Press "Enter" to skip to content

Партиски подобни аматери најбројни помеѓу директорите на Управните и Надзорните одбори

Лица без искуство од областа во која биле назначени  и лица  со завршено основно или средно образование ги управуваат и го надледуваат работењето на јавните претпријатија. Ова го покажува најновата анализа на Социетас Цивилис, „Кој таму управува“. Според анализата  во управните и надзорните одбори во мали градови или пак рурални општитини се назначуваат лица со завршено основно или средно образование кое е несоодветно за областа во која се назначени, како на пример, автолимар во јавното комунално претпријатие во Илинден или пак фризер во комуналното претпријатие во Петровец.

„Образованието е јасен формален критериум за именување утврден во законската рамка. Исполнувањето на критериумот лесно се утврдува со преглед на дипломи, а различната интерпретација е прилично тешка. Оттука, постоењето на вакви случаи фрла сенка на процесот на именување и го доведува во прашање базичниот интегритет на процесот“, се вели во анализата.

Во надзорните одбори, кои треба да го надгледуваат материјалното и финансиско работење на институциите и се места каде што би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска позадина, 22 проценти биле со техничка струка, 12 од општествените науки, а во одборите има дури и луѓе со уметност или хуманистички науки.

Најголемиот недостаток во процесот на именување на раководните структури, според студијата, е недостигот на искуство кај лицата на раководни позиции. Според анализираните биографии, повеќе од половина, односно 51 проценти од именуваните лица немаат искуство од областа на работата на институциите или, пак, тоа искуство е до пет години. Недостиг од искуство во работата се забележува и кај членовите на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.

ИРЛ објави два одделни случаи за лица  кои се блиски до владејачката партија и на предлог на Владата станале членови во Надзорен одбро на Државната лотарија.

Во првиот случај, Моника Зајкова има 28 години и е претседател на младите либералдемократи. Таа, по професија е правник, магистер од областа на граѓанско право на Факултетот за Правни науки при ФОН. Пред година и пол, на јавен оглас била избрана за помлад соработник за струно аналитички работи во кабинетот на претседателот на Собранието. Кога ја прашавме како е избрана за член на Надзорниот одбор и дали за таму била најдобриот избор, Зајкова ни одговори „Па видете ги критериумите според кои се врши избор“.

Вториот случај е за Александар Димитриоски, дипломиран инженер за храна и вино со работно искуство во земјоделска аптека и Г.Д. Тиквеш Кавадарци кој исто така е член на надзорниот одбор на Државната лотарија. На неговиот фејсбук профил можат да се најдат слики од конвенција на СДСМ или на пример заедничка фотографија со пратеници од СДСМ, меѓу кои и најславната во моментов Мира Стојчевска.

Во анализата се заклучува дека фокусот мора да се стави и на искуството, а не само на степенот на образование. Друга мерка што се предлага е воведувањето транспарентни процедури за пријавување и избор во кој ќе биде вклучена и јавноста, а од новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата се бара и да се провери дали постоечките именувани лица ги исполнуваат критериумите за да бидат на позициите на кои се поставени.

Друго нешто на што се посочува во анализата е дека само 29 отсто од управувачките структури им припаѓаат на жените, што е во спротивност со политиките за промоција на родова еднаквост.

„Најголемата нерамнотежа е забележана кај директорите на институциите, каде само 5% од именуваните лица се жени. На спротивната страна отскокнува состојбата кај колективните органи, каде 43% од членовите се жени. Резултатите сугерираат дека во овие случаи, најчесто комисии, се води повеќе грижа за родова застапеност, па процедурите и праксата кај овие институции имаат подобар исход“, се вели во анализата.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »