвидено да биде сутерен и требало да има фоаје, магацин, скален простор, лифт и трем. Комуналиите биле пресметани како за сутерен од 257 метри квадратни.

Евтина инвестиција

Инвестицијата за „Маврово Резиденс 1“ не чинела многу. Пелагонија АД Гостивар целиот објект го изградила врз државна земја приватизирана и откупена по цени и до десетина пати пониски од пазарните.

Земјиштето на кое е изграден овој објект било целосно државно. Во 2008 година, поради правото на користење кое го имал во наследство од некогашното државно претпријатие, тој можел да побара приватизација на ова земјиште.

Оттука тргнало се. Првичните парцели на кои било планирано да се направи изградбата биле 2102 метри квадратни. И врз база на оваа приватизација тој веќе има 30 отсто од  парцелата. Му фалеле уште 4,850 м2 за да го изведе замислениот проект – хотел.

Со законот за откуп на градежно земјиште за дооформување на парцела, Пелагонија АД Гостивар, станала сопственик на парцела од речиси 7000 метри квадратни.

Според тарифниците кои ги има донесено Владата, приватизацијата на првите парцели чинела 340 денари по метар квадратен, додека пак откупот за дооформување на парцелите чинел 70 денари по метар квадратен. Според податоците до кои што дојде ИРЛ, финансиските служби во општината не биле среќни со ниската цена, па побарале независен проценител да ја цени земјата којашто е продадена по 70 денари по квадрат. Проценителот дал цена од 25 до 30 евра, а не е евро и нешто, па општинските службеници наплатиле данок по проценетата цена.

Но, проценителот којшто го нарачале општинските службеници не влијаел врз одлуката на градоначалникот, па се случила апсурдна ситуација: општинските финансиски служби наплатиле данок на имот според цената на проценителот, а градоначалникот склучил договор за едно евро по квадрат и ја ингорирал проценетата вредност.

Тоа значи дека 30 проценти од земјиштетот врз кое што се наоѓа „хотелот“ е купило за 5,5 евра по квадрат, додека останатите 70 проценти општината им ги продала за 1 евро и 15 центи по квадрат. За неколку илјади евра, тие се стекнале со 7,000 метри квадратни градежно земјиште во паркот.

Тендерското миленичето на Град Скопје: Од успешен старт со Трајановски до плодна соработка со Шилегов

Подемот на новата Пелагонија Гостивар почнува пред околу 10 години, но бизнисот најдобро врви во последните шест. Во периодот од 2014 до 2020 година компанијата добила најмалку 22 милиони евра во државни тендери. Повеќе од половина од нив или 12 милиони евра ги добиле од Градот Скопје. Старата администрација со Трајановски им го доделува и првиот голем тендер за рабогта на територијата на Скопје. Добрата соработка продолжува и со администрацијата под водство на градоначалникот Петре Шилегов.

Пелагонија Гостивар работи и во општините Маврово и Гостивар. Во Маврово тукушто ја завршија нова општинска зграда. Најголем дел од работата на оваа фирма е со државни и јавни институции.

Александар Смилковски: Нема јас да истражувам со вас 

Пелагонија АД Гостивар не одговори на нашите писмени прашања. Сопственикот Александар Смилковски во телефонски разговор ни рече дека „немал намера да истражува со нас“ и затоа не би разговарал на оваа тема.

„Си имам јас друга работа, ние работиме законски,“ рече кусо и спушти. 

Најголемите институционални опструкции во обезбедувањето на документите за овој проект, ИРЛ ги имаше токму за овој објект. Општината Маврово не ни одговори на барањата за клучните инспекциски документи, додека градоначалникот Медат Куртоски вети дека ќе провери за што станувало збор во врска со овој објект.

Ова истражување е дел од проектот “Бетонизација на Маврово”. Тимот од новинари, графички дизајнери и видеографери работеше повеќе од три месеци и собираше и обработи повеќе од 3,000 јавно достапни документи со цел да ја раскаже приказната за рапидната и непланска градежна урбанизација на Националниот парк Маврово. Сите стории и докуметенти погледнете ги овде.

Бетонизација на Маврово

Поврзани стории со проектот Бетонизација на Маврово:

Трансформацијата на Маврово инспирирана од Банско

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.