Press "Enter" to skip to content

Почна постапка за избор на новиот состав на Антикорупциска комисија

По речиси една година без Антикорупциска комисија, Собранието го објави огласот за избор на новиот состав. Ќе се избираат претседател и шест члена со мандат од пет години, без право на повторен реизбор. Огласот е објавен во дневни весници и ќе трае седум дена.

При изборот, според новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на подеднаква родова застапеност. Односно ќе мора да има најмалку две жени и двајца антикорупционери Албанци.

Согласно огласот, новиот претседател и членовите на Антикоруциската комисија треба да ги исполнуваат следните услови:

Да се државјани на РМ со постојано место на живеење, да имаат деловна способност, високо образование со најмалку 300 ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или високо образование со стекнати најмалку 240 кредити од областа на политичките, комуниколошките или економските науки. Потоа, да имаат најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование од кои најмалку осум години во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување. Да не е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност. Услов е и претседателот на ДКСК  и неговите колеги во последните десет години да не биле пратеници во Собранието, членови на Владата, да не биле донатори на политичка партија или да не вршеле функција во органи на политичка партија.

Членови на новиот состав Антикорупциската комисија не може да бидат лица кои биле антикорупционери во изминатите години.

Собранието ќе испрати покани до три институции кои треба да испратат свои претставници кои ќе присуствуваат на интервјуто на кандидатите. Тоа се: Народниот правобранител, МАНУ и Интеруниверзитетската конференција. Повик ќе добијат и здруженија на новинари, други здруженија и фондации со искуство од најмалку пет години во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието во рок од седум дена од објавување на огласот ќе формира Комисија за селекција на кандидатите која е составена од седум членови. Еден член номиниран од Народниот правобранител, претставник на здружението односно фондацијата назначен за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото, претставник на здруженито односно фондацијата назначен за член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа Медиуми и информатичко општество, двајца пратеници од власта и двајца пратеници од опозицијата.

Откако ќе се објави листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите, во рок од пет дена ќе се организира интервју кое ќе се емитува на Собранискиот канал. Интервјуто ќе го спроведува Комисијата за селекција на јавна седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Во рок од три дена откако ќе се спроведе интервјуто Комисијата за селекција ќе утврди ранг листа на кандидатите согласно критериумите и најдобро рангираните ќе му ги предложи на Парламентот со единствена предлог листа за претседател и членови на ДКСК. Доколку Комисијата не ја утврди листата во утврдениот рок, Собранието ќе расправа и гласа поединечно за секој од кандидатите кои ги исполнуваат условите согласно ранг листата составена од Комисијата за селекција.

Законот за спречување на корупција и судир на интереси беше усвоен на 17-ти јануари во Собранието со 81 глас „за“ и ниту еден „против“. Власта прифати 20 од вкупно 40 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Со новото законско решение се зголемуваат надлежностите на Комисијата, при што таа сега ќе води постапка за контрола на финансирањето на политичките партии и ќе ја следи законитоста на финансирањето на изборни кампањи.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека е квалитетен европски закон во кој се инкорпорирани препораките на Европската комисија и експертската група на господинот Прибе.

ДКСК ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право да пратат иницијатива до ДКСК и доколку е основана комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето.

Новина е обврската ДКСК да прави проценка на ризик од корупција и на годишен план за проверка на анкетни листови на функционери и финансирање на политички партии, дури и кога нема сомневања. ДКСК ќе има директен увид во банкарските сметки на носители на јавни функции и ќе има директен пристап во најмалку 64 бази на податоци за вкрстена проверка на имотната состојба. Внесена е надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавни набавки.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »