Press "Enter" to skip to content

Вонредна инспекција во Општина Тетово поради професорот Фатон Мурсели

Легализацијата на диво изградената викендичка на професорот Фатон Мурсели на Попова Шапка донесе вонредни контроли во Општина Тетово. Модерната куќа е изградена на диво на државна земја, а Агенцијата за катастар веќе утврди дека е легализирана со незаконски геодетски елаборат.  

Известуваат: Иван Блажевски; Пелагија Стојанчова

Државниот управен инспекторат започна вонредна инспекција во Секторот за урбанизам и во Општинскиот инспекторат во Тетово, јавен обвинител собира информации, а Министерството за внатрешни работи (МВР) најави поднесување пријава по документирањето на сите детали поврзани со незаконската легализација на викендичката на Попова Шапка на универзитетскиот професор Фатон Мурсели од Тетово.

Нелегално изградената викенд-куќа на универзитетскиот професор Фатон Мурсели на Попова Шапка

Ова следува по сториите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во која новинарите открија незаконитости во постапката за легализација на дивоизградената куќа од 132 м2 на државна земја, а која угледниот професор на Тетовскиот државен универзитет ја добил како подарок.

„Издадени се два налози за вршење на вонредни инспекциски надзори и тоа: налог за вршење на вонреден инспекциски надзор кај Општина Тетово – Сектор за урбанизам и управување со градежното земјиште и налог за вршење на вонреден инспекциски надзор во Општинскиот инспекторат“, соопштија за ИРЛ од Државниот управен инспекторат.

По завршување на вонредните инспекции, како што додадоа од оваа институција, дополнително ќе ја известат јавноста за резултатот од проверките.

Кон крајот на минатиот месец од Агенцијата за катастар ги потврдија наодите на ИРЛ дека имало неправилности во постапката за легализација на објектот.

ИРЛ на почетокот на март објави сторија во која откри дека професорот Мурсели во 2024 година добил на подарок модерна викендичка на Шапка.

Легализацијата на објектот почнала во 2016 година кога лицето Сали Исени од тетовското село Нераште, роднина на Мурсели, поднел барање за легализација. Со нотарска изјава потврдил дека викендичката е изградена пред 2011 година, услов што се бараше со Законот за легализација на дивоградбите.

Но, ИРЛ откри дека на плацот немало куќа сѐ до 2024 година. Информациите за злоупотреби вклучуваат неточен геодетски елаборат, фалсификуван инспекциски надзор, но и известување од МВР дека Фатон Мурсели е можен сторител на кривичното дело „самовластие“.

МВР и Обвинителството го истражуваат случајот

Од МВР неделава нѐ информираа дека СВР Тетово со Основното јавно обвинителство Тетово преземаат мерки и активности за целосно расчистување на сите детали од случајот. По целосното документирање, до ОЈО Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок, додадоа од полицијата.

До овој момент до обвинителството не е доставено известување за преземените дејствија или кривична пријава, а од државното Јавно обвинителство за ИРЛ појаснија дека СВР Тетово сѐ уште постапува по насоките и наредбите на јавен обвинител.

Во геодетскиот елаборат кој бил дел од неопходната документација за легализација на дивоградбата, ИРЛ откри дека на дигиталниот потпис на Ајдин Нуредини, управител на геодетската фирма Геополог од Тетово којашто наводно во 2017 година го изготвила елаборатот, нема датум и време што треба да гарантира кога документот е изработен.

Модерната викендичка на професорот Фатон Мурсели

Од Агенцијата за катастар за ИРЛ посочија дека откако изминативе недели извршиле проверка во нивниот систем утврдиле оти овој електронски потпис на документот е невалиден.

Дополнително, во геодетскиот елаборат новинарите најдоа и страница што личи на оригинален податок од извршено геодетско теренско мерење. Но, таму не најдовме електронски доказ оти на 22.09.2017 година (датум којшто е наведен на документот) геодети од „Геополог“ биле на Попова Шапка и ја измериле куќата за која Сали Исени барал легализација. Но, му изготвиле елаборат во кој е наведено дека во 2017 година на плацот имало куќа од 132 квадрати.

Од Агенцијата за катастар потоа ни открија дека според нивната евиденција, во тој ден во предметот за легализација на дивоградбата на Сали Исени, тие воопшто не мереле на Шапка, иако Нуредини за ИРЛ тврдеше дека во тој ден геодети од фирмата биле во ски-центарот.

По овие информации ИРЛ праша во Општина Тетово дали поради овие утврдени неправилности на Агенцијата за катастар се подготвени да го поништат Решението за легализација на викендичката на професорот Фатон Мурсели.

„Доколку надлежните институции утврдат правни прекршувања и донесат официјална одлука за валидноста на доставената документација, Општината ќе постапи согласно законот и ќе преземе соодветни мерки, вклучително и разгледување на можноста за поништување на одлуката за легализација“, одговорија од Општина Тетово.

На 12 јуни минатата година Советот на Општина Тетово на седница изгласал да бидат легализирани 32 дивоградби. Позитивна оцена за легализација, со одлука на Комисијата за урбанизам, добила и дивоградбата на Сали Исени, а тој подоцна му ја подарил на професорот Мурсели.

Претседателка на Комисијата за урбанизам е сопругата на професорот, Ревиде Рамани Мурсели. Но, иако Комисијата за урбанизам донела одлука за легализациите, како што беше кажано на седницата на општинскиот совет, Рамани Мурсели ни рече дека за дивоградбите не одлучувала Комисијата за урбанизам, туку сосема друга комисија.

Во Општина Тетово нѐ информираа дека кај нив решение чекаат уште околу 2 000 барања за легализација на дивоградби. Законот за легализација е во сила до март идната година.