Press "Enter" to skip to content

Полноќни приказни од Собранието: Новинарските прогнози и очекувања од лидерската средба

По седум часа преговори, Заев и Мицкоски од Собранието си заминаа без договор. Новинарите во два часот по полноќ го напуштија Парламентот со по некоја штура информација од преговарачките тимови. 

Премиерот Зоран Заев пристигна прв во Собранието и им понуди на новинарите да даде изјава. Но, дел од нив го одбија и рекоа дека ќе го чекаат исходот од средбата. По десетина минути дојде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и точно во 20 часот почна лидерската средба, а вратите за јавноста се затворија.

Новинарите чекаа еден кат погоре во собранискиот прес-центар. Првичните прогнози беа дека за два до три часа ќе заврши средбата. Во меѓувреме шпекулираа меѓу себе што ќе биде договорено, иако без некаква еуфорија и големи очекувања.

Новинарката на ТВ24 Душица Мрѓа која редовно известува од лидерските средби, за евидентната рамнодушност во јавноста вели дека тоа се должи на презаситеноста на граѓаните од „историски договори“.

„Пржинскиот договор и формирањето на СЈО беа тест дали такви состаночиња може да доведат до подобра држава. Сето она што се случува перидов и со СЈО и со одредени придобивки од Пржинскиот договор, е доказ дека требало поинаку, во поинаков формат. Токму затоа сметам дека опуштената атмосфера на вечерашниот состанок, е само логична последица на сето тоа. Впрочем, ако не успее денеска, ќе има утре нова лидерска средба“, вели Мрѓа.

Еден час после полноќ, од преговарачките тимови ни трага, ни глас. Меѓу новинарите се шпекулира дека Заев и Мицковски немаат мрднато од првичната точка. Доколку двете партии не притискаа за своите интереси, дали средбата ќе се одвиваше далеку од очите на јавноста?

Мери Јордановска од „Макфакс“ вели дека ваквиот начин на договарање оддава впечаток дека станува збор за политички процес каде секоја партија ќе проба да приграби нешто за себе.

„ВМРО ќе проба да уценува за предвремени парламентарни избори, а на сметка на тоа ќе направи неколку отстапки во законот. Овој проблем требаше да се реши со работни групи, експерти и поборници на организиран криминал и корупција, а не зад затворени врати помеѓу партиски лидери. Секогаш кога има вакви случаи на преговарање меѓу партии, во заднина стојат партиски уценувања и ултиматуми меѓу едните или другите“, потенцира Јордановска.

Но, кога зборуваме за партиски лидери, ултиматуми и уценувања помеѓу СДСМ и ВМРО, недостасува една важна состојка. Дел од новинарите се прашуваат, како ДУИ се вклопува во целата приказна. Досега ниедна важна одлука не е донесена без нив, па оттука природно е тие да учествуваат и при одлучувањето за судбината на СЈО.

Фуркан Салиу од „Клан“ смета дека воопшто не е чудно што нема албански преставник.

„Не е чудно затоа што ВМРО и СДСМ ги имаат бројките, обично ги користат по потреба само кога ќе им притребаат. Така беше со ВМРО и ДУИ, така е сега со СДСМ и ДУИ. Ако би одлучувале, ако би биле битен фактор, би биле присутни тука“, вели Салиу.

Новинарот Огнен Чанчаревиќ смета дека иако не видливо на преговарачката маса, сепак ДУИ е целосно вклучена во процесот за решавање на иднината на СЈО.

„Јасно е дека Законот за јавно обвинителство нема допирна точка ни со правото, ниту со законите. Законот ќе биде така напишан да им одговара на трите најголеми политички партии чии високи функционери се или осомничени или обвинети или под истрага. Иако изгледа како процес на преговори помегу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, јасно е дека се е со одобрување на ДУИ иако тие навидум се исклучени од процесот. Законот би би добар и правичен исклучиво кога би бил изработен од правници и експерти. Во моментот кога политика влегува во правото, правдата излегува низ прозор“. вели Чанчаревиќ.

Два часа после полноќ, а шест часа откако почна средбата нетрпеливоста во прес центарот расте, а со неа и безнадежноста дека ќе се постигне договор од кој бенефит би имал било кој освен лидерите и нивните партии. Новинарите се изреволтирани. Голем број од нив биле веќе на толку многу лидерски средби, што не можат да ги избројат. Ниедна средба досега не го донела посакуваниот резултат. Еден новинар дава предлог сите да си заминат, додека другите се прашуваат зошто пак би чекале. За уште едно разочарувачко пазарење помеѓу моќниците. Новинарите во два часот по полноќ го напушија Собранието.

Преговорите пропаднаа

Ова на социјалните мрежи го соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антониот Милошоски утрово на својот Фејзбук профил. Во недостиг на официјална изјава, неофицијалните информации се дека тимот на Мицкоски инсистирал со закон да се укинат предметите на СЈО отворени по 30 јуни 2017. Власта понудила да се направи ново обвинителство за висока корупција на чие чело ќе биде јавен обвинител предложен од опозицијата, а поддржан од 61 пратеник кој ќе може да покренува предмети доколку се утврди дека има криминал и во власта. Опозицијата барала кај него да бидат префрлени и предметите од првите 18 месеци отворени од СЈО, барајќи можност за нивно застарување, одолговлекување и оневозможување на нивните судски завршници.

„Нивната единствена цел беше уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни, а тоа сакаа да го постигнат преку тоа што нивни обвинител би ги преземал сите предметите за да подоцна ги затвори и уништ. А, предметите после 30 јуни да се затвореле со закон.Власта им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери, од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт. Предлогот беше Шеф на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа го одбија зашто нив не ги интересира иднината на правната држава, нив ги интересира да нема правда за предметите на СЈО“, брифираат извори од СДСМ кои учествуваа во преговорите

 

 

 

 

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »