Press "Enter" to skip to content

Откажан протестот на Нефи Усеини против уривање на дивоградбите, кои и така не се рушат

Општинскиот советник во Охрид и сопственик на неколку дивоградби од редовите на ДУИ, Нефи Усеини, го откажа протестот планиран за денеска пред општината.

Од СВР Охрид потврдуваат дека протест бил закажан, без да посочат кој стои зад организацијата и добиле известување дека истиот нема да се одржи.

На 22.септември, преку Фејсбук, Усеини најави протест поради начинот на кој се одвивала акцијата за уривање на дивоградбите и беше изнесено мислење дека акцијата се спроведува селективно и дека наместо објектите кои се закана по статусот на Охрид во УНЕСКО се уривале куќи и џамии.

Меѓутоа во Охрид, иако е најавено дека во септември ќе се уриваат дивоградбите, оставено е на добра волја на самите сопственици и во моментов не се урива.

Досега само двајца сопственици на два различни објекти сами ги отстраниле дивоградбите долж крајбрежјето, а на останатите им е даден, како што велат од локалната самоуправа, разумен рок за да ги отпочнат активностите.

На 20. септември започна акцијата која е по препорака на УНЕСКО, а откако започна рушењето на првата дивоградба, сопствениците се појавиле во понеделникот во општината и со изјава заверена на нотар се обврзале дека самите ќе го направат тоа во наредните 20 дена.

Се работи за објектот на улица „Марко Нестороски“, претходно означен и запечатен како дивоградба, но и натаму продолжил да се гради. Тројца градежни работници беа уапсени на почетокот овој месец бидејќи беа затекнати од градежните работници како работат на објектот.

Кој е сопственикот и инвеститорот на куќата не соопштија од општината.

Во Охрид се идентификувани 1.076 дивоградби, а во заштитеното централно подрачје 409. Меѓу нив е и пицеријата на охридскиот советник Нефи Усеини. Ниту една од нив засега не е урната. По препораките на УНЕСКО локалната власт донесе одлука за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови, со што се воведе мораториум за градба.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека уривањето на дивоградби во Охрид ќе почне во септември.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »